1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонците и Бугарите ќе играат заедничко лото!?

Костадин Делимитов
5 август 2017

Иницијатива за заедничка лотарија, најава за 5 до 6 нови бугарски инвестиции во Македонија... Храбриот потег на Заев и Борисов го охрабрува бизнисот, вели за ДВ првиот човек на Македонско-бугарската комора, Темелковски.

USA Lotto Powerball Mega-Jackpot 1,6 Milliarden Dollar
Фотографија: Reuters/P. Sears

Подобрување на трговската размена, зголемен обем на инвестиции- Договорот за добрососедство, соработка и пријателство помеѓу Македонија и Бугарија ги мобилизира бизнисмените во двете земји. Документот кој го парафираа двајцата премиери, Зоран Заев и Бојко Борисов, според стопанствениците отвора позитивни перспективи, кои веќе почнуваат и да се конретизираат. Првиот човек на Македонско-бугарската комора Зоре Темелковски во интервју за Дојче веле открива дека повеќе бугарски компании охрабрени од историскиот документ донеле одлука да ги реализираат своите планови за инвестирање во Република Македонија. Храбриот потег на двајцата премиери, според Темелковски носи позитивни придобивки кои наскоро ќе се почувствуваат:

„ Договорот ја отвора вратата на бизнис заедницата за послободно и порелаксирано движење на капиталот. Политичкото потпишување е резултат на добрите односи на бизнис заедниците и капиталот. Прво што очекуваме е влегување на големиот капитал од Република Бугарија во Република Македонија. Овие процеси беа забавени поради се` она што се случуваше на политички план кај нас, но и поради приказните дека капиталот од Бугарија е криминален и треба да се запира. Сега мислам дека тоа се надмина и капиталот од Бугарија ќе биде рамноправен со оној што сега го имаме, а доаѓа  од Белизе и разно разни слични потекла“, коментира Темелковски. 

Потпишаниот договор за соработка од двајцата премиери, Борисов и Заев, ги охрабрува стопанственицитеФотографија: Pressestelle bulgarischer Ministerpräsident

Повеќе заинтересирани компании

Првиот човек на Македонско-бугарската стопанска комора веќе добил и сериозни сигнали од повеќе компании дека се пред одлука  да инвестираат во Македонија. Од деловни причини имиња засега не сака да открива, но вели дека се од повеќе производствени дејности:

„Вие знаете дека преку комората ја донесовме 'Минстрој' и го решивме 30 годишниот проблем на рударите во Пробиштип и Крива Паланка. Така што денес зборуваме за нови инвестиции и нови визии каде имаме среќни и задоволни рудари кои беа на браникот на сиромаштијата. Сега имаме уште пет, шест сериозни инвеститори од Бугарија. Станува збор пред сѐ за компании од рударството и енергетиката, но и националната лотарија. Во тој дел Бугарија има веќе сериозни бизнис компании". 

Клучно и најатрактивно во моментов, според Темелковски, е бизнисот со лотаријата. Идејата според него е да се формира еден вид заедничка лотарија. Околу ова веќе имало и конкретни разговори:

„Една од најважните е идејата дека малите држави не можат да имаат национални лотарии. Таа програма ќе ја обработиме регионално и се надевам дека ќе добиеме поддршка и од владата и од бизнис заедницата. Досега оваа идеја сме ја разработувале на неколку состанока и лично сметам дека е позитивна, бидејќи би носела профит. Таквите идеи кои носат профит, посебно лотариите, може да обезбедат средства од кои ќе се финансираат спортот, културата, хуманитарните организации, се` што е невладин сектор. Тоа е целта и помошта на потпишувањето и нашата идеја. Мислам дека и Владата ќе најде и ќе смогне сили да го стави ова прашање во приоритетите. А што се однесува до дилемите околу тоа дали би имало проблеми тоа што Бугарија е членка на ЕУ, а Македонија не, има разни форми и тие ќе се утврдуваат допрва. Ние сме бизнис заедница и не сакаме да влеземе во полето и игралиштето на политичарите“, вели Темелковски. 

Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Rehder

Царински и гранични олеснувања

Договорот за добрососедство отвора перспективи и за македонските компании кои според најавите треба да очекуваат порелаксирани и поотворени можности не само во делот на соработката, туку и во инвестирањето. Веќе се заговараат законски промени кои ќе овозможат царински и гранични олеснувања, побрз и полесен транспорт на стоки но и на патници, што е позитивно ако се има предвид дека границата со Бугарија за Македонија е порта кон ЕУ. Перспективи се отвораат и во делот на унапредување на патната и гасната инфраструктура, што ќе влијае и на зголемување на трговската размена. Во таа насока, при потпишувањето на Договорот во Скопје, беа парафирани и два меморандума за соработка кои го трасираат патот за железничкото поврзување меѓу двете земји преку Коридорот 8, но и ќе овозможат Македонија да купува гас од Европската унија, а Бугарија да го транспортира.

Бугарија инаку важи за петти трговски партнер на Република Македонија. Трговската размена се подобрува, но се` уште е далеку од потенцијалите на двете земји. Бизнис коморите од двете земји во изминативе години преку разни форуми утврдуваа стратегии за продлабочување на соработката. Една од идеите беше и промоцијата преку заеднички производи, што барем досега не заживеа. Она што е охрабрувачки за Македонија, е фактот што се зголемува извозот од земјава на бугарскиот пазар. Годинава за прв пат Македонија нема дефицит во трговската размена, или барем во првото полугодие во кое според податоците на Државниот завод за статистика вкупниот обем на истргувани стоки изнесува околу 273 милиони евра. Иако минимален, суфицитот е на македонска страна, од каде досега годинава се извезени стоки во вредност од 137 милиони евра,  или дури 32% повеќе во споредба со истиот период лани.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми