„Македонците гласаат по старата навика, наседнувајќи на ветувањата на албанските партии“
27 јуни 2013Власта во Албанија во наредните четири години е во рацете на левицата, предводена од социјалистите на Еди Рама, која со изборниот триумф го обезбеди и двотретинското мнозинство во парламентот. Од вкупно 140 пратеници, таа има 84.
Најголемо разочарување, по демократите на премиерот во заминување, Сали Бериша, доживеаја и поранешниот негов близок сопартиец и екс шеф на државата Бамир Топи, чија партија, Нов демократски дух, како и партијата на Крешник Спахиу, националистичката Алијанса „Црвено Црни“ не освоија ниту еден пратенички мандат, иако се надеваа на дваесетина, односно десетина пратеници.
Нереализирани стремежи
Во групата на оние кои не ги реализираа стремежите за свој пратеник е и Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, единствена македонска партија, која повеќе од сигурна беше дека Македонците првпат ќе имаат свој пратеник, кој не крие да се изјасни она што е - Македонец.
„И покрај најдобро организираната кампања досега, за жал не успеавме да го минеме цензусот, потребната бројка да имаме пратеник во собранието на Албанија, што ќе значеше остварување на историскиот сон. Сепак, задоволни сме од резултатите и од подршката на МАЕИ од сите Македонци. Споредено со 2009 година, кога по првпат учествувавме на парламентарни избори, добивме двојно, а на одредени места и тројно повеќе гласови каде што има мнозинско македонско население“, оценува лидерот на партијата Едмонд Темелко.
Според него, главна цел на партијата на овие избори, освен добивањето пратеник била и „освестувањето на Македонците, разбудување на нивната свест да не гласаат за албански партии, туку да гласаат за својата македонска партија, која единствено ги застапува нивните интереси и се бори за нивните права“.
Зошто Валентина Нестор не влезе во историјата како прв пратеник Македонец?
Во околијата Корча, каде е најголема концентрацијата на Македонци, носител на листата беше д-р Валентина Нестор, по потекло од Пустец, а работи како лектор по македонски јазик на Универзитетот во Тирана. Сите во неа гледаа иден пратеник, но наместо потребните 3500 гласови, таа доби едвај околу 1300, што е повеќе од потврда дека Македонците продолжуваат со старата навика - да се гласа за албанските партии.
„Ќе го повторам веќе познатото. Тоа се должи на тешката економска состојба на Македонците кои живеат во најнеразвиените области во Албанија. Ветувањата кои ги даваат големите албански политички партии, Демократската и Социјалистичката, ги принудува Македонците по старата навика, во надеж да дојдат до вработување или некоја друга привилегија, да потклекнат на лажните ветувања и да гласаат за нивни кандидати. Тука секако и фактот што некои Македонци се на листите на овие партии, па добар дел од нивните роднини, соседи и пријатели, го даваат гласот за листата на една од албанските партии“, смета Васил Стерјовски, генерален секретар на МАЕИ.
И Валентина Нестор, во која партијата гледаше најголем потенцијал за пратеник во парламентот во Тирана, смета дека една од главните причини е поделеноста меѓу Македонците. Таа со доза на разочарување и иронија вели дека за неа не гласале ни нејзините роднини.
„Многу сум изненадена и разочарана. Во целина гледано има поделеност меѓу нас Македонците тука, во Албанија. На пример, мои роднини не гласаа за мене, па што може да очекувам од други или да им се лутам“, изјави за Дојче веле Нестор, која има забелешки и околу недоволната ангажираност на партиското членство во текот на изборната кампања.
„Членството на нашата македонска партија не беше доволно активно, имаше и такви што цело време работеа против целите и интересите на партијата“, смета Нестор.
Притисоци
За нејзиниот партиски лидер врз она што се случи на овие избори влијаеле и притисоците врз Македонците од секаков вид, заплашувањата, но и нерегуларностите кои биле присутни и на овие избори.
„ Во континуитет во Албанија немало демократски избори. Сите власти кои досега ги организирале изборите се фалат дека тие ќе бидат слободни, фер и демократски, но за жал, ниту парламентарните ниту локалните избори во земјата ни оддалеку не ги исполнуваат потребните европски стандарди“, вели Темелко.
Во сите парламентарни состави, тврдат од македонската партија, имало Македонци, но тие не се изјаснувале како такви. Во последниот, според нив, имало дури четворица Македонци по потекло од Голо Брдо и Гора, но тие никогаш не изустиле дека се Македонци.