1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Малески: Сами го најдовме вистинскиот пат

8 септември 2021

Додека другите брзаа во војна, ние водевме мирољубива политика која со сите сили настојуваше да ја избегне војната, вели првиот министер за надворешни работи во независна Македонија

Denko Maleski
Фотографија: Denko Maleski

Поминаа 30 години од денот кога огромното мнозинство македонски граѓани референдумски се изјаснија дека сакаат независна држава. Но патот до самостојна држава која ќе биде призната од светот не беше ни краток ни лесен. За напорите што беа вложени на тој план во време на крвавиот распад на Југославија, разговаравме со тогашниот прв министер за надворешни работи во независна Македонија, Денко Малески. 

ДВ: Младите политичари и дипломати малку знаат како се трасираше патот за меѓународно признавање на земјата. Колку писма испративте, на колку врати тропнавте? 

Денко Малески: Светот чиј дел сакавме да станеме, не знаеше многу за народите и нивните држави кои со распадот на југословенската федерација, се подготвуваа да стапат на меѓународната сцена. Министерството за односи со странство сѐ уште не беше оспособено за големиот предизвик на независноста. Затоа, почетокот на нашата меѓународна афирмација беше Конференцијата за Југославија организирана од Европската заедница со поддршка на Америка. Македонија доби свое место на конференциската маса, но и на меѓународната сцена, еднакво со Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Во првата фаза кога седниците беа на ниво на министри за надворешни работи, се случуваше и по неколку пати во неделата да заминам во Хаг, подоцна во Брисел. На барање на претседателот Глигоров, напишав меморандум за позициите на Македонија во југословенската криза и за тоа како гледаме на исходот од Конференцијата. Малку се знае дека на линијата на тој меморандум и на ставовите искажани во платформата на Глигоров и Изетбеговиќ за сојуз на суверени држави, беа и заклучоците на Конференцијата, документ кој е задолжителен дел од сите анализи и книги напишани за кризата во Југославија. Иако Конференцијата заврши со ветото на Милошевиќ, македонската надворешна политика ја оствари својата цел и ја претстави идната независна држава во најдобра можна светлина. Заврши и со познатото мислење на Арбитражната комисија на Бадентер дека само Македонија и Словенија ги исполнуваат условите да бидат признаени за независни држави. Со претседателот Глигоров се согласувавме перфектно и не ни требаа многу зборови. Првите слободни повеќепартиски избори во Македонија произведоа парламент во кој доминираше партијата на македонските националисти која не успеа да формира влада. Гледајќи наназад би рекол - за среќа. 

Со претседателот Глигоров се согласувавме перфектно и не ни требаа многу зборови, вели МалескиФотографија: Dnevnik

ДВ: Зошто го сметавте тоа за олеснителна околност? 

Денко Малески: Оти повторувањето на националистичките сценарија од другите делови на Југославија ќе беа погубни за Македонија. На пример, согласно мислењето дека нема независност без да падне крв, претставници на македонската националистичка партија, разбрав подоцна, му понудиле на претседателот на Собранието да регрутираат неколку илјади доброволци кои би ја избркале ЈНА од Македонија. Министерот за внатрешни работи, Јордан Мијалков, пак, лично ми раскажа дека на состанокот со сојузниот министер за внатрешни работи Петар Грачанин му порачал дека ќе има крв до колена доколку Македонија биде нападната од ЈНА. Кабинетот на претседателот на републиката во координација со претседателот на парламентот Стојан Андов, стана центарот на дефинирањето и спроведувањето на нашата надворешна политика на мирољубиво самоопределување преку договор постигнат на конференциската маса. Без оглед на неуспехот на конференцијата за Југославија, заради ветото на Милошевиќ, Европа и светот ја запознаа државата во раѓање и нејзината мирољубива политика. Се сеќавам на средбата со Даглас Херд, британскиот министер за надворешни работи и неговите соработници со отворени нотеси, во седиштето на НАТО. Молбата од нив беше да одговарам на прашања за тоа кои сме и за што се залагаме. Прашањата беа од најелементарни до најсложени. 

ДВ: Какви беа реакциите на вашите одговори? 

Денко Малески: На таа конференција ги освоивме сипатиите на меѓународниот аудиториум и останавме пријатели со сите членки на федерацијата во распаѓање. Бевме најконструктивниот фактор на собир на кој се одлучуваше за судбината на нашата мала земја. Подоцна се организираше и Лондонската мировна конференција. Мојата задача беше неуморно да ја објаснувам македонската позиција. Истото го правев секојдневно на радио, телевизија, весници, пред македонската јавност, но и од мојот стан во Скопје во кој деноноќно звонеше телефонот со повици од разни страни на светот. Да се пребројат тие мои кажувања сигурно ги има на стотици.

Сето мое знаење за меѓународните односи како професор, но и како син на југословенски дипломат, го ставив во служба на својот народ, никогаш не заборавајќи дека претставувам мултиетничка држава. Не бев дел од некогашниот државен апарат во кој министрите чекаа став од повисоките инстанци. Тоа беше важен факт за успешноста на мојата мисија зашто семоќната и единствена партија ја создаде навиката кај политичарите да слушаат и извршуваат наредби, но не и да манифестираат иницијатива и сопствен став. Мислев слободно, но мислев европски и светски, ако не е нескромно да се каже. Балканските омрази, како и сега, и тогаш ми беа туѓи. Среќна околност беше што моите погледи за војните во Југославија и за иднината на Македонија сосема се поклопуваа со оние на претседателот Глигоров кој ми даваше безрезервна поддршка во самостојниот настап, застанувајќи зад мене и кога бев напаѓан во македонскиот парламент. 

ДВ: Во една прилика изјавивте дека тие две години како министер за надворешни работи ви тежеле како дваесет. Што предизвикуваше најголема загриженост за иднината на земјата и нејзиното етаблирање на меѓународен план?

Денко Малески: Јас бев за мирна реконструкција на федерацијата во сојуз на суверени држави, нешто налик на Европска унија на југословенски држави. За таквиот став ја имавме сесрдната поддршка од САД и од ЕУ. Националистите во југословенските републики, вклучувајќи ги и нашите, беа за рушење на Југославија. Реконструкција на односите меѓу народите на федерацијата е тежок и бавен процес, рушењето, пак, е чин на војна и деструкција. Не успеавме да ја преуредиме федерацијата и кога стана јасно дека ситуацијата е „секој за себе“, со претседателот настојувавме на мирен начин да стасаме до независност. Не сакам да помислам што ќе се случеше со нас ако не успеавме. Зашто, и по успехот наречен мирно осамостојување, врз претседателот беше извршен атентат. Товарот кој доброволно го ставив на своите плеќи можев да го издржам само заради силното чувство на мисија. Тоа чувство ме држи и сега триесет години подоцна кога пишувам или зборувам вистина, која не е секогаш допадлива, инаку би ловел риба во Струга. Да се води надворешна политика на непризната држава во услови на етнички војни кои можеа лесно да не зафатат и нас, беше емотивно исцрпувачки. Сојузот се распаѓаше на еден бестијален начин и ние како република останавме сами. Ситуацијата во Југославија беше вон наша контрола. За тоа што се случува во федерацијата дознававме кога прекинувавме со седницата на владата во дваесет часот за да гледаме вести од Белград. Што ако војската интервенира во Македонија и ја уапси владата, беше една од темите на која немавме одговор. Секоја надеж да се сочува нешто од југословенското заедништво пропадна. Не важеше веќе девизата на партизанската генерација дека „Нема Југославија без Македонија и нема Македонија без Југославија“. Со партизанското наследство на создадена македонска држава тргнавме сами во светот да си го најдеме местото под сонцето. Во тоа време на Си-ен-ен се прикажуваа страотни призори од војните во мојата поранешна држава: логори, разрушени градови и села, колони бегалци, етничко чистење... Да, тоа беше сцената на која се одвиваше нашата борба за мирољубиво самоопределување, политика која со сите сили настојуваше да се избегне војната во Македонија. Би можел да редам настани и личности додека не ви се заврти во главата. Ете зошто тие две години ми се сторија како дваесет. 

Бегалци од војните во поранешна ЈугославијаФотографија: picture-alliance/dpa/D. Kecman

ДВ: Во 1993 Република Македонија беше примена за членка на ОН врз основа на резолуцијата 817 на Советот за безбедност, со препорака времено да биде ословувана со референцата „Поранешна Југословенска Република Македонија“ сѐ до конечно решавање на разликата со Грција околу името. Постоеше ли и друга опција освен прием под таа „привремена“ референца, која живееше четврт век? 

Денко Малески: На состанокот во Даунинг стрит број 10 со британскиот премиер  Џон Мејџор, претседателот Глигоров се обврза да ја испита можноста да се пријавиме за членство во ОН со главниот град Скопје во заграда, со што би се направила дистинкција со грчка Македонија. За возврат, ни беше кажано, САД и Британија ќе излезат со објава дека за нив спорот е решен. Како сето тоа ќе завршеше ако тргневме по тој пат - не знам. Нашиот претседател процени дека нема расположение во земјата за промена на уставното име. Бидејќи во Македонија договор немаше, големите сили во советот за безбедност нѐ примија во ОН со референцата Поранешна југословенска Република Македонија и нѐ обврзаа да бараме компромисно решение со Грција. Приказната на Сајрус Венс, која ми ја кажа на средба во Њујорк, кога бев постојан претставник на нашата земја во светската организација, е дека заедно со Дејвид Овен, некогашниот министер за надворешни работи на Велика Британија и посредник во југословенските спорови, организирале средба на Глигоров со Мицотакис. Планирале да го земат претседателот Глигоров со себе од Скопје за Атина каде би се решил спорот со името New Macedonia (Нова Македонија). Нашиот претседател, според зборовите на Венс, не се согласил со предлогот. 

ДВ: За Македонија во меѓународните односи од 1991 до 1993 година пишувавте и во вашата книга „Бебето од катран“. Гледано од денешна дистанца, што можело да се направи поинаку, помудро, подобро?

Денко Малески: Добро прашање. Денес би требало секому да му е јасно дека национализмот не е патоказ за излез од ваков спор. Но, и дека да се оди спроти емоциите на народот не е ни малку лесно. Зашто, додека објаснував дека постојат повеќе вистини за Македонија, една од кои е и нашата, и дека прифаќањето на тој факт е правиот почеток за компромис во спорот со името, народот под диригентство на партиите пееше „Има само една вистина што се вика Македонија...“. Но не е така. Нема само една вистина за Македонија. Некои дури сега разбираат, други никогаш нема да разберат дека, како што велеше претседателот Глигоров, „Македонија е сложена формула“. Доволно е да го погледнете клипот на Јутуб за да заклучите дека при спомнувањето на името Македонија солзите на Константин Караманлис, тогашниот претседател на Грција, се автентични. Тој навистина плаче. Автентични беа и солзите на нашите луѓе, особено на бегалците од Граѓанската војна, но солзите и емоциите не решаваат ништо во меѓународната политика. Не ми појде од рака да убедам повеќе луѓе дома дека ние сме новодојденци во меѓународното општество на држави и дека ние треба да се прилагодуваме на ситуацијата. Притоа, треба да бидеме раководени од најскромната, а не најграндиозната интерпретација за настанокот на нашата нација и држава. Го направивме токму спротивното. Раководени од античката мегаломанија заталкавме и се изгубивме во историјата на Грција, а сега како да ја повторуваме истата грешка со Бугарија. Жално е што кај нас нема модерна либерална интелектуална мисла која, како претходница на политиката, би го пробивала патот кон иднината. Зошто нема? Со запрепастување, но и од лично искуство, заклучувам дека сѐ уште важи она што го напишал Марко Цепенков: „Тој шчо ја кажвит вистината едвам останвит жив". Но да ја кажува вистината е должност на интелектуалецот, независно од последиците.

Малески: Со запрепастување, но и од лично искуство, заклучувам дека сѐ уште важи она што го напишал Марко Цепенков: „Тој шчо ја кажвит вистината едвам останвит жив".Фотографија: DW/P. Stojanovski

Што сум можел да направам поинаку и помудро, подобро? Историјата веќе ја оцени политиката на мирољубивото осамостојување на Македонија како сјаен успех кој денес го славиме. Во таа смисла ништо не би променил. Дадов се од себе да се реализира таа цел, не мислејќи на себе доколку таквото осамостојување не се оствареше. Инаку, има една важна лекција која ја научив. А тоа е дека пред секоја надворешна политика стои сериозна домашна задача: да ги обедини партиите околу заедничка цел. Тоа кај нас не е можно, ми вели претседателот Глигоров на мое инсистирање така да влеземе во ОН.

ДВ: Тврдевте дека мораме да го положиме испитот на најтешките два „универзитета" - НАТО и ЕУ. Вториот испит сѐ уште не сме го положиле. Да е иронијата поголема, пречка за тоа е ветото на Бугарија, земја што прва ја призна независноста на македонската држава. Како да избегнеме повторен „лет во место“?

Денко Малески: Првиот испит го положивме после 25 години, Тоа е пребавно зашто многу животи беа упропастени. Но, кој не тераше да ги поставуваме темелите на нашиот идентитет во грчката историја или што не работевме посветено на добар компромис? И каде беа интелектуалците масовно да кренат глас против антиквизацијата? Начинот на кој се соочивме со спорот со Бугарија како да вели дека не чека истото како со Грција. Со тоа што Грција не бркаше од својата историја, а Бугарија насила не турка во заедничкото минато. Наша реакција на грчкиот отпор: антиквизација. Наша реакција на бугарскиот поглед на историјата: немаме заедничко минато. Добро, ако немаме, немаме. Но за тоа не одлучуваме сами. Ние сме дел од демократскиот свет и секој сегмент на нашето општество мора да биде компатибилен со тој свет. Тоа се однесува и на нашата историографија. Дали и во што сме, а во што не сме компатибилни со Европа и светот, треба да произлезе од една слободна дебата за нашето минато. Владата и претседателот не треба да се оградуваат од ставови на поединци. Доволно е јасно да ги кажат сопствените и да ја поттикнат борба на мислења. Зашто, се во една либерална демократија е отворено за критичко просудување. Се. Табуа не постојат. Слободната мисла е движечката сила која стои зад прогресот на демократските држави кои храбро се соочуваат со промените, па и со промените во свеста. Елиминирајте ја слободната мисла и сте го елиминирале напредокот во еден свет кој молскавично се менува. Лакмусовиот тест за нашиот патриотизам не е како гледаме на минатото туку како гледаме на сегашноста и на иднината на нашата македонска држава, јазик и нација. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми