1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонците без шанси за добивање азил?

Селма Филиповиќ / Александар Методијев7 јуни 2014

Берлин се обидува да го реши проблемот со зголемениот број на баратели на азил од Западен Балкан. Затоа, Македонија, Србија и БиХ од мај се на листата на „безбедни земји“. Невладиниот сектор се противи на оваа одлука.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Вчера во германскиот парламент се расправаше за нацрт-законот според кој Македонија, Србија и Босна и Херцеговина би требало да бидат прогласени за т.н. „сигурни земји“. Владата со овој закон сака да го ограничи бројот на баратели на азил од Балканот и да го заостри правото за добивање на азил во Германија. Невладиниот сектор, меѓутоа, оваа одлука на владата ја смета за преуранета.

Откако граѓаните од Западен Балкан можат без виза да патуваат во земјите од ЕУ (од 2009/2010 година), бројот на баратели на азил од година во година постојано расте. Само во минатата година во германските служби за миграција се предадени 36.689 нови барања за азил од страна на граѓани од Македонија, Србија и Босна и Херцеговина. За бирократски и финансиски да ја растовари државата, покраините и општините, германската влада на крајот на април годинава донесе одлука овие три држави да ги прогласи за „сигурни земји“.

Ова е тема за која дебатата во германскиот парламент уште не е завршена. Опозицијата остро ја критикува оваа одлука, а неа ја осудуваат и бројни невладини организации.

„Одлуката на владата е погрешна“, порачува Гинтер Буркхарт, шеф на организацијата „Про Азил“. Тој смета дека сите три држави не може да бидат вбројани во група на сигурни земји, бидејќи нивните граѓани се изложени на бројни проблеми. Буркхарт ги наведува нападите врз хомосексуалците, корупцијата во правосудните органи, неподготвеноста на државите да им дадат заштита на прогонуваните припадници на малцинствата. „Доколку парламентот ја прифати одлуката на владата, барателите на азил нема да имаат никаква шанса да добијат азил во Германија. Нивното барање ќе биде решено по брза постапка, без разгледување на поединечните случаи и причините зошто некој морал да ја напушти својата матична земја. Тоа за жал дури и сега се случува во пракса“, тврди Буркхарт.

Ромите во Македонија живеат во тешки условиФотографија: DW/K. Blazevska

Ромите во Србија: „Или се криминалци, или жртви на криминал и корупција“

Србија, по Сирија, се наоѓа на второто место на сите статистики на Службата за миграција по бројот на баратели на азил. Претежно станува збор за Роми кои бараат азил во повеќе германски општини, откако некои од претходните барања ќе им бидат одбиени. Азил во Германија им се дава само на лицата прогонети поради политички причини, но не и на економски загрозените категории во општеството, во кои се вбројуваат Ромите од Балканот.

Зоран Гавриловиќ, аналитичар од Бирото за општествени истражувања, тврди дека економските проблеми на ромската популација се последица на фактот дека таа нема соодветни политички претставници во Србија.

„На сите партии во Србија им требаат гласовите на Ромите, бидејќи тие го сочинуваат најбројното малцинство. Но, никому не му се потребни ромските проблеми. Политичкиот активизам кај општествено маргинализираните групи е многу слаб. Роми или учествуваат во криминал, или се жртви на корупција и криминал и затоа мораат да мигрираат“, коментира Гавриловиќ.

Под притисок на Балканот се и новинаритеФотографија: DW

Ромите во Македонија во „сендвич позиција“

Високо на скалата на германската статистика се наоѓаат и ромските азиланти од Македонија. Невладината организација „Цивил“ од Скопје забележува дека говорот на омраза е исклучително присутен во медиумите и социјалните мрежи. Предмет на прогон се припадниците на малцинствата, а во судските процеси нивните пресуди се значително построги и драстични во однос на оние дела кои ги прави етничкото мнозинство, тврди шефот на „Цивил“ Џабир Дерала.

„Ромската популација е во ’сендвич позиција’. Односите меѓу двете најголеми етнички заедници – Македонците и Албанците, се во постојана тензија. При секој облик на насилство Ромите секогаш се најоштетени, бидејќи за нив никој не води сметка“, порачува Дерала.

И на новинарите им недостасува сигурност на Балканот

Дека државите од Западен Балкан засега се’ уште не треба да се прогласуваат за сигурни земји потврдува и фактот дека не се загрозени само малцинствата, туку и оние кои ги застапуваат поинаквите мислења. Пример се новинарите кои истражуваат и пишуваат за корупција, организиран криминал и вплетканост на политика во криминал. На актуелната листа за слобода во медиумите на организацијата „Репортери без граници“ Македонија го зазема 123 место, а Црна Гора 114-то од вкупно анализирани 180 земји ширум светот. Аналитичарот Зоран Гавриловиќ тврди дека во Србија воопшто не постои истражувачко новинарство, бидејќи се случи крах во медиумската транзиција. Медиумите се сведени на објавување билтени, а за функционерите, политичките партии и сите значајни општествени актери се известува на некритичен и исклучително позитивен начин. „Вам никој не ви се заканува со смрт ако се занимавате со истражувачко новинарство, ама вашите текстови никој нема да ги објави. Затоа никој и не истражува“, оценува Гавриловиќ.

Од германската влада порачуваат дека детално ја испитувале ситуацијата на терен пред да ја донесат одлуката за вбројување на Македонија, Србија и Босна и Херцеговина на листата на сигурни земји. Од германската влада потсетуваат дека трите држави се вбројани во иста категорија и во соседна Франција, Белгија, Луксембург, Австрија и Швајцарија. Германските демохристијани се обидуваат на листата на сигурни држави да ги стават и Албанија и Црна Гора, меѓутоа на тоа се противат нивните коалициони партнери – социјалдемократите. Преговорите се во тек!

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми