Македонците во Албанија бараат поддршка од ОБСЕ
11 февруари 2014Генералниот секретар на партијата МАЕИ, Васил Стерјовски (насловна фотографија) и Фејзо Нуманај, преставник при канцеларијата на амбасадорот на ОБСЕ во Албанија во вчеравечер (10.02.2014) во Корча остварија средба на која на маса ги поставиле и отвориле прашањата за положбата и правата на Македонците во Албанија, а посебен акцент бил ставен на образованието и новата територијалната поделба.
За време на средбата Нуманај бил запознат за положбата и правата на Македонците во Албанија, за недостатокот на учебници на македонски јазик во општина Пустец каде официјално се признава македонското малцинство во Албанија и каде од потребните 55 учебници кој што треба да се испечатени на македонски јазик испечатени се само 14, за затворањето на училиштето на македонски јазик во с.Врбник, во Деволската област и за неможноста за изучување на македонскиот јазик на македонските деца надвор од Мала Преспа како во областите Гора и Голо Брдо и во градовите, пренесува весникот Македониум.
Стерјовски и Нуманај разговарале и за новата територијална поделба за која најмногу се загрижени Македонците во Албанија.
Стерјовски пред преставникот на ОБСЕ истакнал дека евентуалното укинување на македонските општини би било грубо прекршување на малцинските права, а тоа би значело процес на асимилација на македонската заедница.
Тој побара поддршка од ОБСЕ македонските општини во Мала Преспа, Голо Брдо и Гора со евентуалната територијална поделба да не се укинуваат.
Нуманај по средбата истакнал дека заклучоците од состанокот ќе му ги пренесе на амбасадорот на ОБСЕ, Флориан Раунинг и најавил дека во февруари ќе договори средба на амбасадорот и делегација од Македонците во Албанија.