1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Денко Малески: Иванов ризикува да предизвика нестабилност

21 март 2017

Кога некој ќе се обиде да го закочи демократскиот процес и да го пренасочи во друга насока, ризикува да предизвика нестабилност, вели првиот министер за надворешни работи на независна Македонија, Денко Малески

Mazedonien Denko Maleski ehemaliger Außenminister
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Некои го нарекоа „врвен скандал“, други „кукавичко бегство на претседателот“, а оние кои протестираат за наводна одбрана на унитарноста на државата, веруваат дека се работи за „висок патриотски чин“. Одбивањето на претседателот Иванов да се сретне со еврокомесарот Јоханес Хан, со образложение дека „своите ставови веќе му ги соопштил на нивната последна средба на 10-ти февруари годинава и тие остануваат непроменети“, не наидува на одобрување меѓу дипломатите. Сметаат дека разговорот за важните теми во кризни времиња е минимум без кој не може да се оди напред. И додека се чека еврокомесарот да слета во Скопје, еден од неговите соработници, твитна фотографија од авион и напиша: „На пат кон Скопје, Јоханес Хан, Едвард Кукан, Кнут Флекенштајн и Иво Вајгел, со порака да се почитува демократијата и парламентарното мнозинство. Не подгревајте меѓуетнички тензии“.


На различна фреквенција

Домашни политичари не се сеќаваат дека некој политичар одбил средба со функционери од меѓународната заедница во време кога таа помага и посредува во наоѓањето решенија за проблемите. 

„Претседателот Иванов и официјален Брисел очигледно не се на иста фреквенција и не може да се разберат за што точно зборуваат“, вели првиот министер за надворешни работи на независна Македонија, Денко Малески.

Според него, со какви и политички ставови да биле луѓето во врвот на државата, во историјата на самостојна Македонија никогаш немало толку конзервативни и недемократски пораки од горе надолу внатре во македонското општество, ниту пак кон меѓународната заедница. 

„Откажувањето на средбата со еврокомесарот Јоханес Хан се должи на фактот дека македонскиот претседател знае што ќе му биде кажано. Имено, дека демократијата е отворен процес на сменливи и одговорни политички елити, процес преку кој се изразува волјата на мнозинството во парламентот. Дека апсолутно нема право да го попречува тој процес и да ја креира агендата на домашната политика, повикувајќи се на национален и државен интерес. Националниот и државниот интерес произлегува од збирот на парцијалните интереси на македонското општество изразен преку партиски програми, кои низ дебата и договор се усогласуваат во програма на влада што ја изразува волјата на мнозинството во парламентот“, укажува Малески.

Последици и можни санкции

Какви последици ќе предизвика ваквото „вртење грб“ на Брисел и што понатаму - е прашањето што го поставуваат македонските граѓани кои очекуваат мирен трансфер на власта. Според Малески, потегот на претседателот воопшто не води кон смирување на состојбите.  

Домашни аналитичари не се сеќаваат дека некој политичар одбил средба со функционери од меѓународната заедницаФотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

„Кога некој ќе се обиде да го закочи демократскиот процес во текот на изборната процедура која трае веќе четири месеци, и да го пренасочи во друга насока, ризикува да предизвика нестабилност. Зошто? Затоа што самиот демократски  процес е гарант за мирен трансфер на власта. Напуштајќи ја заробената држава и влегувајќи во вистински плурализам, ќе имаме чести трансфери на власта и променливи коалиции кои ќе ја водат државата. Овој испит мора да го положиме. Граѓаните и опозицијата не треба да одговораат со истите методи што ги употребуваат луѓето од власта, бидејќи тоа е рецепт за конфликт. Сите можности треба да бидат искористени се додека има шанса за мирен трансфер на власта“, порачува Малески. 

Но одбивањето да се деблокираат демократските процеси, може да доведе и до одредени санкции. Кредибилен европски извор за емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат-М, вели дека се разгледува опција за таргетирани рестриктивни мерки, кои во прва фаза би го опфатиле само претседателот на државата Ѓорге Иванов. Санкциите не би имале никакви последици за граѓаните. Во Брисел на ова се гледа како на навраќање на прашањето кое веќе било разгледувано лани кога Иванов помилува 56 лица. Тој потоа ја промени одлуката, по што и немаше потреба од санкции. Со одбивањето да го даде мандатот на Зоран Заев, прашањето се реактуелизира.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми