1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонците се’ повеќе купуваат преку интернет

Антоанела Димитриевска15 декември 2013

Споредено со пред 3 години, годинава има повеќекратно зголемување на интернет купувањето и тоа главно на гардероба, спортска облека, храна, книги и козметика, од што најмногу, 60-70 % на сајтовите за групно купување.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Според податоците на ГФК- англиската агенција за мерење и истражување на интернет купувањето, која има своја канцеларија во Скопје, 58% од населението во Македонија има пристап до интернет. Според податоците на АЕК-Агенцијата за електронски комуникации, процентот е 57, а според Заводот за статистика е 56%.

Разликата во процентите, велат за ДВ економските стручњаците, е „поради различните статистички модели на обработка на податоците коишто ги имаат користено и како е земен примерокот. Но, во принцип 56-57% од населението во Македонија има интернет пристап, што е висок процент, споредено со земјите во регионот, а што е главен предуслов за интернет или онлајн купување.

Во 2010. имало 1% на онлајн трансакции, а во во 2013. се околу 6%. Според професорот Димитар Јовевски од Економскиот факултет при УКИМ од Скопје :

„Иако ова изгледа релативно мала бројка, од аспект на трансакции и промет е доста голем пораст. Тоа значи дека ако во 2010. во Македонија имало 10-12 илјади трансакции, веќе во 2013. има 200 илјади трансакции“, посочува проф Јовевски.

Купувачите имаат доверба кон онлајн продавачите

Со самото зголемување на интернет купувањето може да се заклучи дека е зголемена и довербата на македонските купувачи во интернет купување.

„Во Македонија учениците и студентите се' повеќе се едуцираат за онлајн купување и знаат како тоа да го изведат и затоа се’ повеќе купуваат онлајн“, велат економските стручњаци.

Во годините наназад во Македонија најголемиот криминал што се случуваше во онлајн светот е оној поврзан со злоупотреба на картички од банкомати. Според проценките на економските експерти: „Многу мал процент е во однос на злоупотреба на податоци коишто се оставени како резултат на онлајн плаќање, така што граѓаните во Македонија немаат некакво поголемо негативно искуство со сајтовите за онлајн купување“.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Привлечноста на онлајн купувањето за македонските потрошувачи е и поради тоа што некои од сајтовите нудат големи бенифиции и попусти ако се купува истиот производ онлајн. Професорот Димитар Јовевски ни појаснува:

„Воедно и некои од банките нудат посебни картички со кои вие како купувач префрлате на трансакциска сметка само онилку пари колку што чини даден производ. Тоа значи и дека картичката е празна и не може да дојде до злоупотреба, поради што граѓаните се решават на таков чекор“.

Сајтовите за групно онлајн купување се појавија во вистинско време и место, дури 60-70 % од интернет купувањата во Македонија се преку овие сајтови. Во време на економска криза попустите се покажаа како добра можност граѓаните да го купат неопходното со попуст и да заштедат. Еден од сопствениците на овие онлај групни сајтови, а кој сака да остане анономен, за ДВ ни појаснува:

„Зголемената свест за интернет купување се должи на атрактивните понуди што влијаат на џебот на граѓаните. Најмногу продаваме храна, пијалоци и облека, а помалку козметички препарати“.

Ана Петровска, потрошувач, вели дека се' почесто купува онлајн на сајтовите за групно купување кои имаат и големи попусти:

„Се‘ почесто купувам онлајн и имам доверба во ваквите продавачи. Барем досега не ме изневериле.Тоа најчесто е храна на сајтови за групно купување кои имаат од 50 до неверојатни 90% попуст и така повеќекратно заштедувам. Со тие пари потоа можам да си купам и некое парче нова облека за мене и децата, а кои исто така ги купувам преку интернет“.

Од ОПМ предупредуваат купувачите да ги читаа општите услови од договорот

Од ОПМ - Организацијата на потрошувачи на Македонија информираат дека досега до нив се обратиле сосема мал дел од потрошувачите кои биле изневерени од ваквиот начин на купување. Според Златко Јолевски од ОПМ: „тоа беше поради несоодветен квалитет и немање на декларација, а поради што ние реагиравме и баравме враќање на ваквите производи, купени онлајн“.

Од ОПМ посебно предупредуваат купувачот да ги прочита општите условите за онлајн тргувањето, а посебно за доставување на пратката. И тоа дали трговецот ја сноси одговорноста и по превземањето на пратката.

Соред досегашните искуства на ОПМ, вакви негативни искуства со пратките по пошта, македонските купувачи имале само со странските интернет страници.

Според појаснувањето на Јолевски, се случило пратката да не му стигне на купувачот, а продавачот да се правда дека за тоа одговорноста не била негова, туку на поштата. По реагирање од ОПМ до пазарната инспекција, вели Јолевски, овој случај е расчистен:

„Во овој конкретен случај потрошувачот успеа да си ги поврати парите, но тоа секогаш не може да биде случај. Затоа ги советуваме потрошувачите, секогаш да ги читаат општите услови од договорот и за тоа кој ја сноси одговорноста“, потенцира Јолевски.

Од ОПМ предупредуваат потрошувачот да внимава и кога од него се бара да впише лозинка, затоа што можеби станува збор за лажни интернет страници.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми