1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонците не и‘ „откажуваат верност“ на Грција

Костадин Делимитов11 јули 2015

Грчката криза не ги демотивира Mакедонците како едни од најголемите сезонски потрошувачи да се опуштаат на плажите кај јужниот сосед. Напротив, трендот е во пораст.

Фотографија: picture alliance/AP Photo/M.Gambarini

„Ќе го наполнам резервоарот, носам пари во кеш и тргнуваме! Сигурно нема ништо страшно, па одам само до краците. Повеќе креваме ние овде паника отколку што се Грците загрижени. Нема гајле“! Скопјанецот Никола, кој со своето семејство замина на летен одмор во Грција, е еден од многуте македонски државјани кои и годинава не и‘ откажуваат „верност“ на Грција. И во криза, Егејот е најпривлечната дестинација за летување. Грција е топ тема во јавноста и меѓу граѓаните, но ретко кој се откажува од планираниот одмор. Веројатно и досегашните искуства на оние кои веќе летуваа таму, кои со мали исклучоци се генерално позитивни, има влијание:

„Да ви кажам искрено немаше ама баш ништо. Бензинот да, поскап е од кај нас, ама има колку што сакаш. Никакви метежи на бензинските станици, а и во маркетите е нормално. Ако споредувам со лани, тогаш се‘ е исто, само што има тензија во јавноста и тамошните медиуми кои постојано пишуваат и јавуваат. Е сега, не знам за картичките по банкоматите, јас лично не користев картичка, така што не можам да тврдам за тоа“, вели за Дојче веле еден наш колега новинар кој деновиве се врати од летување во Грција.

Туристичките работници засега не регистрираат откажување на аранжмани. Кризата, велат, е генерално лоша за туризмот, но барем засега трендот е стабилен:

„Нормално дека во секоја криза првенствено на удар е туризмот. Во моментов од кризата во Грција ние како туристичка агенција немаме некои директни негативни ефекти, освен што нашите патници кои се‘ уште не се заминати на патување малку почесто се јавуваат за да се информираат за тамошната ситуација. Од друга страна, бидејќи сме во постојан контакт со нашите грчки партнери, со нашите водичи и со патници, ситуацијата е стабилна, земјата функционира нормално. Сите ги знаеме оние економски рестрикции кои им ги воспостави тамошната влада, но за основните намирници, како што се гориво, лекови, храна и слично, нема да има проблеми во наредниот период. Сепак, на Грција околу 30 од БДП им е туризмот, така што ни нивната влада, ниту ЕУ не би дозволила да се наруши оваа гранка. Ако евентуално тоа се случи, дури потоа ќе дојде до некоја страшна криза“, коментира за Дојче веле Мартин Петковски, сопственик на туристичка агенција.

Туристичките работници засега не регистрираат откажување на аранжманиФотографија: Fotolia/Pixel & Création

Откажани се помалку од 10 проценти од резервациите

Веста дека кредиторите позитивно гледаат на планот за штедење на грчкиот премиер Алексис Ципрас дава оптимизам дека состојбите сепак ќе останат стабилни:

„Видете, Грците и генерално имаат многу малку откажувања на аранжманите. Како што ме известија партнерите, тоа е некаде помалку од 10% од закажаните резервации. Меѓутоа во договорите, кои меѓу другото ги потпишуваме и ние, има предвидено казнени пенали во однос на отказ на аранжман ако не отпатува патникот. Затоа и Грците во моментов пуштаат некои минимални намалувања на цени, не дека се празни, туку за да ги спасат нивните партнери во странство за да не им пропаднат едноставно парите. Ова не е проста математика, еве Грција сега е во криза, па ќе паѓаат цените. Напротив, ако е Грција во криза цените ќе се качуваат нагоре затоа што луѓето ќе гледаат што побрзо да заработат некој денар за да можат да ја поминат годината. Значи спротивно на она што се верувањата меѓу народот кај нас. Индициите од последните две недели се дека цените се стабилни. Во однос на лани нема поголема флуктуација на цените само што сега поради ситуацијата е интересно да се зборува за тоа“, вели Петковски.

Грција останува една од главните дестинации - протокот на патници, домашни и странски, во последниве две недели е во благ пораст во споредба со истиот период ланиФотографија: picture-alliance/dpa/H. Knosowski

Годинава поголем проток на патници кон Грција

Дека Грција останува една од главните дестинации покажуваат и податоците за протокот на патници, домашни и странски, кој во последниве две недели е во благ пораст во споредба со истиот период лани. Од Министерството за внатрешни работи за Дојче веле изјавија дека во првата недела од јули, најголем проток е регистриран на Табановце и на граничниот премин Богородица кон Грција. Околу 19.000 Македонци во овој период влегле во Грција само преку Богородица, бројот на странските патници пак е над 43.000. Македонските државјани традиционално важат за најбројни туристи во Грција. Според статистиката - и најголеми потрошувачи. Анализите од минатите години зборуваа за над 150 илјади македонски туристи во Грција кои потрошиле 550 милиони евра што ги сместува на врвот по потрошените пари во туристичката сезона. Овој податок уште во 2012 година го објави Грчката туристичка федерација врз основа на просекот на влез на евра во Грција.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми