1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Макрон најавува „целосен ангажман“ за ЕУ

ЖА / агенции
1 јануари 2022

Франција од денеска го презема шестмесечното претседавање со ЕУ, претседателот Емануел Макрон најавува дека тоа ќе биде време на напредоци. Се очекува Западен Балкан да биде меѓу приоритетите

Silvester - Frankreich - Macron
Фотографија: Martin Bureau/AFP/dpa/picture alliance

„2022 година мора да биде пресвртна година за Европа“, изјави францускиот претседател Емануел Макрон во видео порака по повод преземањето на ротирачкото претседавање со ЕУ од страна на Франција.

„Нашиот континент во изминатите години беше често навредуван, на ЕУ ѝ беше префрлано дека поради поделеноста, е неспособна за заеднички проекти и е на пат кон општествена ирелевантност“, истакна Макрон. Но, корона-кризата  покажа дека заедништвото не е само корисно, туку и извор на надеж, рече Макрон, порачувајќи – тој ќе се погрижи за француското претседавање да биде време на напредоци.

Макрон претходно најави политика на повторно ангажирање и инвестирање на ЕУ во  Западен Балкан  и оцени дека политичката и економската работа во регионот, е работа на цела Европа.

Западен Балкан е повеќе од соседство. Балканот е срцето на Европа“, рече Макрон. Претставувајќи ги приоритетите на француското претседателство со ЕУ, тој изјави дека Западен Балкан денес повторно е исполнет со тензии. ЕУ има посебна одговорност кога станува збор за овој регион, истакна Макрон и предупреди дека за 50 години нема да може да се зборува за „Европа на мирот“ доколку Западен Балкан се остави во ситуацијата што е сега.

Француските дипломати во Брисел оценуваат дека Макрон е особено мотивиран и дека ќе го вложи својот политички капитал во решавање на  блокадата на Западен Балкан.

Франција денеска го презема претседавањето со Советот на ЕУ од Словенија, а по тој повод во новогодишната ноќ во цела земја бројни објекти беа осветлени во боите на знамето на ЕУ, меѓу нив и Елисејската палата и Алфеловата кула.

Ајфеловата кула во Париз во новогодишната ноќ светеше во боите на знамето на ЕУФотографија: Alain Jocard/AFP/dpa/picture alliance

Кредото на Макрон е „европски суверенитет“, со фокус на теми како заштита на надворешните граници, одбрана и борба против промена на климата. Аналитичарите сметаат дека притоа Макрон во предвид го има и својот реизбор на претседателските избори во април.

Меѓутоа, Макрон сѐуште не се изјасни конкретно околу повторна кандидатура, иако во Франција се смета дека тоа е само прашање на време.

„Каква и да биде мојата улога, јас и понатаму ќе бидам во ваша служба и ништо не може да го отуѓи моето срце од Франција“, порача Макрон. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми