Идејата за економско поврзување на регионот ги врати во игра старите дилеми: дали се формира „втора лига“ или „нова Југославија“ како замена за влез во ЕУ? Стравот е излишен, велат политичари
Реклама
Големо внимание предизвика една од идеите на Берлинскиот процес за засилување на регионалната соработка и подобро економско поврзување на земјите од Западен Балкан, која деновиве ја реактуелизираше српскиот претседател Александар Вучиќ на маргините на седницата на Генералното собрание на ОН. Првиот чекор веќе е договорен - српските власти со премиерите на Албанија и Северна Македонија, Еди Рама и Зоран Заев на 9-ти и 10-ти октомври во Нови САД ќе разговараат за укинување на царинските бариери. Според Вучиќ, економското поврзување ќе овозможи овие држави пред ЕУ и други земји да настапат како блок, а не поединечно. Идејата која веќе го доби името „Мал Шенген“, заживува во време кога Северна Македонија и Албанија ги минуваат во исчекување последните денови до одлука за очекуваниот датум за преговори со ЕУ. Вчерашното „зелено светло" за тој пат од страна на германскиот Бундестаг е огромно охрабрување за двете земји. Но останува неизвесно како ќе се изјаснат уште две-три земји скептични кон процесот на проширување без претходно длабинско реформирање на Унијата, а особено по отвореното противење на Холандија Албанија да добие датум за преговори.
Не е утешна награда, туку реалност
Во таква ситуација, расте скепсата зошто Вучиќ сега ја реафирмира оваа идеја? Стравот од цементирање само на балканска, а не и на европска извесност, ги врати во игра старите дилеми - дали е ова формирање „втора лига“, тивко создавање на „нова Југославија", односно замена за влез во ЕУ?
„Сакам да го отстраниме тој страв“, објаснува српскиот министер за трговија, туризам и телекомуникации, Расим Лајиќ, за тамошните медиуми.
„ЕУ останува приоритет за секоја зeмја поединечно. Таа е и најголемиот пазар зa сите економии на Западен Балкан. Таму сите најмногу извезуваме и оттаму најмногу увезуваме. Но, нашиот пат во ЕУ очигледно ќе трае, а додека трае мораме да ги развиваме сите капацитети што ги имаме во регионот, во кој сите сме втор извозен пазар едни на други. Oва не може да биде никаква утешна награда, oва не е втора лига, ова едноставно е реалност“, констатира Лајиќ.
Тој oбјаснува дека на иницијатива на ЕУ одамна е почната соработка на стопанските комори на земјите од регионот, но поради однесувањето на Приштина во однос на царините, многу регионални иницијативи се замрзнати или целосно запрени, па ова е обид за оживување на тој процес.
„Свесни сме дека сите поединечно сме мали економии и мали пазари. Од една страна, целта е да можеме да бидеме интересни за странските инвеститори, a од друга, нашето стопанство да биде конкурентно нa глобалниот светски пазар. Oва не е алтернатива за земјите од Западен Балкан, туку подготовка нашето стопанство да издржи жестока конкуренција на европскиот и светскиот пазар", вели Лајиќ.
Премногу историја, премалку бизнис
Темата е прилично застапена во регионалните медиуми - се пренесуваат многубројни ставови на политички аналитичари, економисти и претставници на стопанските комори од трите земји. Како што објавува српската редакција на РСЕ, претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески, е оптимист.
„На почетокот на Договорот за слободна трговија (ЦЕФТА) над нас се уште лебдеше минатото. A на Балканот има премногу историја, а премалку бизнис. На тоа треба да заборавиме и да почнеме со работа. Новите генерации бараат токму ваква решенија и мислам дека ‘Малиот Шенген' ќе биде поддржан“, смета Азески.
Според поранешниот министер за финансии и гувернер, Петар Гошев, искуството со нефункционирањето на ЦЕФТА покажува дека „Малиот Шенген“ би можел да успее само со многу добра волја од сите три страни. А ако се надминат бариерите шанса би добиле повеќе области.
„Секторите енергетика и транспорт се многу важни. Забрзувањето на протокот на стоки, намалувањето на трошоците и укинувањето на бариерите би биле во корист на подобар економски развој на регионот“, оценува тој.
И во Албанија со внимание се разгледува инцијативата. Зеф Преци, директор на Центарот за економски истражувања од Тирана, идејата за мал Шенген ја гледа во корелација со заложбите на Берлинскиот процес.
„Сигурен сум дека повторно би требало да биде разгледано надминувањето на трговските бариери, како што се на пример косовските царини и слично. Само со слободен проток на капитал, култура и луѓе ќе имаме подобра иднина и ќе бидеме поблиски до ЕУ“, вели Преци.
Како пример наведува дека Албанија во Косово извезува илјада тони руда - бакар, хром, железо, а Србија во таа област има преработувачака индустрија.
„Тоа би била наша шанса, доколку во регионот воспоставиме трговска регулатива по стандардите на ЕУ. Tогаш би имале win-win ситуација за сите три страни“, вели тој за РСЕ.
Лајиќ објаснува дел од придобивките преку конкретен пример: ако се укинат сите бариери, ако се признаат сите фитосанитарни и ветернирани сертификати и лабораториски наоди, тоа би значело дека кога во Mакедонија постои наод за квалитет на одреден производ, во втората или третата земја тоа не мора да се испитува повторно, бидејќи ги зголемува трошоците и ја намалува конкурентноста. Поради долго чекање на граница, сега сите производи на земјите од Западен Балкан се поскапи за 5 до 6 отсто поради долгите процедури и трошоците што се прават на граничните премини. Целта е да се отстранат тие бариери за да се премине кон втората фаза - поголем степен на економска интеграција на регионот. Ако заживее оваа иницијатива, постои увереност дека релативно брзо би и се приклучиле и Црна Гора и БиХ.
Поглед кон многуте лица на Европа
„Тука е Европа. Како изгледа? Како шарено исфарбана лудница“, се потсмеваше поетот Курт Тухолски во 1932 година. Што е оттогаш променето? Лицата на Европа покажуваат: борбата за единство се исплати!
Фотографија: Getty Images/S. Gallup
Европа: Повеќе од Меркел
Германската канцеларка Ангела Меркел на многу ноќни заседанија во Брисел или други места ги смируваше раскараните влади и ги воведуваше во еден колосек. Или можеби во нејзиниот колосек? Нејзините критичари во ЕУ се жалат на доминација на Меркел, некои велат дека таа е шефица на Европа. Тоа, се разбира, е погрешно - формално погледнато.
Фотографија: Reuters/Y. Herman
Новата Европа: Макрон се бори за реформи
Кога француските војници се постројуваат пред Триумфалната капија, тогаш атмосферата е полна со патос, но и национализам. Европа? Тоа беше идејата за надминување на националистичките тенденции и непријателства. За францускиот претседател Емануел Макрон гордоста на неговата „гранде“ нација и вербата во една нова Европа не се спротивности. Макрон се бори за реформи.
Фотографија: picture-alliance/abaca/C. Liewig
Грета Тунберг не е сама
Девојчето со плетенки (во средина на сликата) во моментов е највозбудливото лице на Европа. 16-годишната Грета Тунберг од Шведска со „Училишниот штрајк за климата“ иницираше глобално движење. Во многу земји учениците во петоците не одат на настава, туку излегуваат на протести од кои ги повикуваат политичарите на акција за заштита на климата.
Фотографија: Imago/IP3press/V. Isore
Жената со име Кончита. Жена?
Австриската пејачка Кончита Вурст е сликана по нејзиниот голем успех - победата на Евросонг 2014 година во Копенхаген. Пејачка? Самонаречената „Dragqueen“ е уметникот Том Нојвирт, кој денес впрочем изгледа сосема поинаку отколку на оваа фотографија. Успехот на Кончита го славеа не само фановите на поп-музиката, туку и многумина кои се залагаат за отворена Европа.
Фотографија: Getty Images/R. Singsaas
„Не ве сакаме“
И ова се лица на Европа: демонстрации на ултрадесничари во Брисел против странците кои во Европа доаѓаат како бегалци. Повод за безредијата во декември 2018 година беше Миграцискиот пакт, кој европските политичари претходно го склучија во Маракеш.
Фотографија: Reuters/F. Lenoir
„We never go out of style“: Мода во Милано
Европа е шик - особено во Милано, за време на Неделата на модата. И, види: Европа е и разнолика. Овде, на пример, на пистата има манекени од различни земји, во класични модели на германската дизајнерка Џил Сандер. Кога дизајнерката од Хамбург креира, Европа се облекува со многу стил!
Фотографија: picture alliance/Photoshot
Волјата на народот. Но која волја?
Поглед одозгора врз пленарната сала на Европскиот парламент во Стразбур: Кога се сите присутни, во клупите седат 751 жени и мажи, избрани за период од 5 години од страна на граѓаните од - сѐ уште - 28 земји членки. Европратениците по изборите треба да ја застапуваат волјата на граѓаните. Но, со оглед на разликите во ЕУ, се поставува прашањето: Која волја?
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Seeger
Виктор Орбан: Поглед на Европа од десно
Кога картата на ЕУ ќе се погледне одозгора, Унгарија се наоѓа десно од Брисел. Прилично подесно. Тоа што таму владее Виктор Орбан, еден националистички настроен политичар, за врвот на ЕУ во Брисел е мачно. Орбан, на свој начин, е успешен десен популист, што не секаде во Европа се прифаќа со радост.
Фотографија: Reuters/B. Szabo
Гордоста на Французите: "Allez les bleus!"
Француската фудбалска репрезентација на тренинг. Во 2018 година „сините“ станаа светски прваци, а насмеаниот Килијан Мбапе (во средина) на последниот натпревар против Хрватска го постигна решавачкиот гол за резултат 4:20. Мбапе е Французин, мајка му е од Алжир, татко му од Камерун. Мултикултурност - за многу луѓе во Франција тоа е нешто што се подразбира само по себе.
Фотографија: Imago/PanoramiC/A. Bibard
Европа старее
До 2025 година речиси 30% од европските граѓани ќе бидат постари од 60 години. Во оваа пешачка зона во Италија тоа веќе може да се препознае. Што значи демографската промена? И дали ЕУ ги нема сите причини за на луѓето од странство да им посака добредојде? Само за пример - во Гана само 4% од населението е постаро од 65 години.
Фотографија: picture alliance/AP Images/L. Bruno
Муслимани во Бугарија
Човек на молитва во Бугарија. Православна Бугарија, која се граничи со Турција и со регион на повеќе исламски земји, има голем број граѓани со исламска вероисповед. Секој седми жител е муслиман. Многумина на тоа гледаат како на закана наместо како на богатство.
Фотографија: BGNES
Федерика Могерини и погледот кон светот
Како „Висока претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика“ италијанската политичарка Федерика Могерини е надлежна за меѓународни прашања. Во ЕУ постојано се слуша барање за заедничка надворешна политика. Но досега нема „министер/ка за надворешни работи“ на ЕУ.
Фотографија: Reuters
Патување опасно по живот
Чамец со бегалци од Сирија и Ирак пред грчкиот остров Лезбос. Сѐ уште многу луѓе го ставаат својот живот на коцка и тргнуваат на опасно патување кон Европа. Криумчарите на луѓе со тоа заработуваат огромни суми пари. Според проценки на хуманитарните организации, во 2018 година во Средоземното Море се удавиле повеќе од 2.000 бегалци.
И во некои земји членки на ЕУ има млади луѓе кои и покрај доброто образование и квалификации попусто бараат работа. Овде, на пример, млади стојат пред огласната табла на Агенцијата за работа во Ваљадолид, Шпанија. Во оваа јужноевропска земја стапката на невработени млади, според Евростат, изнесува речиси 38%. За споредба: во Германија таа е само 6,6%.