Макрон се залага за силна ЕУ
10 мај 2018Одделот за печат во Елисејската палата се погрижи за тоа францускиот претседател да добие комотна фотелја за интервјуто. Но, Емануел Макрон немаше воопшто потреба од нејзе. За време на 20-минутниот разговор со новинарите на Дојче веле и на АРД тој речиси цело време седеше на предниот раб на фотелјата, стискаше тупаници, гестикулираше со двете раце и се обидуваше уверливо да им ги претстави своите ставови на двајцата новинари кои го интервјуираа - Макс Хофман од Дојче веле и Карен Миозга од АРД. 40-годишниот претседател делуваше динамично, енергично, будно, но и трпеливо при техничките одолговлекувања на разговорот. Тој е горд што Франција во изминатата година откако е претседател се променила многу. Сега сака да ги поттикне другите во Европа. Така гласи неговата порака во првото ТВ-интервју за германски медиум.
Трамп прави грешка
Прво стана збор за надворешнополитичката тема број еден. „Жалам поради одлуката на американскиот претседател“, рече Емануел Макрон за откажувањето на атомскиот договор со Иран. „Мислам дека е грешка и затоа ние, Европејците, мора да останеме единствени во рамките на атомскиот договор.“ Пред интервјуто за ДВ и АРД, Макрон телефонски разговарал со иранскиот претседател Рохани и му дал уверување дека ЕУ останува во договорот. Францускиот претседател призна дека неговите барања за договорот не наишле на „отворени уши“ кај американскиот претседател Трамп. „Мојот предлог до Трамп беше да не се раскинува едноставно сѐ и заедно со водата од леѓенот да не се исфрла и детето.“ Само затоа што еден се откажал, не може да се фрли едноставно цел договор. „Мора да го дополниме и прошириме и по 2025 година. Потребни се пошироки рамки.“ На тоа Макрон ќе работи заедно со останатите Европејци.
„Европа мора да го спаси мултилатералниот поредок“
Макрон пледира односите со САД да не се третираат само како криза. Има и многу заеднички интереси во делот на безбедноста и борбата против тероризмот. „Има тензии, но и силна поврзаност.“ Во спорот со САД околу казнените царини Европа не смее да се повлече, бара францускиот претседател. „Европа тука мора да си создаде респект. Ние сме голема трговска сила. САД се сојузник и партнер, но ние сепак имаме правила. Мора да се погрижиме за почитување на овие правила.“ На крајот на мај американскиот претседател ќе донесе одлука дали ЕУ и натаму ќе биде исклучена од казнените царини на челик и алуминиум. ЕУ се закани со контрамерки. „Мислам дека ова е историски момент за Европа. Европа има задача да го зачува мултилатералниот поредок воспоставен по крајот на Втората светска војна кој денес е загрозен.“ Загрозен од сопствениот сојузник - САД.
Меркел не го разочарала
Со намевка и одмавнување францускиот претседател реагираше на прашањето - дали е разочаран од германската канцеларка Меркел затоа што на Германија ѝ е потребно толку долго време за да одговори на неговите многубројни предлози за реформи во Европа. „Не, воопшто не. Не сум разочаран“, вели Макрон. „Сега Германија ќе го формулира својот одговор на нашите предлози и моите очекувања се големи. Се надевам дека канцеларката и нејзината влада ќе бидат на висина на задачата и дека ќе можеме да работиме заедно за да создадеме посилна Европа, суверена Европа, единствена Европа.“
Макрон нема разбирање за критиките за неговото реформско темпо и опширните реформски предлози. Тој не инсистира на тоа дека мора да има европски министер за финансии, но задачите мора да се завршат. „Како ќе се вика институцијата е сеедно. Она што е одлучувачко е - целта.“ На долг рок монетарната унија на еврозоната нема да може да се одежи ако нема транфер на услуги од богатите за сиромашните. „Мора да се ослободиме од табуата и егоизмите“, бара францускиот претседаел во интервјуто за ДВ/АРД.
„Европски носител на надеж“
Една година по неговиот избор, Франција е многу променета, многу реформи се на пат. Сепак, споредбите со Јупитер, Цезар или некои други самобендисани херои не му се допаѓаат на Макрон. „Никогаш не сум се гледал себеси како супер-херој.“ Работата која е пред него е многу тешка, но тој е борец, нагласува францускиот претседател.
Емануел Макрон денеска ќе ја добие реномираната Карлова награда на градот Ахен. Тој е награден како „европски носител на надеж“, се вели во образложението на жирито. Во интервјуто за ДВ/АРД Макрон остава да се наѕре дека наградата му ласка. „Многумина веруваа дека е невозможно во Франција да се победи со амбициозни европски цели. Но, функционираше“, рече тој во интервјуто.