1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Малезискиот авион бил соборен со повеќе истрелани предмети

Александар Методијев/афп/ап9 септември 2014

Малезискиот авион МХ17 се распаднал на делови за време на летот над бунтовничкиот регион во Украина откако бил погоден со бројни објекти со голема брзина, стои во извештајот објавен денеска (9.09) во Холандија.

Фотографија: picture-alliance/dpa

„Авионот на летот МХ17 (...) се распаднал во воздух, веројатно како резултат на структурно оштетување предизвикано од бројни објекти со висока енергија, кои навлегле во авионот однадвор“, стои во прелиминарниот извештај за несреќата во која загина 298 луѓе, во најголем дел холандски државјани.

Извештајот направен од Холандскиот совет за безбедност доаѓа речиси по два месеца од соборувањето на малезискиот авион. Во него стои дека Боингот 777-200 бил во исправна состојба пред неговото полетување од Амстердам и бил управуван од „квалификуван и искусен екипаж“. „Немало никакви технички проблеми“, стои во извештајот на 34 страници.

Во него се забележува дека со фактот оти авионот бил погоден од предмети со висока брзина „се објаснува ненадејниот крај на регистрирањето податоци од црните кутии, истовременото губење на контакт со контролата на летање и исчезнувањето на леталото од радарот“.

Боингот беше соборен на 17 јули, кога леташе на небото над источна Украина на релација од Амстердам кон Куала Лумпур. Киев и Западот ги обвинија проруските сепаратисти за соборување на авионот со ракета земја-воздух од руско производство обезбедена од Москва. Русија, пак, ги негираше обвинувањата од Запад за директна вмешаност во конфликтот во Украина и за соборувањето на малезискиот авион ги обвини украинските владини сили.

Фотографија: Reuters/Maxim Zmeyev

Наодите се базирани врз информации од црните кутии, фотографии и видеа снимени на местото на несреќата, како и информации обезбедени од украинската служба за контрола на воздушниот сообраќај. Целосниот извештај за несреќата се очекува да биде направен до средината на 2015 година.

Во прелиминарниот извештај не се зборува за тоа дека малезискиот авион е соборен од ракета, ниту кој би можел да биде одговорен за неговото соборување. Во него се посочува дека оштетувањето на авионот било направено во неговиот преден дел.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми