Макрон би ја поддржал Меркел на чело на Еврокомисијата
СН/ агенции
12 јуни 2019
На Европа, според францускиот претседател, ѝ се неопходни нови силни лица. Германската канцеларка меѓутоа досега беше децидна дека по завршувањето на актуелниот мандат заминува во политичка пензија.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler
Реклама
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека би ја поддржал германската канцеларка Ангела Меркел кога таа би сакала да дојде на чело на Европската комисија.
Францускиот лидер изјави оти на Унијата ѝ е потребен некој кој е силен на чело на извршното тело на ЕУ, но дека нема да настојува да влијае на Меркел, повикувајќи се на нивното пријателство.
„Кога таа би го сакала тоа, би ја поддржал“, изјави Макрон за швајцарскиот јавен сервис. Меркел минатиот месец рече оти не сака да биде на чело на ЕК, ниту дека сака да има каква било друга политичка функција по заминувањето од канцеларската функција.
Таа го поддржува германскиот пратеник во Европскиот парламент, Манфред Вебер, да го замени сегашниот претседател на ЕК, Жан-Клод Јункер, чијшто петгодишен мандат на чело на Комисијата завршува годинава. Јункер вчера и самиот се изјасни за можната преселба на Меркел во Брисел, истакнувајќи дека не верува оти ова повторно ќе биде тема. „Бидејќи ја сакам оваа жена, не би ѝ го посакал тоа“. Тој уште истакна оти ја цени Меркел меѓу другото и поради тоа што секогаш јасно кажува кога нејзиното политичко мислење се менува. „Таа не е провидна, туку е транспарентна“.
Меркел во октомври минатата година рече дека нема да бара реизбор по истекувањето на нејзиниот четврти мандат на местото канцеларка во 2021 година и истовремено исклучи дека по канцеларската ќе преземе висока функција во ЕУ.
Меркел и Макрон во Женева учествуваа на заседанието на конференцијата на Меѓународната организација на трудот.
Пријателите и непријателите на Меркел
Во потрагата по „европско решение“ за миграциската криза, на Ангела Меркел ѝ се потребни сојузници меѓу шефовите на влади во ЕУ. Но, сојузници има сѐ помалку, а некои настапуваат се поодлучно против неа.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/O.Matthys
Партнер
Ако постои политички пријател на сојузната канцеларка, тогаш тоа е францускиот претседател Емануел Макрон. И тој, како и Меркел, сака европско решение, зашто исто така се плаши за опстанокот на ЕУ. Баварската ЦСУ пак верува дека Макрон ја поддржува Меркел зашто го „купила“ со финансиско-политички отстапки.
Фотографија: picture-alliance/Tass/dpa/M. Metzel
Хуманист полн со разбирање
Новиот шпански премиер Педро Санчез постапи во согласност со политиката на Меркел, дозволувајќи во неговата земја да пристигне брод со африкански бегалци, одбиен од владата на Италија. Толкава доза хуманост е ретка деновиве. Но, социјалистичкиот политичар сепак нагласи дека на неговата земја ѝ е потребна помош во совладувањето на миграцијата.
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Soriano
Посредник
Холандија е трговска нација, отворените граници во ЕУ се многу важни за Холанѓаните. Во тоа премиерот Марк Руте се согласува со Ангела Меркел. Од друга страна, расположението во неговата земја во меѓувреме е повеќе антимигрантско. Руте воопшто не сака во ЕУ да влезат лица кои немаат право на азил. Во тој контекст, тој би можел да преземе улога на посредник.
Фотографија: Reuters/F. Lenoir
Тактичар
Меѓу Ангела Меркел, демохристијанка и левичарот Алексис Ципрас постојат огромни идеолошки разлики. А сепак грчкиот премиер се залага за „европска солидарност“ во решавање на миграциската криза и лично ја поддржува Ангела Меркел. Причина за тоа би можело да биде разбирањето кое Меркел го покажа во контекст на грчката криза - Ципрас се надева на нови отстапки.
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis
Радикал
Данецот Ларс Леке Расмусен не изгледа како радикал, но е радикален по прашањето на миграцијата. Данската влада спроведува строга политика на „застрашување“ на азилантите, построга отколку другите земји. Расмусен прв ја лансираше идејата за прифатни центри надвор од ЕУ. Тој не сака прераспределба на азиланти во земјите членки на ЕУ.
Фотографија: imago/Belga
Противник
Австрискиот канцелар Себастијан Курц се однесува љубезно кон Ангела Меркел, но не го крие длабокото несогласување кон нејзината либерална бегалска политика. На друга страна, Курц одлично се согласува со противниците на Ангела Меркел на внатрешнополитички план - министерот за здравство Шпан и министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер, како и баварскиот премиер Маркус Зедер.
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Kneffel
Притиснат
Непартискиот италијански премиер Џузепе Конте е еден од најтврдите ореви за Меркел. Конте никако не сака да прифати (вратени) бегалци, првпат регистрирани во Италија. Притисок врз него врши пред сѐ италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Салвини од ксенофобната Лега: „Ние не можеме да прифатиме веќе ни едно единствено лице“. Со такви изјави, во Италија расте популарноста на Лега.
Фотографија: picture-alliance/ZumaPress
Незаинтересиран
Никој толку жестоко не ја критикуваше политиката на отворени граници на Ангела Меркел како унгарскиот премиер Виктор Орбан. За него, кризата е проблем на Меркел, а не негов. Тој воопшто не отпатува на мини-самитот за бегалците, за разлика од другите лидери на т.н. Вишеградска група (Чешка, Словачка, Унгарија и Полска). Сите тие категорично одбиваат прераспределба на бегалци.