Германските власти само во 38 отсто случаи им одобриле работна виза на граѓани на земјите од Западниот Балкан кои аплицирале во потрага по подобар живот. Бројот на баратели на визи од Македонија во голем пораст
Реклама
Иако со т. н. Западнобалканско правило, властите во Германија се обидоа да им овозможат на граѓани на земјите од овој регион полесно да дојдат до работна виза за работа во Германија, и натаму остануваат бројни пречки, се наведува во студијата на нирнбершкиот Институт за истражување на пазарот на труд и работна сила.
Сонот за подобар живот во Германија за многумина од земјите од Западниот Балкан стана кошмар откако сите шест земји од регионот беа прогласени за т. н. земји со сигурно потекло, а илјадниците барања за азил беа експресно одбивани. Во меѓувреме, во ноември 2015 година беше донесено т. н. Западнобалканско правило кое требаше да им овозможи на сите оние кои сакаат да работат во Германија тоа да го сторат по легален пат. Стотици илјади луѓе оттогаш аплицирале за работна виза, но релативно мал процент и ја добиле. Новото правило предвидуваше, во ситуација кога некоја локална Агенција за работа ќе оцени дека нема доволно заинтересирани за некоја релативно ниско платена работа како ѕидар, готвач или негувател, да побара такви профили од земјите од Југоисточна Европа, односно Западниот Балкан. Тоа е предуслов за добивање на германска работна виза. Од ноември 2015 до септември 2017 биле поднесени 128 илјади барања од лица кои барале работа во Германија. Од нив, 101 илјада добиле зелено светло.
Најзаинтересирани за работа во Германија биле Косовците, кои само во текот на оваа година добиле 31.300 одобрувања, што е зголемување за 90 проценти во однос на 2016. На второ место се жителите на Босна и Херцеговина, на кои им биле одобрени 22 илјади барања - раст за 44 проценти во однос на 2016, додека на трето место се српски државјани со 15 илјади одобрени барања - раст за 46 проценти во однос на 2016.
Од Македонија во периодот јануари 2016-септември 2017 пристигнале вкупно 14.691 барања, а од нив биле одобрени 11.247, или само во првите девет месеци од 2017 година зелено светло добиле 6.436 барања.
Сепак, од вкупната бројка од преку 100 илјади одобрени барања од шесте држави од Западниот Балкан, само околу 38 илјади луѓе добиле работна дозвола. Притоа, процентот на одобрени барања е највисок во Македонија - нешто над 50 проценти во 2016 и 2017 година.
Проблемот со издавањето на визите Институтот од Нирнберг го лоцира во преоптовареноста на германските конзулати и амбасади во овие земји. Во Босна и Херцеговина, на пример, на работна виза се чекало во просек околу 12 месеци. Во Косово - осум месеци, во Албанија - 4,3; во Србија - три месеци, а во Македонија - 2,3 месеци во просек. Единствено во Црна Гора не е забележано подолго чекање, но таму и интересот за работа во Германија е далеку помал од останатите земји на Западниот Балкан, а годишно, во просек, се поднесуваат околу 1.000 барања.
Модел и за другите региони
Но, при издавањето визи се појавуваат и други проблеми: забележани се повеќе случаи на злоупотреби, а некои професии или не постојат или ангажманот се плаќа само со минимална плата.
Во меѓувреме и кај германската економија се забележува незадоволство поради „тесните грла“ во издавањето на визи за потенцијалните работници од Западниот Балкан. Германското здружение на хотелиери и угостители, кое гледа шанса за намалување на хроничниот недостаток на работници преку вработување на Албанци, Срби и Македонци, го критикува долгото чекање за визи. „Особено кај сезонските работници тоа ја поткопува целта. Затоа што кога визата и работната дозвола ќе бидат одобрени дури на крајот на сезоната, тогаш веќе не ни се потребни“, вели портпаролка на здружението.
Сепак, експертите велат дека западнобалканското правило е во суштина добро и дека треба да се искористи како модел за соработка и со други региони.
„Доколку сакаме да го намалиме бројот на барања за азил, мора да отвориме повеќе легални патишта за доселување. Во таа насока, западнобалканското правило може да биде пример“, вели Херберт Брикер од Институтот во Нирнберг.
11 зборови кои ви се потребни за работа во Германија
Сакате да работите во Германија? Научете ги овие 11 зборови. И да, бирократија е едниот од нив!
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Sauer
Büro(kratie)/Бирократи
Многумина не работат во канцеларија, но доколку работите во Германија, канцеларија се вика „Büro“. Се разбира, од биро до бирократија нема голема разлика и многу канцеларии во Германија го исполнуваат стереотипот со тоа што ги ставаат работите во кутии, наместо да размислуваат надвор од нив. Ова може да доведе до многу „Amtsschimmel“ што во буквален превод значи канцелариска мувла.
Фотографија: Olaf Wandruschka - Fotolia.com
Chef/Шеф
Секој вработен во Германија има „Chef“. Тоа е нивниот претпоставен и не, тој не готви за нив. Доколку претпоставениот е жена, тогаш се вика „Chefin“. Зборот е предизвик и „лажен пријател“ за Германците кои учат англиски јазик. Но, зарем не би сакале да имате личен готвач? Тој луксуз е резервиран само за врвните директори – кои немаат претпоставени.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Telko/Телко
Добрата комуникација е клучна за успешно завршување на работите, нели? Во модерниот и глобализиран свет сите со кои треба да комуницирате не се во вашата зграда. За голем број од вработените, телефонските конференции, „ Telefonkonferenz “, се секојдневна рутина. Германците сакаат да ги кратат зборовите па така „Telefonkonferenz“ станува „Telko “.
Фотографија: Gajus - Fotolia.com
Gleitzeit/Глајтцајт
"Gleitzeit" – во буквален превод значи „лизгаво време“ и е сон за сите кои не се ранобудци. Тоа е флексибилно време. Додека колегите го пијат третото кафе во 9:59 часот наутро, можете да дојдете на работа пред да почне најдинамичниот дел од работниот ден. Но, тоа можете да го направите само доколку некој од вашите колеги не закажал „Telko “ во 8 часот.
Фотографија: Colourbox
Kantine/Кантине
Јадењето на топол оброк за ручек е многу важно во Германија. Голем дел од компаниите нудат „Kantine“, односно кафетерија/кантина каде што може да се најдат традиционални јадења. Доколку внимавате на вашата тежина, тогаш добра идеја би било да си понесете јадење од дома. Во секој случај, кога Германец ќе види дека јадете ќе ви рече "Mahlzeit", односно „пријатно јадење“.
Фотографија: Imago
Quereinsteiger/Кверајнштајгер
Во Германија, вообичаено е луѓето да работат во полето во кое биле образувани и долго да останат на тоа работно место. Неретко е многу тешко да ја промените работата затоа што голем дел од работодавачите очекуваат дипломи и сертификати од нивната област. За оние кои успеаваат да се преориентираат има посебен збор: "Quereinsteiger", што во буквален превод значи - страничен сурфер.
Фотографија: Colourbox/Pressmaster
Ausgleichstag/Аусглајхстаг
Работевте прекувремено во последно време? Тогаш време е да ги земете заработените пари и да одите на „Ausgleichstag“, односно да земете слободен ден за компензација. Доколку имате само еден ден и живеете на северниот брег, можете да прошетате по плажа. Но, доколку ви се собрани повеќе денови, имате доволно време да организирате некое подолго патување. Само мобилниот телефон оставете го дома.
Фотографија: picture-alliance/dpa/Naupold
Betriebsrat/Бетрибсрат
Да се биде фер е приоритет во германската работна средина и секоја компанија задолжително мора да има „Betriebsrat“, односно совет на вработени кои ги застапуваат своите колеги. Тие се медијатори и ги олеснуваат преговорите со менаџментот со цел да се осигураат дека сѐ тече како што треба. Ако размислувате да се кандидирате за некоја јавна функција, „Betriebsrat“ е добро место за почеток.
Терминот значи „одговорно лице за обезбедување на еднакви можности“. Позади импресивната титула, стои важна улога која обезбедува фер работна средина. Овие лица учествуваат во процесот на регрутирање на нови работници и се присутни на интервјуата. Нивната задача е да се осигураат дека жените, лицата со попреченост и малцинствата имаат исти можности при вработувањето како сите други.
Фотографија: Fotolia/Andrey_Arkusha
Elternzeit/Елтернцајт
Се преведува како „време за родителите“, но во пракса тоа е всушност „време за децата“. Стапката на новородени во Германија е толку ниска што потенцијалните родители се мотивираат со 12 до 14 месеци платено отсуство од работа, т.е. „Elternzeit“, а по раѓањето на детето, на родителите им се гарантирани следните 3 години на работното место.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Feierabend(bier)/Фајерабенд(биер)
Сите добри нешта имаат крај (дури и работниот ден). Во Германија, тогаш започнува забавата (дури и за канцеларката). Крајот на работниот ден се нарекува „Feierabend“- „време за забава“. За освежителниот пијалок во кој речиси сите возрасни уживаат на крајот на денот има посебен збор „Feierabendbier“, односно пиво за крај на работниот ден.