1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Малиот Падерборн го живее прволигашкиот сон

БГ/дпа12 мај 2014

Лоциран во рурална Вестфалија, Падерборн стана 53. клуб во бундеслигашката историја кој обезбедил пласман во најсилното германско фудбалско натпреварување

Фотографија: picture-alliance/dpa

Во Падерборн, градче со 145 илјади жители длабоко во рурална Вестфалија на околу 100 километри источно од Дортмунд, викендов се одржа големо славје. За првпат во својата повеќедецениска историја, фудбалскиот клуб СЦ Падерборн ќе игра во најсилната германската фудбалска Бундеслига.

Падерборн ја заврши второлигашката сезона на второ место, веднаш зад големиот фаворит Келн. Клубот кој беше формиран пред 51 година со тоа стана вкупно 53. клуб кој ќе се натпреварува во најсилното друштво.

Буџетот за тековната сезона на клубот беше 6 милиони евра, низок дури и за германски второлигашки услови. Менџарот на тимот Михаел Борн деновиве гордо изјави за весникот „Зидојче цајтунг“ дека „ниту еден клуб со толку мал буџет никогаш не изборил влез во првата лига“.

Зидојче натаму пишува дека клубот има „фан-шоп“ со големина на дневна соба, а менаџерот најавува дека по влезот во првата лига годишниот буџет ќе биде зголемен на, сѐ уште скромни, 15 милиони евра.

Главниот спонзор и претседател на клубот, локалниот бизнисмен кој се занимава со продажба на мебел, Вилфрид Финке вели дека повеќето играчи имаат договори кои ќе важат и во првата лига. Финке вели дека е одушевен поради пласманот, но вистинскиот успех ќе биде доколку тимот успее да обезбеди опстанок во Бундеслигата.

Фудбалерите на Падерборн го слават пласманот во БундеслигатаФотографија: picture-alliance/dpa

Стадионот кој сега има капацитет од 15 илјади гледачи, за следната сезона ќе биде зголемен на 23 илјади седишта.

И покрај големата радост и славјето поради пласманот, граѓаните на Падерборн веќе јасно укажаа дека нема да дозволат играње натпревари во петок навечер, нешто што стана пракса во Бундеслигата последниве години. Граѓаните, имено, преку локалниот совет изгласаа одлука со која се забранува бучава генерирана од фудбалски натпревари по 10 часот навечер.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми