1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

221110 Papst Kondomverbot

22 ноември 2010

Папата Бенедикт Шеснаесетти за првпат во историјата на Католичката црква изјави дека одобрува примена на кондоми во одделни случаи. До сега тој и црквата беа апсолутно против користењето кондоми.

Папата Бенедикт ШеснаесеттиФотографија: picture alliance/dpa

Изјавата на Папата Бенедикт Шеснаесетти за користењето кондоми во одделни случаи се однесува пред се’ на превенцијата од сида. Тоа е еден вид „мала револуција“ во Католичката црква и за сега никој од кардиналите и бискупите не сака да ја коментира оваа изјава. Само портпаролот на Ватикан, Федерико Ломбарди, се обидува да ја деескалира ситуацијата во подолго соопштение. Во него Ломбарди порачува дека не станува збор за револуција во ставовите на црквата, дека Бенедикт Шеснаесетти не го менува учењето на црквата по оваа тема и не го смета кондомот како „вистинско и морално издржано решение за проблемот со сидата“.

„Непроменет став“

И новинарот Петер Зевалд, кој го водеше интервјуто со Папата, а во кое спаѓа и изјавата за кондомите, појаснува: „Тој вели дека кондомите не се решение, дека насочувањето на целото внимание врз кондомите претставува банализирање на сексуалноста и дека ставот на црквата по ова прашање останува непроменет.“

Папата на терасата на плоштадот на Свети Петар во РимФотографија: picture-alliance / dpa

Сепак, Папата дословно вели дека „користењето кондом во одделни случаи, со намера да се намали опасноста од заразување, претставува прв чекор на патот кон поодговорна и почовечка сексуалност“. Бенедикт во интервјуто наведува и конкретен пример на лице од машки пол, кое нуди сексуални услуги и при тоа користи кондом во свест дека не му е дозволено се’ и во секое време.

Сепак „нешто се движи“

Промената на курсот на Папата е особено јасна ако се има предвид неговата изјава минатата година за време на летот кон Африка, кога порача дека проблемот со сидата не може да се реши со делењето кондоми и дека нивната примена дури го влошува проблемот. Факт е меѓутоа дека и Католичката црква дели кондоми во регионите на африканскиот континент, во кои постои голема концентрација на заразени од сида. Тоа што сега Папата тоа јавно и го одобрува, барем во некои случаи, претставува помирување на црквата со реалноста.

Автор: Петер Зевалд/ Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми