1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Макрон е против исклучување на Унгарија од ЕУ

БГ /АФП
25 јуни 2021

Францускиот претседател Емануел Макрон смета дека е потребна „културолошка битка“ со одредени земји-членки на ЕУ, како Унгарија и Полска, каде беа донесени анти-ЛГБТИ закони. Жесток судир во ЕУ поради унгарскиот закон.

Belgien EU-Sahel-Treffen in Brüssel(Ausschnitt)
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/O. Hoslet

Францускиот претседател Емануел Макрон не поддржува исклучување на Унгарија од Европската унија, откако таму беше донесен закон со кој се ограничуваат правата на припадниците на ЛГБТИ заедницата.
„Тоа е езгистенцијално прашање за Европејците и голема дебата. Не поддржувам користење на членот 50 (исклучување од ЕУ)“, рече Макрон на прес-конференција. 
Претходно, холандскиот премиер Марк Руте му порача на унгарскиот премиер Виктор Орбан да ги почитува правата на ЛГБТИ заедницата или да ја напушти ЕУ.
Повеќе извори од самитот на ЕУ јавуваат дека на состаноците имало остри дискусии и лични судири меѓу лидерите на земјите-членки во четвртокот вечер.
„Му реков: ’Престани со ова, мораш да го повлечеш законот, и доколку не ти се допаѓа тоа и доколку навистина сметаш дека европските вредности не се твои вредности, тогаш треба да размислиш дали треба да останеш во ЕУ“, му порачал Руте на Орбан. 

Според информациите, 17 од 27 лидери на земји-членки на ЕУ, вклучително и германската канцеларка Ангела Меркел, потпишаа заедничко писмо со кое ја потврдуваат својата посветеност на заштитата на правата на хомосексуалците. На самитот му претходеше и остра реакција од Европската комисија кон Унгарија. 

Освен тужба пред највисокиот суд на ЕУ поради законот, Унгарија сега се соочува и со опасноста да и бидат блокирани и фондовите на ЕУ, согласно новите процедури на Унијата.
Орбан пред состанокот се бранеше дека законот не е насочен кон хомосексуалците, туку е замислен како заштита за правото на родителите да одлучуваат за сексуалното образование на нивните деца.
Единствената земја која застанала во поддршка на Орбан на самитот на ЕУ била Словенија.

Францускиот претседател Макрон денеска ги опиша конфликтите по ова прашање во ЕУ како „културолошка војна“.
„Мораме да откриеме како државите доаѓаат до оваа ситуација. Мораме да поведеме културолошка битка, битка на цивилизациите“, рече Макрон по самитот. Тој изрази загриженост поради растот на илибералниот конзервативизам кај некои земји членки со што се уништуваат вредностите на Унијата.
„Борбата против хомофобичните закони е одбрана на индивидуалните слободи и човечкото достоинство“, рече Макрон.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми