1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонците да не се делат на антички и словенски

Александар Чомовски18 февруари 2009

Проблемот со Грција околу името се‘ повеќе станува тема на претседателските кандидати во Македонија. Во нивните ставови има разлики, но она што е индикативно е разликата во ставовите по ова прашање во избирачкото тело.

Поделено избирачко телоФотографија: AP

Само 3% од Македонците би прифатиле промена на уставното име во замена за членство во ЕУ и НАТО. Наспроти тоа, пак, близу 70% од Албанците за приоритет ги сметаат евро-атлантските интеграции.

„Никогаш досега ставовите на Македонците и на Албанците во Македонија не биле толку дивергентни по клучни прашања во оваа држава, како НАТО и евроинтеграцијата и промената на името“, вели Гордан Георгиев, истражувач во Форум-центарот во Скопје.

Според анкетата на Галуп, презентирана во Скопје, поделбата по етничка линија е се‘ подрастична. Над 60% од Албанците вината за застојот во преговорите ја лоцираат во властите во Скопје, додека за 80% од Македонците за блокадата во грчко-македонскиот спор е одговорна Атина.

Проблемот да се решава, а не да се плаче

Претседателот на Македонија, Бранко Црвенковски, за името вчера (17.02.2009) рече: „Нашата улога и задача е овој проблем да го решаваме, а не да бараме рамо за плачење и исповедање.“

Шефот на државата остро ја критикува владата за т.н. „антиквизација на Македонија“. Тоа го предизвика и премиерот Никола Груевски да се огради од овие процеси: „Политичарите да престанат да го делат народот на антички, на словенски или не знам каков. Сите ние сме Македонци и сите ние треба заеднички да продолжиме да ја градиме Македонија без такви поделби. Малку му е на народот што е длабоко партиски поделен и уште како ли не, па сега уште да ги делиме на антички или на словенски Македонци.“

Македонскиот претседател, Бранко Црвенковски и премиерот Никола ГруевскиФотографија: Petr Stojanovski

Очекувања за поинаква сериозност и динамика во преговорите

Прашањето на името веќе е меѓупартиска тема. Од СДСМ два дена ендоподруго го предизвикуваат претседателскиот кандидат на ВМРО ДПМНЕ, Ѓорѓи Иванов. Пратеникот Емилијан Станковиќ (СДСМ) има иста теза како и претседателот Црвенковски: „На сите последни анкети се забележува дека расте бројот на граѓани кои се противат на антиквизацијата. Владата на Груевски и ВМРО ДПМНЕ го избраа најлошиот можен начин за водење на оваа политика.“

Претседателскиот кандидат, Иванов, пак, внимателно вели: „По изборите и кај нас и во Грција ќе доаѓаат нови луѓе. Се очекува промена, очекуваме некои позитивни сигнали, очекуваме преговорите по изборите да покажат поинаква сериозност и динамика.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми