1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Македонско вино“ во ЕУ одамна е-грчко!

18 ноември 2010

Терминот „македонско“ со години се однесува исклучиво на грчко вино во ЕУ, соопштуваат од ЕK во Брисел по објавената информација за забранет увоз на вино од Македонија со истата придавка во Германија и Словенија.

Македонското вино може да „извиси“?Фотографија: dpa

Од информациите кои ги добивме од седиштето на Европската унија дознаваме дека всушност Грција одамна го има заштитено и македонското географско потекло како исклучиво нејзино, а во службениот весник на ЕУ на 15 септември 1989-та е заштитен и терминот „Македонија“ како грчки. Бидејќи Грција е земја-членка на ЕУ, најприродно таа имала предност во заштитата на македонското потекло при извозот кон европсиот пазар, коментираат дипломатите во Брисел. Според истите извори, тоа што досега Македонија сепак извезувала „македонско“ вино на пазарот на Европската унија се должи на фактот што најверојатно досега станувало збор за нискоквалитетно ниво, па така никој не гледал потреба да реагира, затоа и македонските произведувачи не забележале дека постои ваква забрана.

Лозари во МакедонијаФотографија: dpa

Македонија, всушност, го прекршувала правилото на ЕУ

Инаку, според две регулативи на ЕК кои се однесуваат на заштитата на географското потекло во ЕУ, едната од 2007-ма, другата од 2009-та, земјите- членки имаат обврска да пријават кај европските институции штом забележат дека трета земја извезува „македонско“ вино кое не е од Грција. Токму тоа и се случило на крајот на 2009-та, кога германските власти наишле на македонско вино во германски супермаркет. Веднаш побарале од ЕК мислење за правната рамка на ова прашање, по што генералниот директорат за земјоделство на ЕК им потврдил дека „македонското“ вино во ЕУ смее да се однесува само на вино од Грција и дека ова географско потекло е заштитено.

Македонски вина на саем во БерлинФотографија: DW

Македонија ова правило не го прифаќа, но штом ќе стане членка на ЕУ, регулативите кои се однесуваат на македонското географско потекло ќе мора да ги преточи во национално законодавство. Се поставува сега прашањето зошто министерот за земјоделство Љупчо Димовски за медиумите изјави дека Македонија има рок до март 2011-та да ги смени етикетите. Дипломати од ЕК за Дојче веле велат дека таков рок воопшто не постои, дека Македонија одамна требала да ги смени сите етикети и дека ова правило не е ништо ново за пазарот на ЕУ. Всушност, велат во ЕК, Македонија досега ги прекршувала европските регулативи.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Жана Ацеска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми