1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Макрон – Ле Пен: Во прашање е и европската независност

15 април 2022

Во суштина, надворешната политика на Ле Пен е многу јасна – таа е на страната на Путин. Евентуалната нејзина победа би предизвикала серија на кризи. Првата и најважна е онаа европската. Пишува Ивор Мицковски

Frankreich | Erste Runde der Präsidentschaftswahlen 2022 | Marine Le Pen und Emmanuel Macron
Фотографија: Paulo Amorim/IMAGO

Пет години подоцна, првиот круг од претседателските избори во Франција ни приреди римејк на еден веќе виден филм. Емануел Макрон победи во првиот круг од претседателските избори во Франција и во вториот круг ќе се соочи со кандидатката на десницата, Марин Ле Пен.

Единствената разлика е во фактот што овој пат на изборите влијаеше војната во Украина, па Макрон кој иако беше оддалечен од народот и од изборната кампања, благодарение на своите дипломатски напори и трансформацијата во воен претседател, успеа да победи во првиот круг со подобар резултат и така да ги демантира анкетите.

За Европа исходот од првиот круг доаѓа како големо ослеснување. Марин Ле Пен, другарката на Путин,  непријателката на ЕУ и НАТО, ќе оди во вториот круг, но не успеа да го постигне посакуваниот резултат и да му се залепи на противникот.  Макрон  ѝ бега за речиси 5%, додека третопласираниот со 21,95 отсто, левичарот Жан-Лук Меланшон, го престигна за тесни 1,5% од гласовите. Меланшон, иако не го поддржа Макрон, им порача на своите поддржувачи: „Не смеете да ѝ дадете никаков глас на Марин Ле Пен“.

Традиционалните француски партии, Социјалистите и Конзервативците не успееја во обидот за драматичен камбек. На Валери Пекрес не ѝ успеа да ја врати конзервативната партија назад на политичката бина. Останаа под границата од 5% и таа мораше да ги повика своите гласачи во вториот круг да му дадат поддршка на Макрон. Уште полошо помина градоначалничката на Париз, Ане Хидалго која со социјалистите освои само 2% од гласовите. Партиите кои преку 50 години си ја делеа душата на Франција, дефинитивно излегуваат од политичката сцена.

Се разбира, сѐ ќе биде одлучено во вториот круг на 24 април, каде  Макрон  ќе може да се надева на гласовите кои се раштркаа кај повеќето кандидати. Ле Пен пак може да се надева единствено на гласовите и поддршката од Ерик Земур, уште поголем десничар и ксенофоб од неа, и на неговите освоени 7% гласови.

Франција уште еднаш покажа дека нејзиниот електорат во првиот круг гласа со желудникот и срцето, додека во вториот гласа со главата. Макрон дефинитивно беше фаворизиран од слабата излезност, како кандидат кој се потпира на стабилен и политизиран електорат, додека Ле Пен се надеваше на протестните гласови кои сепак не претежнаа, со што во Франција се затвора и фазата на „жолтите елеци“, кои пред 4 години ја парализираа земјата.

-други колумни од авторот: Путин - лидер на недемократскиот свет

Индикациите од првиот круг на француските избори се важни и за остатокот од Европа. По победите на двајцата лидери блиски до Путин, Орбан и Вучиќ, француските избори се првите навистина слободни и демократски избори. И Орбан и Вучиќ победија благодарение на речиси тоталната контрола врз општеството и медиумите, преку менување на изборниот закон и со силни сомнежи за изборни манипулации или измами. Француските избори се првите демократски избори по трауматичната ковид пандемија и во самиот ек на едни од најголемите геополитички превирања во Европа во последните 30 години. Делува дека токму овие трауматични процеси го отрезнија францускиот електорат каде мнозинството од гласачи одбра да ја погледне реалноста за онаква каква што е.

Ле Пен делумно успеа во својот политички трансформизам да се прикаже како поумерен десничар, секако благодарение и на екстремните позиции на Земур, кој ја презеде улогата на Ле Пен од пред 5 години. На Марин Ле Пен во последниве недели чудесно ѝ успеа да ги натера своите гласачи да ја заборават нејзината поранешна блискост со Владимир Путин. Пред 5 години нејзината тогашна партија позајми 9 милиони евра од чешко-руска банка, кредит кој сѐуште се исплаќа. Во истата година, Ле Пен ќе изјави дека политиките кои ги претставува се истите како и оние на Путин и Трамп. Исто така, во 2017 година, Ле Пен во врска со руската инвазија и анексија на Крим во 2014 година за француската телевизија БФМТВ даде изјава за големата осуда од страна на меѓународната заедница: „Мислам дека воопшто не можете да кажете дека имало нелегална анексија. Жителите на Крим на референдум се изјаснија дека сакаат да ѝ се приклучат на Русија“.

Ивор МицковскиФотографија: Privat

Денес Ле Пен е далеку повнимателна, но и понатаму тврди дека Путин е неопходен соговорник. Во однос на НАТО смета дека Франција треба да излезе од интегрираната команда, потег претходно веќе направен од Де Гол. Иако овој пат ја осуди руската агресија врз Украина, Ле Пен се изјасни против тешките санкции кон Русија и сега предлага стратешко приближување помеѓу НАТО и Русија, откако конфликтот во Украина би завршил. Според Ле Пен: „Во интерес е на Франција и на Европа, а верувам и во интерес на САД, да не видиме раѓање на блиско сојузништво помеѓу Русија и Кина“. Во однос на припадноста кон ЕУ, лидерката на РН нагласи дека не посакува „Фрегзит“, туку одредено ревидирање на европските договори, каде би се наметнала супериорноста на француското право над европското, според моделот и барањата на Полска и Унгарија.

-други колумни од авторот: Што по војната и евентуално Путин

Во суштина, надворешната политика на Ле Пен е многу јасна – таа е на страната на Путин. Евентуалната нејзина победа би предизвикала серија на кризи. Првата и најважна е онаа европската. Ле Пен сака да ја трансформира ЕУ во собрание од нации, секоја со засебен идентитет и суверенитет. Со тоа би се убила самата идеја за обединета Европа базирана на унитарни политики и солидарност, заедничка монета и проекти. Подемот на Ле Пен би претставувал Брегзит на стероиди, дури и Франција формално да остане во Унијата, суштински одватре ќе ја уништи европската идеја и проект. Потоа би следува и имигрантска криза во една мултикултурна земја како Франција, заради строгите антиимиграциони политики кои планира да ги воведе. Конечно, Франција, а со тоа и Европа, би се соочиле и со драматична економска криза, поради веќе докажаната некомпететност на Ле Пен и нејзиниот тим на тоа поле.

Со тоа на Франција не ѝ останува многу избор. Макронизмот е еден микс од галопирачки неолиберализам, фаворизирање на супранационалните и глобални интереси, доминација на приватниот над јавниот интерес. Но, и тоа е подобро во овие драматични мигови за Европа, со  Макрон кој веќе докажа дека има потенцијал да го преземе водството со ЕУ, барем додека Германија не расчисти со себе што навистина сака да постигне и како планира да се постави кон Европа и светот во оваа за неа нова политичка ера.

Изборите во Франција покажаа и дека историската конјуктура во моментов не дозволува подем на нови политички хоризонти. Меланшон со своите речиси 22% гласови и мнозинство од млади гласачи, собирајќи ги парчињата од распадната француска левица, се доближи, но не успеа во проектот да престави една нова политичка перспектива фокусирана на иднината, додека во исто време верна на традиционалните и историски теми на левицата.  Макрон,  како циничен и пресметан политичар успеа во својот политички подвиг комплетно да ги уништи Социјалистите и да ја елиминира традиционалната десница претставувана од Републиканците.

Тоа во што не успеа е да ја ослободи Франција од Ле Пен. По 5 години на власт, за очекување е дека и кај него има завладеано одреден умор и дека власта го има истрошено.

Сепак, електоратот препозна што е важно во овој историски момент: демократијата, европската солидарност и нејзината безбедност, одбраната на либералната држава која ги штити правата на граѓаните. Макрон ќе додаде дека од овие избори зависи „француската и европската независност“. Делува дека електоратот тоа одлично го разбира.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми