1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Макрон и Орбан ја натераа Германија на размислување

Борис Калноки
23 ноември 2019

Францускиот претседател и унгарскиот премиер најдоа заеднички јазик како провокатори во опортунистичка Европа, смета Борис Калноки во неговата колумна.

Emmanuel Macron und Viktor Orban beim EU Gipfel in Sofia
Фотографија: Getty Images/AFP/L. Marin

На 8 ноември почесниот претседател на ЦСУ Едмунд Штојбер во Будимпешта беше одликуван со висок орден од страна на унгарскиот претседател Јанош Адер. Потоа имаше средба со премиерот Виктор Орбан за приватно разменување на мислења. Предвиден беше еден час. На крај излегоа повеќе од три.
За што ли зборувале двајцата? „Пред се` за европската политика и за францускиот претседател Макрон", откри Штојбер подоцна во разговор со мене. „Драстичните изјави на Макрон, дека Европа мора да се гледа себеси како светска сила, или ќе исчезне во таква остра формулација никој досега не ги кажал", ми вели. Штојбер не остави простор за дилема дека се согласува со Макрон, иако канцеларката Меркел му потивречеше. Тој додаде дека и Орбан го делел истиот став, дека  НАТО веќе не е тоа што некогаш билo.  Мора да има силен сомнеж дека ќе биде исполнета обврската за меѓусебна одбрана, доколку на пример Естонија биде нападната од Русија. Заклучокот од тоа е дека Европа мора да си ја консолидира одбранбената политика и да изгради своја силна војска. Орбан притоа на драго срце би бил партнер „во рамки на можностите на неговата земја".
Унгарија како извидник во времиња на радикални пресврти

Орбан и Макрон зборувале за тоа лично и опширно, кога фарнцускиот претседател го примил унгарскиот премиер на 11-ти минатиот месец во Париз. По таа средба Макрон меѓу другото спомена дека разговарале за иднината на НАТО и за ЕУ и дека притоа нашле многу заеднички ставови.
Макрон уште пред средбата, во септември годинава, на конференцијата на амбасадори на неговата земја рече дека Орбан бил „инспиративен" – комплимент, со кој и Орбан повеќе пати му се умилкуваше на Макрон. Оригинална изјава на Макрон: Политичкиот дискурс на Орбан „носи културолошка и цивилизациска животна сила во себе", Унгарија со Орбан станала извидник во времиња на радикални промени, за разлика од други европски земји.
Во Полска пак поинаку го доживуваат Макрон. Премиерот Матеуш Моравјецки  НАТО анализата на Макрон  (дека Алијансата доживеала „мозочна смрт") ја оквалификува како „опасна". Тој остро го нападна Макрон, дека Франција е ситничарка во одбраната и се праша дали воопшто е подготвена да си ги исполни своите обврски? Тој се надева дека уште може да се потпрат на Франција во НАТО.

Борис КалнокиФотографија: Privat


Отровниот тон на обраќањето не е случаен. Најсилната критика на Макрон, дека САД во случај на напад од Русија врз некоја од поранешните земји од Источниот блок веројатно би сметале дека не се исполнети условите за солидарна одбрана, ја погодува во сржта полската одбранбена политика. Варшава во Русија гледа вистинска и конкретна опасност за безбедноста на Полска и за ЕУ мисли на сличен начин како Франција за НАТО: дека во случај да затреба, нема да може да се потпре на неа. Затоа Полска во изминатите години вложи многу политичка енергија и многу пари да ги врбува Американците. Владата постигна американски сили да бидат стационирани во Полска и гради тесна безбедносно политичка релација со САД. Макрон смета дека тоа е наивно од нивна страна. Можеби и е во право.

Макрон и Орбан како интелектуални идејни творци во Европа

Навистина вреди да се забележи што се одвива на сцената: Макрон и Орбан станаа двајцата интелектуални двигатели на дебатата за иднината на Европа. Шаблоните од минатото, за или против Европа, повеќе или помалку интеграција, повеќе ЕУ или повеќе национални држави, сето тоа веќе не одговара во комплексните и во добра мера противречни размислувања кои двајцата ги формулираат.
Макрон на пример го торпедираше проширувањето на ЕУ на Западен Балкан, значи сепак „помалку Европа". Тоа е одлука која ги отвара портите за руско, кинеско и турско влијание во регионот – односно создава „послаба Европа“. Земјите од Вишеградската група, Полска, Унгарија, Чешка и Словачка кои важат за ЕУ-скептичари, се меѓу најстрасните навивачи за ново проширување кон истокот, односно „повеќе ЕУ". Од прост личен интерес. Тоа значително би ја зголемило политичката тежина на истокот во рамки на ЕУ.
Макрон сака европски министер за финансии, директни даноци за ЕУ, заедничка економска политика, „повеќе ЕУ". Орбан и Вишеградските држави не сакаат ништо од сето тоа, туку „помалку ЕУ". Сите сакаат повеќе пари од ЕУ, на пример од новиот данок за финансиски трансакции, или што ќе рече „повеќе ЕУ". Макрон и истата таа четворка го потонаа принципот на врвни кандидати на изборите за ЕУ: повторно „помалку ЕУ".

Претходни колумни од авторот: 
Секој Орбан има свој олигарх

15 години од ЕУ-проширувањето: Источна Европа ја научи својата лекција

Моја Европа: Две души во источноевропските гради

 

Кавгата за „повеќе“ или „помалку ЕУ“

Макрон и Вишеградската четворка сакаат вистинска европска армија, „повеќе ЕУ". Франција од причина што традиционално сака самата да биде сила и во европска армија би можела да ја бара водечката улога за себе. Полска делумно има интерес, ако е тоа аргумент плус со кој може да се спротистави на Русија, ако само НАТО не пропадне на тој начин. На Унгарија и Чешка и Словачка идејата им се допаѓа бидејќи се премали за да може самите да си направат силна армија.

Додека во Германија често паушално се прашуваат дали некој е за или против ЕУ или НАТО, Макрон и Орбан поставуваат упорно прашања за нивната смисла во одредени области. Повеќе ЕУ каде што тоа има смисла. Не заради ЕУ, туку само таму каде што служи на сопствените интереси. Тие се различни, па затоа нивните позиции делумно се противречни. Но, секогаш се работи за сопствениот национален интерес.

Германија неодлучно стои на средина. Очигледно препознава правец во кој сака да се движи Франција, истиот правец кој го држи француската европска политика уште од времето на Шарл Де Гол: Германија политички да се врзе, да и` се „цица” економскиот потенцијал и по можност да се спречи Германците да се освестат за нивната моќ и повторно да посакаат да си одат по својот пат во Европа.

Германија, така се мисли во Источна и средна Европа, е навистина моќна. И збунета поради тоа. На каде да превагне со нејзината тежина? На лево и да ја прегрне Франција и да се вежба во европска „солидарност”? Или на десно и со аплаузот на источните Европејци да води класична политика од позиција на моќ?
Макрон и Орбан го прават она што во Германија најмногу се презира: лансираат нови, попречувачки идеи во свет кој изгледаше дека функционира толку убаво и комфорно. Германија, така се гледа на нештата во Франција и во Источна и средна Европа, е вљубена во статусот кво за кој веќе нема спас. Тоа не` тера да подразмислиме. Тоа може да предизвика главоболки.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми