1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонското новинарство како во орвеловиот „Голем брат“

Катерина Блажевска22 април 2015

Во време кога стандардите и кодексот се заменети со пропаганда, нарачки и рекет, најсмелата работа во Македонија е - да се биде новинар, оценуваат новинари по скандалозните сознанија од 24-тата опозициска бомба.

Фотографија: Fotolia/THPStock

Разочарани сме. Ова е најчестиот одговор на новинарите кои денес од 24-тата опозициска „бомба“ слушнаа како моралот, професионалните стандарди и етичкиот кодекс, наводно биле заменети со рекет, нарачки и длабоки медиумско-политички спреги. Бурни се реакциите и големо незадоволството за состојбите во медиумската заедница, откако лидерот на СДСМ, го отвори „пакетот“ кој сведочи за наводната поклопеност на медиумите од страна на власта, за директната спрега на Груевски кон приватните медиуми и контролата врз јавниот сервис МРТВ, но и телевизиите „Сител“ и „Канал 5“, чии газди се синови на коалициските партнери на Груевски.

Заев рече дека од разговорите јасно ќе се увиди до каде биле тие подготвени да „се свиткаат“ пред премиерот Груевски, но и пред сопственото елементарно достоинство, само за да добијат бизнис.

„Нарачките ги спроведуваат преку уредниците на 'Сител', Драган Павловиќ Латас и на 'Канал 5', Лидија Богатинова. Снимките, освен што ќе ја разобличат директната спрега на релација Никола Груевски - приватни медиуми, ќе ја покажат и најбруталната и недозволива контрола врз МРТВ, која е претворена во партиски штаб“, изјави Заев.

Мухамед Зекири, главен уредник на телевизијата „Алсат-М“, по објавените аудио-снимки, состојбата ја спореди со „дно“ во секаква смисла на зборот.

„Што да се каже, кога повеќе од јасно се гледа кои се всушност вистинските сопственици, а не само и уредници во МРТВ и во останатите медиуми - мегафони на власта. Премиерот, шефот на тајната полиција и министерката за внатрешни работи, се вистинските сопственици и уредници во овие медиуми. Не само што уредуваат како ќе изгледаат информативните програми на тие медиуми, туку тие вработуваат, тие нарачуваат и тие наредуваат. Се‘ друго што би се кажало дополнително на оваа тема е - излишно. Со еден збор - дно!“, вели Зекири.

Многу нарачки

Во еден разговор, гласот за кој опозицијата тврди дека е на премиерот Груевски, се консултира со Јанкулоска кои новинари треба да бидат испратени како дописници во Вашингтон и Атина. Неговиот шеф на кабинетот, Мартин Протоѓер, наводно бара од Јанкулоска да се поништи одреден конкурс за новинари во МРТВ, со забелешка дека примените се „полунормални“. Министерката, пак, наводно бара да се расчисти дилемата - дали ќе ги јакнат капацитетите или ќе ги прифаќаат предлозите за вработување на новинари што доаѓаат од партиските комитети: „Ги преполнивме институциите со луѓе што не ги бива. Квалитет немаме“.

Според новинарот Назим Рашиди, во земја каде партијата решава кој новинар каде ќе работи, значи дека веќе се живее во орвеловскиот „Голем брат“.

„И веќе ништо не е нормално. Досега сме мислеле дека слободата на говор е повредена. Но сега сите сфаќаат дека таа не постоела. А она што е најстрашно, е тоа што нема никаков демократски капацитет и свест кај власта. Несфатливо е како е можно оваа политичка гарнитура која е помлада во годините, во суштина да ја турка државата во средновековие. Новинарите, професионалните, кои се на страната на граѓаните, треба да се прогласат за национални херои. Изгледа дека најсмелата работа во Македонија е да се биде новинар“, вели Рашиди.

Од снимките може да се слушне и како Протоѓер наводно бара неделникот „Република“ да се дистрибуира во државни институции, а на Јанкуловска и‘ сугерира нејзиниот сектор-МВР да го „покрива“ поранешен новинар од затворената А1 телевизија, кој за да биде вработен во МТВ треба „да и‘ дојде на бакни-рака“. Од она што се слуша на снимките, меѓудругото, од сопственикот на „Канал 5“ бара во вестите да не се емитува изјава од професорот Денко Малески за спорот за името, да не се објавува анкета на „Дневник“ за партиски рејтинзи, а да му се даде ударен третман на интервјуто со извесен Магаш, кој обвинува лица од опозицијата за шверц. Груевски, пак, наводно се интересира „Радио Гостивар да го земе некој нивен“, по можност партиската Унија на млади сили.

Јанкулоска и Ставрески во наводен меѓусебен разговор велат дека се срамат од односот на тв-водителот Миленко Неделковски, по што министерот за финансии заклучува: „Миленко е хохштаплер, кој требаше да заврши во затвор.“

И пропаганда, и бизнис!

Уредникот во неделникот „Фокус“, Младен Чадиковски, вели дека она што се слушна од „бомбите“, е само мал дел од начинот, на кој од новинарите и газдите на медиумите во Македонија, власта создаде сервилни роботи, кои за грст пари, плата или привилегии се способни да одработат и најодвратни хајки, да измислуваат и монтираат нарачки, само за да останат близу до милоста на оние што располагаат со парите.

„Оваа сегашна ситуација во медиумите, својата генеза ја влече одамна, но сметам дека главниот удар врз медиумите се нанесе во 2011 година, со затворањето на телевизијата А1 и на сопственикот Велија Рамковски. Оттогаш наваму, драконски се намали просторот за професионална работа на новинарите, а останатите медиумски газди како што можеме да чуеме, исплашени да не ги снајде слична судбина, си ја подвиткаа опашката. Така што, ова што денеска се прави во голем дел од мејнстрим медиумите во Македонија нема никаква врска со новинарство, ниту со професионални стандарди, туку со пропагандно новинарство и тоа за партиски цели“, констира Чадиковски.

Лидерот на СДСМ, го отвори „пакетот“ кој сведочи за наводната поклопеност на медиумите од страна на властаФотографија: Petr Stojanovski

Но, дека не било се‘ само пропаганда, туку и бизнис, покажуваат и дел од аудио-снимките, во кои директорот на Управата за јавни приходи (УЈП) наводно му помага на Драган Павловиќ -Латас да репрограмира долг од еден милион денари, но и го советува Емил Стојменов, како неговата консалтинг-фирма сама да направи забелешки по извршена контрола од УЈП, која потоа од Управата ќе биде безрезервно прифатена. Според снимки, Латас наводно со набавка на бетон и во замена за реклами го градел односот и кон одредени фирми, добивал ексклузивни информации од директорот на тајната полиција, како и „благодарност од срце“ од Протоѓер, за дел од извршените нарачки.

Како тоа да се промени - е прашањето што го поставуваат и новинарите и јавноста.

Клучен е нашиот, новинарски притисок, но исто толку е важно да има политичка волја за промени на состојбите, смета Чадиковски.

„Во власта не гледам волја за такво нешто, впрочем тие се веројатно најзаслужните зошто Македонија падна за 80-тина места на светската мапа на ’Репортери без граници’. Бидејќи освојувањето на слободата не е процес што запира, сметам дека треба да продолжиме да го ’окупираме’ просторот со чиста и искрена, професионална, новинарска мисла. Колку во тоа ќе успееме зависи од нас, но зависи и од останатите општествени чинители во земјата, зависи од граѓаните, од интелектуалците, од уметниците, од професорите, зависи од политичките партии, од поединци во партиите, од сѐ она што нешто значи во јавната сфера. И тоа ќе се случи еден ден. Дотогаш, може по некој ’венец’ како оној наменет за Борјан да нѐ потсети на се‘ уште присутната ступидност во општеството“, заклучува тој.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми