1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонски „Брегзит“

9 јули 2022

Незадоволството од францускиот предлог почнува да ги кине врските на македонското општество со ЕУ. Клучна улога одигра Унијата, а ѝ помогнаа опозицијата, власта и експертите за европски прашања. Пишува Љупчо Поповски

Се движи ли Македонија кон својот сопствен „Брегзит“ при непочнати преговори со ЕУ, па дури и при неусвоена преговарачка рамка? Некој може да рече дека ова е изнасилена дилема, но френетичната „расправа“ околу  францускиот предлог за компромис меѓу Македонија и Бугарија  донесе толкава недоверба во македонската јавност кон Европската унија што ја доведува во прашање и самата идеја за приклучување во европскиот блок. Не е во прашање тоа дали Скопје може да го прифати овој предлог, туку дали неговото аминување ќе ја драматизира до крајни граници ионака огромната поделба на општественото ткиво.

Не е ни прашање дали македонското Собрание ќе ја одбие оваа преговарачка рамка. Шансите тоа да се случи сега се поголеми од оние да се прифати. Или пак да постави услови кои 27-члениот блок не ќе може да ги прифати кои ќе ја остават македонската европска перспектива во целесно лимбо. Главното прашање е прозаично – што е следно? Никој од оние жестоки поборници на тврдењето дека предлогот треба да се одбие нема вистинска идеја што би се правело понатаму. Како што немаат идеја ни поддржувачите на предлогот како би изгледала веројатната макотрпна битка со поглавјата не со тешките европски барања, туку со можните нови и нови бугарски мини. Клучот на нивното објаснување (како што тоа едноставно ѝ го образложи на македонската јавност српскиот претседател Александар Вучиќ) е нашиот вагон да биде поставен на европските шини, а потоа проблемите ќе се решаваат еден по еден. Првиот во овој момент изгледа најголем – внесувањето на Бугарите во Уставот.

Двајца поранешни министри за надворешни работи, Никола Димитров и Никола Попоски, во четвртокот во гостувањата на две различни телевизии, понудија некакви идеи што може да се прави понатаму по одбивањето на предлогот. Но прашање е дали тие може да се наречат и идеи. Димитров, кој прв го крена знамето за одбивање на предлогот и поведе зад себе дузина „европски експерти“, размислува дека би можел да биде адвокат во некаква тужба или судски процес против бугарските барања во некој суд. Таков процес еднаш водевме во Хаг и тој беше дел од македонскиот правен тим во тужбата против Грција. Македонија го доби тој процес поврзан со грчкото вето за НАТО, но исходот немаше никакво влијание врз однесувањето на Алијансата, ниту ја промени нејзината одлука. Освен евентуална морална сатисфакција при можна победа, резултатот би бил неприменлив. Тоа ќе биде повторно губење време.

Никола Попоски вели дека ЕУ досега не ѝ дала гаранција на која било земја која го почнала процесот на пристапување за тоа кога ќе стане членка и дали ќе има нови услови. Единствената гаранција била дека некогаш, еден ден, ќе стане членка. Тој предлага да се упати барање до францускиот и германскиот парламент да усвојат декларации во кои ќе се наведе „нашето право да имаме македонски јазик, да се чувствуваме како Македонци и во иднина тие да бидат дел од ЕУ во моментот кога ќе станеме земја-членка“. Ова можеби изгледа примамливо, но е дипломатски наивно. Затоа што за да станат дел од европската политика спрема Македонија пак ќе треба да има едногласност. Во блокот кој има испрeплетени меѓусебни интереси ова е речиси невозможно да се постигне. А што да се прави со понудената преговарачка рамка? Да се прифати? Да се одбие? Ако се одбие, кога зад неа застанаа со официјални изјави и Берлин и Париз, како да бараше декларации за Македонија од нивните парламенти.

Протести и блокади во Скопје поради францускиот предлогФотографија: Petr Stojanovski/DW

Евроскептици

Оваа идеја на Попоски се води од предлогот на Едвард Џозеф такво нешто да направи Џо Бајден за, како што рече, „да го заузда бугарскиот национализам“. Но САД не се дел од ЕУ и тешко можат да им наложат на европските партнери какви чекори да преземаат во еден билатерален спор кога една членка на Унијата (Бугарија) е екстремно важна во геополитиката со руската инвазија на Украина.

Најконтроверзно во целата оваа ситуација е однесувањето на дел од лицата кои досега важеа за признати про-Европјеци и незаобиколни експерти за европски прашања и промотори на европеизмот. Одеднаш, при толкувањето на конфликтните точки на францускиот предлог, тие станаа евроскпетици. Не заради тоа што имаат легитимно право да го критикуваат овој предлог (и улогата на македонската дипломатија во неговото изготвување), туку затоа што не понудија валидно толкување кон каде би се движело македонското општество по одбивањето на францускиот предлог и дали ќе има доволно гравитациски сили тоа да остане заедно без да има големи потреси кои ќе почнат уште повеќе да го дробат. Во толкувањето на ваквиот „компромисен“ предлог би требало да се обрне повеќе внимание на интересите на геополитиката, огромните права на членките на еден блок, отколку само на стручното толкување на одредени параграфи во понудениот документ. Тоа е клучниот недостаток во анализите на институтите и нивните експонирани претставници.

Ако „воздушестите“ размислувања на Димитров и Попоски за одговор на прашањето – што е следно, идеите што се појавуваат за одржување на референдум за  францускиот предлог може да ја втурнат Македонија во ров од кој не е јасно како ќе може да излезе. И тоа ќе биде клучната страница за македонскиот „Брегзит“. Не само што е илузорно да се одржува референдум за преговарачка рамка (а со тоа политичките елити да се откажат од самиот концепт за една демократија – да се понесе одговорност за владеењето и да се носат одлуки за што се добива мандат на избори), туку тоа би можело да ја однесе Македонија во таква самоблокада која може да ја парализира. Доколку има референдум и, како што стојат сега работите, се одбие овој предлог на ЕУ, сосем нормално ќе биде и за следната преговарачка рамка да се одржи референдум. И ако на тој биде одбиена и таа преговарачка рамка, ќе чекаме трета, па и за неа ќе организираме референдум. Тоа сигурно ќе се претвори во целосна европска парализа на Македонија.

Не е прашањето дали тоа би бил „макотрпен и долготраен процес... за многу комплексни прашања“, како што објаснува Симонида Кацарска од институтот ЕПИ, туку што би донел тој за Македонија. Никој не треба да биде наивен дека таквиот референдум широко ќе ја отвори вратата кон власта за антиевропските десничарски популисти.

Јасно е дека Македонија е во конфузија. Паролите дека државата и народот ќе се бугаризирале се бесмислени и злонамерни. Оваа територија на Македонија беше на два пати под бугарска окупација во последните сто години – првиот пат од 1915 до 1918, а вториот од 1941 до 1944 – па ниту се бугаризираше, ниту беше сменет идеnтитетот на овој народ, ниту неговиот јазик, неговата историја, ниту неговиот национален ген. И сега со тврдењата дека со наводни два, три... пет параграфи во преговарачка рамка ќе може да се направи тоа е вистинско подметнување. Или, пак, како што стои во една точка во непотврдениот Протокол, со промената на една лекција од учебникот за VII одделение околу цар Самоил, за која наводно се согласиле историчарите од мешовитата комисија. Ако Македонците мислат дека нивниот идентитет и јазикот зависи од таа лекција за уточнување на историските аспекти на царството од 10. и 11. век, тогаш имаме проблем.

Сегашните пораки на Макрон немаат голем одек во македонското општествоФотографија: Christophe Ena/AP Photo/picture alliance

Задоцнети европски пораки

Познатиот бугарски професор на западните универзитети, Димитар Бечев, во својот текст од пред неколку дена за „Политико“ умно забележува: „Кога Американците велат дека нешто е историја, тие мислат дека прашањето за кое станува збор повеќе не е важно. За Европејците, тоа е токму спротивното. Ако е историја, тогаш навистина е важно. И во оваа смисла, Бугарија и Македонија се вистински европски земји".

Ако се вистински европски земји, особено од Балканот, тогаш како Европската унија не успеа да го види тоа. Или имаше разбирање за историскиот наратив што доаѓаше само од Софија, бидејќи таа е дел од клубот. Нема никакви дилеми дека за големото внатрешно раслојување на Македонија клучна улога одигра Унијата затоа што немаше конзистентна политика и не ги испорача своите ветувања. Сега, кога зовре македонскиот котел, нејзините врвни претставници се обидуваат да го амортизираат своето недејствување (Македонија дури 17 години е со кандидатски статус), но нивните пораки – дали преку Шарл Мишел во Скопје, дали преку обраќањето на Емануел Макрон или на високите функционери од Берлин – имаат речиси маргинален ефект врз вознемиреното општествено ткиво.

Пораката на Макрон  со зборовите: „Вашето достоинство како македонски народ е стекнато: тоа никогаш нема да биде доведено во прашање... Овој договор не го доведува во прашање официјалното постоење на македонски јазик, кој е составен дел на вашиот идентитет“, се силни и јасни, но нивниот одек овде сега е мал. Јавноста го има во неизбришливо сеќавање срамното негово вето од октомври 2019. Ова сега изгледа предоцна и премалку.

Љупчо Поповски, автор на колумнатаФотографија: Petr Stojanovski

Европскиот шеф на дипломатијата, Жозеп Борел, пред два месеци велеше дека ако ЕУ не ги почне преговорите со Македонија и Албанија, тоа ќе биде „подарок за Русија“. Можеби навистина резултатот ќе биде подарок за Русија. Но прашање е дали ЕУ ќе си признае самата себеси дека тоа е европски подарок.

Во комплицираните европски игри својата улога одигра Европската народна партија (политичкиот чадор под кој е и ВМРО-ДПМНЕ) кога во својата резолуција за Западен Балкан од 30 мај усвоена на конгресот, побара од Македонија опипливи резултати во спроведувањето на договорот со Бугарија и уште додаде: „Ние цврсто го охрабруваме граѓанското општество и владините институции да преземат соодветни мерки за историско помирување: да се надминат поделбите меѓу различните етнички и национални групи, вклучително и граѓаните со бугарски идентитет и потекло“. За многумина во македонската јавност тоа изгледа дури и навредливо – Македонија да го преземе главниот чекор за „историско помирување“ со оние коишто го негираат јазикот, идентитетот и историјата на македонската нација. И кога сега од протестните маршеви вмровските првенци грмат дека нема да дозволат „бугаризација“ на Македонија, воопшто не е јасно што правеле на конгресот на ЕПП кога се усвојувала оваа декларација за „историско помирување“.

Но приказната сега има друга цел којашто јасно се гледа – власта треба да падне. Таа сама му кумуваше на вриежот со лошата стратегија. Се обидуваше на рати со парцијални информации да го амортизира незадоволството, дозволи друг да ја води играта во јавноста, а најпосле ќе треба да објави сѐ – и документите и Протоколот. Наместо во еден удар да се соочи со гневот и опозициските баражи и да се обиде да ги отстрани сомнежите.

Македонија навистина е во опасност од својот сопствен „Брегзит“. Оние приказни дека во ЕУ би можело да се промени принципот на одлучување со едногласност  во надворешната политика се бајки. Во заклучоците од Конференцијата за иднината на Европа за само една точка во надворешната политика останува да важи едногласноста – при проширувањето. Тоа нашите експерти и политичари би требало да го знаат ако ги прочитале овие заклучоци објавени на 9 мај.

А би требало да знаат и дека проширувањето не е на агендата на  чешкото претседателство со ЕУ  кое почна на 1 јули. И да прочитаат што кажа чешкиот премиер Петр Фијала на прес-конферецијата кога почна нивното претседавање. Чешка не се откажува од проширувањето, но Западен Балкан не е во врвот на нејзината агенда како што беше пред шест месеци. Други земји сега имаат приоритет. Во Прага ќе се организира неформален самит во октомври на кој ќе присуствуваат земјите членки и другите европски држави. Како што рече Фијала: „Од Исланд до Украина. ЕУ не може да гледа само кон исток или југ. Треба да гледа во сите правци“. Во кој правец ќе гледа Македонија?

 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми