1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонски влез во Александрополис - се добива или се губи

Костадин Делимитов
1 април 2021

Влезот во гасниот проект во Грција за Владата е историски и обезбедува долгорочна стабилност. Експертите се поделени и спорат околу исплатливоста на проектот.

Bau der Transadriatischen Pipeline TAP
Фотографија: TAP AG

Македонска инвестиција во гасна централа и гасен терминал во Грција за долгорочна енергетска стабилност. Северна Македонија и официјално влегува во големата енергетска постројка во Александрополис преку која ќе се обезбедува природен гас кој доаѓа од Азербејџан, односно течен гас од САД и други земји.

Официјалниот потпис на меморандумите го отвора патот за македонско учество во овој мега енергетски проект кој до 2023 година треба да обезбеди складирање и гасификација на течниот природен гас со капацитет од над 5,5 милијарди кубни метри. Македонскиот удел во двата проекта значи инвестиција од 25% проценти во гасната централа на природен гас од 800 мегавати, проценета инвестиција од над 380 милиони евра, односно 10% во гасниот терминал, учество со вредност од околу 370 милиони евра. Финансиски проект, кој освен од домашни извори, ќе биде поддржан и од страна на Европската унија. 

За македонските власти, учеството во проектот е од историско значење. Очекувањата се дека покрај зацврстување на соработката на полето на енергетиката со компании од Грција, ќе се обезбеди трајно и стабилно снабдување на природен гас за земјата, но и дополнителна можност за негова дистрибуција и во регионот. 

-повеќе на темата

Македонска инвестиција во Александрополис: Ќар или зијан?

„Нашето вклучување во изградба на терминалот за течен природен гас во близина на Александруполи во Грција, ќе создаде можност за трајно и стабилно снабдување со природен гас за земјата, од каде потоа гасот ќе се дистрибуира и пошироко во регионот. Целта на Владата e имплементирање на зеленото сценарио како најприфатливото за развојот на земјата, кое треба да обезбеди економски и еколошки придобивки“, изјави премиерот Зоран Заев.

Колкава ќе биде користа

Она што во Скопје македонските и грчките компании го потпишаа на ниво на меморандуми, допрва треба да се преточи во договори. Но она што е клучно, е што по подолг период на најави и стагнација, проектот мрдна од мртва точка.

Експертската јавност нема дилеми дека учеството во вакви големи енергетски проекти носи бенефит, но дилемите се какви и колкави, со оглед на фактот дека сепак станува збор за инвестиција која е надвор од територијата на државата. Дел од експертите смета дека придобивките ќе бидат големи, посебно во обезбедување на енергетската стабилност но и стратешко позиционирање на државата: 

„Имаме три договора, плус резервација на капацитет за 15 годишна сигурност за снабдување со гас, што е многу, многу важно прашање иако тоа не може да се изрази во вредност. Но сигурноста во снабдувањето е огромна придобивка. Тоа се резервирани сигурни количини гас кои секогаш ќе ги имаме на располагање. Сите зборуваат за цената, но јас би рекол што значи цената на природен гас кога го немаш. Што значи тоа, ако има на пример само една криза на испорака на пример на гас од Русија. Колку тоа ќе чини и што тоа ќе значи. Придобивките од овој проект се огромни, а учеството значи додадена вредност за државата и компаниите кои ќе учествуваат во него“, изјави за Дојче веле Митко Андреевски, експерт по енергетика и советник во Владата.

Освен стратешки, бенефитите од учеството во проектот според него се и економски. Од делот на транспортот на природниот гас, па до цената на произведената електрична енергија:

„Многу е битно да имате гасна електрана која е надвор од републиката, која се наоѓа на терминал каде немате дополнителни трошоци за транспорт на тој гас и многу е битно што сте дел од голема електрана. Ако направите такви постројки со исти мегавати тука ќе чини поскапо. Таму имате пристаниште, терминал и гасна електрана, кај нас тоа ќе чини многу поскапо. Дополнително, транспортната цена за електричната енергија која ќе се добие таму е многукратно пониска отколку транспортот на природен гас и може да работите со целосен капацитет преку цела година. Затоа што во зимскиот период кога на С. Македонија и треба повеќе електрична енергија ја создавате и ја носите во С. Македонија, кога во лето на Грција и треба повеќе ја продавате таму“, објаснува Андреевски.

Трансјадранскиот гасовод ТАП во ГрцијаФотографија: Trans Adriatic Pipeline

„Влегуваме во дубиоза"

Дел од експертската јавност сепак не е убедена дека учеството во проектот носи само поволности. Предупредуваат дека државата ризикува со влез во инвестиција која ќе и донесе обврска да купува гас по поскапа цена:

„Терминалот на течен гас е без техноекономска анализа што ќе добиеме и колку профит можеме да очекуваме од вложеното. Велат ќе очекуваме прдобивки од продажба на природен гас. А треба да се биде во натпревар со гас кој не е течен и кој се транспортира преку цевководи. Америка прави притисок врз Европа за вакви терминали за течен гас. Таков веќе има на Крк, а Грција веќе има еден кај Атина. Но тој течен гас е осетно поскап по единица енергија. Тој се вади во САД под земја, се транспортира до фабрика која го прави течен, па како таков го полнат во цистерни и со бродови се транспортира до оваа платформа. Тука повторно ќе се преточува во тие складови. Тогаш пак треба енергија од течен да го направите гас и со компресор да го потиснете и да го внесете во ТАП гасоводот. Тоа е како од спореден пат да го внесувате во автопат. Голем пат и тоа треба да се продаде или купи по двојно поскапа цена“, предупредува универзитетскиот професор Константин Димитров. 

-повеќе на темата:Белене ќе почека, Македонија ќе инвестира во грчка гасна електрана 

Наместо инвестиции во ваков скап и повеќе политички проект, според Димитров многу поефикасно би било парите да се пренасочат дома, во изградба на енергетски капацитети:

„Влегуваме во дубиоза, помагаме да се гради енергетика на друга земја, наместо дома да ги инвестираме парите во изградба на дистрибутивни мрежи. Наместо тие 100 милиони евра да ги инвестираме таму, можеме веднаш да направиме две гасни централи кои ќе работат во Македонија во когенеративен процес, во исто време да произведуваат електрична енергија но и топла вода за греење. Исто како термоелектраната ТЕ ТО. Две такви централи по 50 мегавати кои ќе работат со ефикасност на искористување од 80%. Таквата можност во Александрополис ја нема. Тие таму можат да произведат само електрична енергија која ние ќе добиеме право да ја купуваме, а која ќе биде оптоварена со дополнителни трошоци за работна рака, одржување, даноци и слично. Прашање е и дали ќе имаме профит оти знаете оној што го има доминантниот дел, решава дали ќе ја реинвестира или подели добивката“, укажува Димитров.

Интерконектор кон Грција

Она што отвора дополнителни дилеми околу исплатливоста на проектот со Александрополис е договорот кој македонските власти уште од поодамна го имаат потпишано за директно купување на природен гас од Каспиското Море:

„Ние уште од времето на владата на ВМРО ДПМНЕ имаме договорено да се приклучиме на цефководот ТАП, имаме и потпишано меморандум со право да купуваме гас директно во изворот на Касписко Море по цени кои што се на пазарот. Имаме право, согласност и договор. И тоа не само со конзорциумот кој управува со ТАП, туку го имаме и вториот, преку Бугарија, кој е руски гас и кој доаѓа до Крива Паланка“, објаснува Димитров. 

-повеќе на темата: За македонскиот гас има алтернативи, но потребни се инвестиции

Сепак за да се приклучиме кон ТАП потребно е да се изгради и интерконекторот кон Грција. Овој договор или меморандум е постигнат уште пред две години но реализацијата се уште не е почната. За разлика од кај нас, соседна Бугарија забрзано работи на заокружување на интерконекторот кон Грција. Бугарскиот премиер Бојко Борисов синоќа изјави дека тој ќе биде готов на 30 декември 2021 година, од кога земјата ќе може да прима и транспортира гас од терминалот за течен гас во Александрополис, во Грција, каде таа поседува 20 отсто од вредноста на проектот.

Потпишувањето на меморандумот за македонско учество во проектот ќе и донесе на С. Македонија 25% во гасната електрана, а во терминалот кој веќе е 100% закупен, земјата треба да добие по 2% од сите учесници. Па така С. Македонија би добила 10% учество, а останатите по 18%. Ова според надлежните во владата начелно веќе било договорено со сите, вклучително и со Бугарија. Потписот на конечните договори се планира за мај, односно по звршувањето на изборите во Бугарија.

Реализацијата на овој проект и македонското учество во него стана јасно уште лани во септември кога во Грција беше во посета тогашниот американски државен секретар Мајк Помпео. Тогаш тој испрати порака дека регионот е мошне важен за диверзификација на енергијата во Европа и дека американскиот интерес има пошироко геостратешко значење. Политиката на САД е регионот да има разновиден сет на извори на енергија и тој да не зависи само од Русија. Помпео тогаш изрази и јасна поддршка за изградбата на интерконекторот со Грција но и надградба на нафтоводот Скопје Солун.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми