1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мала држава во голема игра

Драгослав Дедовиќ/превод:БГ27 октомври 2015

Ѓукановиќ е на власт подолго од Лукашенко, но судирот на Русија и Западот му ги расипаа сметките. Обете страни во Црна Гора мислат дека можат нешто да добијат со ескалација, а тоа не е точно, смета Драгослав Дедовиќ.

Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Pejovic

Србите и Црногорците немаат големи историски, етнички или верски разлики. Слично како и Австрија во однос на Германија, Црна Гора под Мило Ѓукановиќ го пронајде разграничувањето од Србија во традицијата на сопствената државност. Но поделеноста е постојано присутна во црногорската држава, затоа што и некои од најголемите црногорски државници во минатото се дефинирале како Срби. На тоа со задоволство се сеќаваат црногорските Срби на сиромашниот север на државата.
Мирното раздружување на Подгорица од Белград во 2006 година, чиј главен идеолог беше Ѓукановиќ, остави длабоки траги во Црна Гора: во централните делови и на јадранскиот брег Ѓукановиќ си обезбеди големо мнозинство, во планинскиот север и онака никогаш не бил омилен.

Олуја во чаша вода?

Мило Ѓукановиќ е на власт подолго од Лукашенко во Белорусија. За тоа време успеа политички да го преживее соучеството во војните на Милошевиќ, раскинот со Милошевиќ, подигнувањето на повлекувањето на обвинението во Италија за меѓународен шверц на цигари, како и бројни избори. Не е чудно што и сега мисли дека протестите против него се само олуја во чаша вода. Додуша, за тоа ги обвини ветриштата од кругот на Коштуница, што се граничи со фарса, бидејќи Коштуница не е повеќе во состојба политички да влијае ни врз претседателот на својот куќен совет, а не пак врз европски државник со најдолг стаж на власт. Да беше само Коштуница во прашање, Ѓукановиќ ќе можеше да одмавме со рака и да продолжи да го води црногорскиот брод кон ЕУ и НАТО.

Драгослав Дедовиќ

Но, судирот на Русија и Западот во радиус од Украина до Сирија, му ги помати сметките. Задува постуден, сибирски ветер од Кремљ. И покрај тоа Подгорица им се придружи на земјите од ЕУ и ѝ воведе санкции на Русија, нешто што има повеќе симболичка вредност, но во случајов и не се работи за економија туку за геополитичко престројување. Поканата за членство во НАТО која треба да уследи до крајот на годинава, не е причината за бунтот, но е еден добар повод за опозицијата да се обиде со сценарио на револт какви што гледавме од Мајдан до Арапската пролет. Дури и Русите да делувале поттикнувачки, како што наведува власта, тие никогаш не би можеле да произведат антивладино расположение од овие размери без домашната поделба на Црногорци и Срби, на профитери и губитници од независноста, на сиромашните и привилегирани.

Бидејќи новиот геополитички натпревар на Истокот и Западот го принуди конечно да се приближи до Западот, тој чекор под сегашните околности ќе биде и раскин со еден вид идентитетска линија, тоа ќе биде културен пресек. Дури и со очекуваната покана за членство во НАТО, политичката цена би можела да биде преголема бидејќи поделбата на заговорници и противници на тој курс е само продлабочување на сите останатите црногорски поделби.

Со други зборови, не се вистински проблем Русите. Или Западот. Проблем е ароганцијата на власта длабоко загазена во корупција и застрашувачката неспособност на опозицијата да артикулира ненасилна алтернатива. Во политиката без концепт на крајот насилството станува концепт.
Стереотипите ги прикажуваат Црногорците како луѓе со големо јунаштво но и мала работна етика. Секако треба да се биде внимателен во однос на стереотипните претстави. Едно е сепак сигурно. Ниту преку ноќ политичките табори ќе бидат инспирирани од гандиевскиот дух на ненасилство, ниту вредно ќе работат на мирно решение. Значи, голема е веројатноста дека Црногорците некое време ќе се сретнуваат на уличен мегдан, наместо во политичките форуми предвидени за решавање на судирите со дијалог.
Засега и двете страни во Црна Гора мислат дека можат нешто да добијат со ескалација. Тоа долгорочно едноставно не е точно, бидејќи насилството, сторено кон друг или претрпено, во црногорската реалност по обичај ќе биде митологизирано и така ќе стане отпорно на секое самокритичко преиспитување. Приказните за јунаштвото на тој начин се претвораат во безвремено упатство за употреба, за генерациите кои се уште не се родени. На Црна Гора, како и на повеќето балкански држави итно и е потребен концепт за надминување на културата на сила и насилство.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми