Германската канцеларка Ангела Меркел беше навикната да ја презема водечката улога во Европа. Меѓутоа, таа улога, судејќи според сѐ, сега би можел да ја преземе францускиот претседател Емануел Макрон.
Реклама
Долги години Ангела Меркел беше „прва виолина“ на Европа. И тоа никој не го доведуваше во прашање. Откако Трамп победи на изборите во САД, неколку дневни весници на англиски јазик ја нарекоа Меркел „лидерка на слободниот свет“. Но тоа важеше пред неколку месеци. По германските парламентарни избори во септември, Ангела Меркел и нејзината Христијанско-демократска унија (ЦДУ) мораа да го прифатат фактот дека загубија голем број гласови. На Меркел и натаму не ѝ поаѓа од рака да формира нова влада.
Од друга страна, Емануел Макрон е нова ѕвезда на политичкото небо. Младиот, харизматичен Макрон победи на претседателските избори во Франција. Противник во вториот круг му беше деснопопулистичката кандидатка Марин Ле Пен. Освен тоа, тој, наспроти големиот отпор, успеа да го реформира францускиот пазар на труд. Останатиот дел од работата го одработија добрите економски податоци. По првобитниот пад на популарноста, сега „љубовта“ на Французите кон него е во пораст. Во анкетата спроведена во декември по повод 40-от роденден на Макрон, мнозинството Французи оцени дека тој е добар претседател. Се чини дека Франција, земјата која долго време се сомневаше во себе, со Макрон стана посамоуверена.
Со оглед дека на внатрешнополитички план има поддршка, Макрон самоуверено се однесува и на меѓународната сцена: сјајна вечера со Трамп на Ајфеловата кула, прием на рускиот претседател Владимир Путин во Елисејската палата, меѓународна конференција за климата, иницијатива за политиката на ЕУ кон Африка, а сега и посета на турскиот претседател Ердоган. „Тој повторно ја игра традиционално силната улога на француската дипломатија, онаа која се ангажира ширум светот и поаѓа од тоа дека случувањата во светот ја погодуваат и оти Франција мора да учествува во нив“. Вака новата надворешнополитичка линија на Макрон ја опишува Штефан Зајдендорф, заменик-директор на Германско-францускиот институт во Лудвигсбург. Макрон, според Зајдендорф, притоа не заборава дека добива во значење само ако настапува како Европеец.
Но, Макрон истовремено делумно, а сепак прилично јасно се оддалечува од својата „партнерка од соништата“- Ангела Меркел. На пример, кога е во прашање Ердоган. Додека Меркел во септември во предизборната кампања се залагаше за прекин на пристапните преговори на ЕУ со Анкара поради кршење на човековите права, Макрон оценува дека Турција е неопходен партнер. Во моментов е тешко да се замисли дека Ердоган во брзо време би можел да го посети Берлин.
Меркел и Макрон се разликуваат кога станува збор за односот кон тешките партнери: Меркел со Трамп, Путин и Ердоган секогаш бара можност за разговор. Во тие разговори е коректна, но во протоколите по разговорите може да се забележи колку е голема дистанцата меѓу нив. Од друга страна, Макрон се обидува да импресионира со големи работи. Неговото ракување со Трамп прерасна речиси во мал скандал - Макрон едноставно не ја пушташе раката на Трамп. Тоа инаку се случи откако Макрон побара од Трамп да „направи планетата да биде повторно голема“ (Make the planet great again).
Самостојна улога е секогаш лоша за Европа
Американскиот магазин „Тајм“, кој Меркел неодамна ја нарече „Госпоѓа Европа“, сега Макрон го нарекува „наредниот лидер на Европа“. Штефан Зајдендорф смета дека е лошо ако една личност или држава во Европа се ставаат на прво место. „Секогаш постои опасност некоја земја од ЕУ, ако таа мора да преземе водечка улога, останатите членки тогаш неволно да не ја следат или воопшто да не ја следат и да си ги застапуваат националните интереси, а не интересите на еропската политика“. Токму поради тоа тој на Меркел и на Макрон ѝ советува само заедно да ја преземат таа улога.
Макрон, според неговите сопствени кажувања, воопшто не тежнее кон таква соло-улога. Впрочем, тој и навистина порача дека сака да ја обнови Европа заедно со Германија. Меѓутоа, одговор на тој повик за реформи, тој сѐ уште чека. Макрон, инаку, меѓу другото, сака и да воведе функција на еврпски министер за финансии и заеднички буџет за еврозоната.
Меркел, во принцип, навистина е отворена за соработка и за нови идеи, иако меѓу нејзините демохристијани (ЦДУ/ЦСУ) владее голема воздржаност. Нејзината заменичка во врвот на ЦДУ, Јулија Клекнер, неодамна порача што мисли за вистинската причина за иницијативите на Макрон: „Ние сме против заедничко преземање на долговите на други држави. Тоа им го должиме на нашите даночни обврзиници“. Клер Демесме, експертка за Франција во Германското здружение за надворешна политика, тврди дека во Германија е широко распространето чувството - и тоа не само кај демохристијаните и кај либералите (ФПД) - дека Германија би морала да плаќа за Франција. Меѓутоа, такво прашање засега воопшто не се поставува. Сѐ додека Меркел не формира влада, таа не може ништо да му вети на Макрон, и со тоа му ја препушта меѓународната сцена.
Ангела Меркел, незаменливата
По 16 години поминати како претседател на политичката партија ЦДУ и единаесет години на чело на германската влада, се чини дека ерата на Меркел може да има уште едно продолжение.
Фотографија: Reuters/M. Rehle
Првата заклетва
„Сакам да и служам на Германија“ беше ветувањето на Меркел за време на кампањата за канцелар на земјата. По тесната победа, на 22 ноември 2005 година Меркел даде заклетва и стана првата жена канцелар, но и првиот шеф на влада кој доаѓа од Источна Германија. Таа застана на чело на широка коалиција составена од ЦДУ и СПД.
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Bergmann
Кој се плаши од кутрето на Путин?
На дипломатскиот фронт, Меркел мораше да се соочи со моќен противник. Таа е позната поради својата сталоженост и смиреност. Но, Владимир Путин очигледно сакаше да го стави на тест нејзиното трпение за време на приемот во 2007 година. Тој набрзо ја најде нејзината слабост: Меркел се плаши од кучиња.
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Astakhov
Фонд за црни денови
Меркел вообичаено е смирена што и помогна за време на кризите. Колабирањето на финансиските пазари во 2008 година предизвика проблеми за германската економија. Поради тоа, Меркел презеде акција. Таа беше инволвирана во планирањето на фондовите за спас на еврозоната. На крајот, германската економија се извлече речиси без последици, но мерките за штедење најмногу ги почувствуваа Грците и Шпанците.
Фотографија: picture-alliance/epa/H. Villalobos
Втор мандат
Иако резултатот на ЦДУ/ЦСУ на парламентарните избори во 2009 година беше вториот најслаб резултат за партијата во повоениот период, тоа сепак беше победа за Меркел. По широката коалиција со социјалдемократите во претходниот мандат, овој пат Меркел можеше да состави влада со посакуваниот партнер - про бизнис либералите од ФПД.
Фотографија: Getty Images/A. Rentz
Брзо исклучување
Иако по професија е физичар, инцидентот во Фукушима во 2011 година ја претвори Меркел од поддржувач - во силен противник на нуклеарната енергија. Веќе одобрените планови за продолжување на работниот век на германските нуклеарни централи беа откажани и спротивно на нејзините предизборни заложби, Германија наскоро го сопре производството на нуклеарна енергија.
Фотографија: Getty Images/G. Bergmann
„Првиот маж“ на Германија
Дали некој го препознава? Го чул неговиот глас? За време на десетгодишното владеење на Меркел, нејзиниот сопруг Јоахим Зауер, остана незабележан. Професорот по хемија на универзитот Хумболдт во Берлин стапи во брак со Меркел во 1998 година. Тој секогаш останува во позадината кога неговата сопруга е во официјални посети, но во нивниот приватен живот се чини дека е обратно.
Фотографија: picture alliance/Infophoto
Пријателство ставено на тест
Објавувањето на информациите дека блискиот сојузник САД ги пресретнува телефонските разговори на врвните германски политичари отвори голема афера пред меѓународната јавност. Ниту мобилниот телефон на Меркел не бил безбеден од тајните служби на САД. Аферата предизвика проблеми во домашната и меѓународната политика на Меркел.
Фотографија: Reuters/F. Bensch
Грчкиот пациент
Меркел има обожаватели низ целиот свет, но во Грција нивниот број е значително помал. На ниту едно друго место во светот Меркел не била толку демонизирана како што беше во Грција за време на должничката криза во еврозоната. Старите анимозитети беа повторно нагласени по барањата на канцеларката за штедење, економски реформи и кратење на трошењата од властите во Атина.
Фотографија: picture-alliance/epa/S. Pantzartzi
Емотивна, барем еднаш
Иако е воздржана и позната по минималните гестови и изрази на лицето, Меркел не можеше да се воздржи за време на финалето на Светското првенство во фудбал во Рио кога заедно со германскиот претседател го бодреа националниот тим. Во тој период Меркел беше на врвот на својата популарност, исто како и германската репрезентација, со која заедно влијаеа на градењето на меѓународниот имиџ на Германија.
Фотографија: imago/Action Pictures
Ние можеме да го направиме тоа, зарем не?
Кога стотици илјади бегалци пристигнаа во Германија канцеларката изјави дека законот за азил нема лимит. „Ние можеме да го направиме тоа!“ беше мотото на Меркел за време на бегалската криза. Таа тврдеше дека има план. Но, во меѓувреме многумина Германци се прашуваат дали навистина „можеме да го направиме тоа?“
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Hoppe
Што е следно?
По терористичките напади во Париз на 13 ноември минатата година Франција објави вонредна состојба. Ангела Меркел на соседите им понуди „целосна поддршка“. Сепак, стравот од тероризам беше сеприсутен. Без сомнеж, Меркел беше соочена со најголемиот предизвик во нејзиното владеење токму на десетгодишнината од нејзиното стапување на функцијата...
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. von Jutrczenka
Критични сојузници
На партискиот конгрес на ЦСУ во ноември 2015 година канцеларката беше критикувана од баварските сојузници. Хорст Зехофер ја обвини Меркел дека загубила контрола над границите со нејзината политика кон бегалците. Тоа беше понижување кое мораше да го истрпи стоејќи без можност да возврати на обвинувањата.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/S. Hoppe
Зарем не може да остане подолго?
Меркел би сакала трет мандат за Барак Обама, иако скандалот со прислушувањето од страна на НСА беше причина за резервираност од нејзина страна. Сепак, Обама ја напушта политичката сцена и му го отстапува местото на Доналд Трамп. Весникот „Њујорк Тајмс“ ја нарече Меркел „последниот чувар на либералниот Запад“.