1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонско размрзнување

СН | ФАЦ | НЦЦ
3 април 2019

Печатот на германски јазик во денешните изданија се осврнува на посетата грчкиот премиер Ципрас на Скопје, со фокус на плановите за идната соработка меѓу двете соседни држави, до неодамна заглавени во „спорот за името“.

Greek Prime Minister Alexis Tsipras visits North Macedonia
Фотографија: REUTERS

„Ново поглавје“ помеѓу Скопје и Атина - под овој наслов шварцарскиот весник Ноје цирхер цајтунг известува за посетата на грчкиот премиер на Скопје, користејќи за насловот цитат од изјавата на Алексис Ципрас дадена на заедничката прес-конференција со колегата домаќин Зоран Заев. Весникот, впрочем како и сите останати медиуми на германски јазик, го издвојува фактот дека Ципрас е првиот шеф на грчка влада кој ја посетил соседната земја откако таа постои како независна држава и се осврнува на текот на посетата: 

„Заев му ги покажа на Ципрас својата канцеларија во Скопје, семејните фотографии, а пред телевизиските камери кои емитуваа во живо направи селфи со својот гостин. На состанокот беа потпишани и серија билатерални договори. Меѓу нив и оној кој предвидува дека членка на НАТО, Грција, во иднина со своите воздухопловни сили ќе го преземе надзорот над воздушниот простор на Северна Македонија“, читаме во Ноје цирхер цајтунг.

Повеќе:

-Заев и Ципрас им оставаат огромен капитал на идните генерации

-Заев-Ципрас: Изгубивме многу време, сега мора да се „трча“

-Ципрас на македонско тло

Германскиот весник Франкфуртер алгемајне цајтунг пак во подолгиот текст за вчерашната посета на Ципрас на Северна Македонија насловен „Првиот пат“ истакнува дека таа не била само поглед наназад и пофалби за постигнатиот Договор од Преспа, туку оти Атина и Скопје имаат многу планови за иднината. 

Фотографија: Regierung Nord-Mazedonien

Така, пишува весникот, треба да биде основан Совет за соработка меѓу Грција и Северна Македонија, каков што Грција одржува само со Турција и со Израел. ФАЦ забележува дека во сржта на разговорите во Скопје биле плановите за проширување на економската соработка и го цитира премиерот Заев во неговата изјава дека грчките претпријатија планираат да инвестираат половина милијарда евра во Северна Македонија:

„Тоа, доколку се случи, не би било малку за балканската држава со нејзините речиси два милиона жители. Северна Македонија од договорот со соседната земја ќе има големи економски бенефиции кои ќе се покажат во сите стопански гранки, претпоставува Заев. Иако грчките компании уште пред надминувањето на 'спорот за името' беа меѓу водечките инвеститори, сепак тоа се случуваше во сенка на политиката. Сега, треба да дојде до целно поттикнувани проекти, и тоа во енергетската политика и во проширувањето на инфраструктурата. Затоа Ципрас во Скопје беше придружуван не само од десет министри, туку и од десетици грчкиот бизнис-лидери кои сакаат да инвестираат или да ги прошират своите постоечки бизниси во Северна Македонија. И кинескиот концерн за логистика и бродски транспорт Коско Пацифик, кој го презема контејнерското пристаниште во Пиреја и за неколку години го претвори во едно од водечките товарни пристаништа во Европа, полага надежи во приближувањето на соседните земји. Коско притиска за обновување на делумно пропаднатата железничка инфраструктура во Северна Македонија, како и во Србија, со цел да се забрза и прошири бизнисот со транспорт на стока од Пиреја до Централна Европа. Но веќе и со постоечката инфраструктура, овој бизнис е во пораст, а економските односи меѓу Грција и Северна Македонија и онака забележуваат видлив полет. Кон ова се вбројува и фактот дека од крајот на 2018 година постои директна авионска линија Атина-Скопје и оти патувањето од едниот до другиот главен град веќе не трае половина ден. Исто така сега треба да се прошири и Солунското пристаниште, кое е важен дистрибутивен центар за извозот на Северна Македонија“, читаме во Франкфуртер алгемајне цајтунг.

И австрискиот весник Ноје Пресе издвојува дел од својот текст со наслов „Ципрас во Скопје - македонско размрзнување“ на плановите за продлабочување на економската соработка меѓу Скопје и Атина, а забележува и оти во наредниот период треба да бидат отворени нови гранични премини помеѓу соседните држави и да биде форсирано зајакнување на патната и железничка инфраструктура во насока на Централна Европа, бидејќи сето тоа е од полза за економијата, туризмот, а отвора и работни места.

Ноје Пресе, освен тоа, наведува дека вчера била форсирана говорна нормализација: „Сите чесно се трудеа да го изговараат само политички коректното име 'Северна Македонија'. Факт е дека овој термин и кај тврдоглавите грчки медиуми сѐ почесто се користи наместо 'Скопје', името на главниот град“, пишува весникот, кој на крајот заклучува: „Рецептите за решавање на старите конфликти на Балканот понекогаш се исто толку апсурдни како и нивниот повод. Ципрас соопшти дека сега во Скопје на спомениците на антички личности ќе бидат ставени табли кои ќе упатуваат на тоа дека станува збор за грчко културно наследство. 'Сега немаме повеќе проблем со статуите - грчкото културно наследство конечно му припаѓа на целиот свет', објасни Ципрас“. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми