1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонците од Голо Брдо незадоволни од одговорот

Вера Тодоровска30 март 2013

Канцеларијата за образование во Булќиза, надлежна за образованието во Голо Брдо, по 3 месеци одговори на петицијата на Македонците од селото Требиште за изучување на македонскиот јазик во училиштето „10 Покојници”.

Фотографија: DW/Arben Muka

На 11 јануари 2013 година македонското друштво „Мост” од Голо Брдо поднесе петиција потпишана од 45 родители со која се бараше од надлежните институции во Албанија во споменатото училиште нивните деца да го изучуваат македонскиот јазик. Откако и по дваесет дена не добија одговор на нивната петиција, македонското друштво „Mост” на 2 февруари 2013 година испрати писмо до Владата на Република Албанија, Народониот првобранител, Комесарот против дискриминација, како и до странските мисии и амбасади во Тирана, од кои побара помош за решавање на нивното легитимно право.

По второто барање Канцеларијата за образование во Булќиза на 27 март 2013 година испрати одговор до претседателот на македонското друштво „Мост”, Бесник Хасани.

„Откако, со посебно внимание го разгледавме вашето барање за отварање на настава на македонски јазик за децата од деветолетката ’10 покојници’ во Требиште, Голо Брдо, ве известуваме дека согласно законот бр.69/2012 За предуниверзитетски систем во Република Албанија, започнато е со уредување на подзаконските акти, наредби, упатства и нормативни одредби за негова имплементација. Во согласност со горенаведениот закон, наставата на странскиот обврзувачки јазик – англиски- ќе започни во трето одделение, додека во 7-мо оделение ќе почне настава за втор странски јазик, по изборна настава. Врз основа на поднесените барања, училиштето го избира вториот странски јазик и го предлага до надлежната Канцеларија за oбразование. Канцеларијата за образование, земајќи ги во предвид ресурсите, било човечки или финансиски, донесува одлуки за вториот јазик кој ќе се изучува во училиштата кои се во нејзина надлежност”, стои во писмото oд Канцеларијата за образование во Булќиза.

Претседателот на македонското друштво „Мост”, Бесник Хасани, кој беше главниот иницијатор на оваа петиција за весникот „Македониум“ изјави дека не се задоволни од одговорот од Канцеларијата за образование во Булќиза, според кој со новиот закон за образование македонските деца во Требиште ќе може да го изучуваат македонскиот јазик како втор изборен странски јазик и тоа само во 7-мо оделение.

„Ние бараме нашите деца да го изучуваат македонскиот јазик уште во прво оделение. Кај нас децата до 7 години не знаат албански јазик, и него почнуваат да го изучуваат во училиште. Нема да се откажеме од нашето барање се‘ додека не се воведе македониот јазик во училиштата во Голо Брдо”, истакна Хасани за весникот „Македониум“.

МАЕИ ќе коалиција со партија која ќе гарантира изучување на македонскиот јзик

На изборната конференција на општинскиот комитет Требиште на партијата Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, која се одржа на 27 март во Требиште, Голо Брдо, се дискутираше и за петицијата за изучувањето на македонскиот јазик во Голо Брдо.

„По успехот со враќањето на македонското име на општина Пустец од страна на албанскиот парламент, сега Македонска алијанса за европска интеграција на престојните парламентарни избори во јуни 2013 година ќе коалицира со таа албанска партија која ќе ни гарантира изучување на македонскиот јазик низ цела Албанија, таму каде што Македонците преку петиции ќе бараат изучување на македонскиот јазик. Барањето за изучување на мајчиниот јазик е законско право кое што на Македонците и на другите малцинства им е гарантирано со закон, а и други Конвенции што Албанија ги има потпишано за заштита на малцинствата- истакна Стерјовски, - изјавил Васил Стерјовски, од МАЕИ.

Областа Голо Брдо во Албанија административно е поделена на три општини - Требиште, Острени и Стеблево, опфаќајќи 22 села населени со Македонци, вели Стерјовски.

„Тука Македонците не се признати од страна на албанската држава и немаат право да го изучуваат македонскиот јазик во училиштата, иако го зборуваат. Единствено во Албанија статус на македонско малцинство имаат Македонците во Мала Преспа, тие имаат минимални права и го изучуваат македонскиот јазик во училиштата“, нагласува тој.

Според него, Македонец си само додека си во областа Мала Преспа, доколку заминеш од нејзините гранции во друг дел на Албанија, тоа право го губиш и стануваш Албанец.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми