1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Македонски туристи очекуваат клуч за излез од изолација

26 август 2021

Стопанската комора за туризам побарала измена на условите за влез на македонски граѓани во државата по први септември.

Flughafen Skopje in Nordmazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski

Владините мерки кои стапуваат на сила од први септември, предизвикуваат проблеми за македонските граѓани кои не се вакцинирани и не прележале Ковид-19, а кои во септември треба да се вратат дома по одмор надвор од земјата. Ако досега во некои земји можеа да отпатуваат со негативен ПЦР тест не постар од 72 часа, од први септември истата обврска ќе ја имаат и за враќање дома. Доколку на враќање немаат ПЦР тест, ќе им се одреди мерка - седум дена домашна изолација, со решение од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

И туристичките агенции имаат главоболки со аранжманите кои се уплатени пред да биде објавена владината мерка,  но решението не е во нивни раце. Велат дека се опсипани со реакции на нивни патници кои не се вакцинирани и не прележале Ковид-19.

„Уште пред два месеца резервиравме аранжман во Грција за септември, кога цените се пониски. Со сопругот треба да летуваме во објект надвор од населено место, а најблиско место ни е селце во кое сигурно нема лабораторија. Каде да се тестираме пред враќањето во земјава? Значи треба да одиме во некоја поголема општина, да плаќаме такси зашто немаме сопствен превоз, бидејќи на одмор патуваме со организиран автобуски превоз. Сето тоа се дополнителни трошоци. Второ, престојот ни трае седум дена, а ние последните три дена треба да ги поминеме во барање лабораторија. Тоа ли е одмор? Или треба да го откажаме аранжманот непосредно пред поаѓање, што значи дека нема враќање на уплатените средства, или да се помириме со тоа дека дома ќе одиме во задолжителна изолација“, вели пензионерка од Скопје.

„За мене изолацијата не е избор, бидејќи по завршувањето на одморот веќе следниот ден треба да бидам на работното место“, коментира друга патничка.

Повеќечлени семејства реагираат дека ПЦР тестирањето во Грција ќе ги чини повеќе отколку аранжманот, кој го добиле по многу прифатлива цена со рана резервација.

Корона мерките за многу летувалци ќе значат главоболки при враќање домаФотографија: Nicolas Economou/NurPhoto/picture alliance

Се бара измена на условите

Во изминатите денови дел од граѓаните ги откажале аранжманите или ги препуштиле на нивни блиски кои ги имаат потребните сертификати. Се бараат решенија како да се надминат овие проблеми пред крајот на туристичката сезона. Стопанската комора за туризам (СКТМ) предупредува дека новите мерки од први септември сериозно ќе го усложнат патувањето и ќе го отежнат престојот на македонските граѓани во странство. Комората бара измена на условите за влез во државата: на македонските граѓани кои ќе бидат упатени во домашна изолација да им се дозволи во рок од 24 часа да извршат тестирање во домашна лабораторија и доколку имаат негативен резултат да бидат ослободени од изолација. Ваквото барање Комората го доставила до министерствата за здравство и за економија.

„Мерките во врска со враќањето на нашите граѓани од странство -користење на летниот одмор или враќање од службено или приватно патување, сериозно ќе го усложнат патувањето и ќе го отежнат престојот на македонските граѓани во странство поради комплицирана постапката на барање лабораторија и реализација на тестирање во странство, особено во места во кои можеби лаборатории не се лесно достапни на патниците, а ќе значи и зголемени трошоци за тестови, кои во другите земји најчесто се со повисоки цени од истата услуга во нашата држава“, го пренесува МИА ставот на СКТМ.

Комората реагира што не била консултирана при донесувањето на рестриктивните мерки за патувањата.

„Напоменуваме дека во светот се реализираат голем број на патувања во многу дестинации и дека со почитување на досегашните протоколи (одржување на физичка дистанца, носење на заштитна маска и хигиена) во многу туристички дестинации непречено и безбедно се одвиваат економските активности. Се надеваме и очекуваме одговорните институции да го прифатат нашиот предлог и да го олеснат патувањето на нашите граѓани во странство, односно враќањето во матичната земја“, наведува Комората.

Надеж за добар крај на сезоната

Според владината одлука, од први септември 2021 година домашни и странски државјани ќе можат да влезат на територијата на Република Северна Македонија доколку претходно на граничниот премин приложат: илисертификат за извршена вакцинација со две дози вакцина против Ковид-19; или потврда за прележан Ковид-19 во последните 45 дена сметајќи од денот на оздравувањето; или медицинска потврда со негативен резултат од ПЦР тест, направен 72 часа пред влез на територијата на Северна Македонија. На македонските граѓани кои ќе се враќаат во земјата после први септември, а немаат ПЦР тест, потврди за примена вакцина или за прележан Ковид-19, ќе им се одреди мерка од седум дена домашна изолација со решение од Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Странските државјани кои транзитираат низ земјава ќе можат да го направат тоа во рок од 5 часа, со претходно потпишана изјава на влезот во земјата, која ќе треба да ја приложат пред граничната контрола на излезот од државата.

Туристичките работници се надеваат дека властите ќе го прифатат посоченото барање за измена на условите за влез во државата за македонските граѓани, бидејќи обврската да направат тест во рок од 24 часа ја сметаат за соодветна контролна мерка во актуелната епидмиолошка ситуација.

„Минатата година имавме пропадната сезона. Барем оваа да ја истераме до крај, на наше и на задоволство на нашите патници, со оглед дека интересот за одмор во септември е голем“, порачуваат туристички работници.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми