1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Малите порази на Орбан

Барбара Везел
9 ноември 2016

По неуспешниот референдум, Виктор Орбан претрпе неуспех и при обидот за уставни промени против бегалските квоти на ЕУ. За жал, тоа не менува ништо во политичките комбинаторики на Дунавскиот дикататор, смета Барбара Везел

Ungarn Orban gibt Statement zum Referendum ab
Фотографија: Reuters/B. Szabo

Разбирливо, секој лош ден за Виктор Орбане добар ден за Европа. Секој негов пораз е повод за злорадост, со оглед што самонаречениот антидемократ во Брисел настапува фалбаџиски и победнички. Со години неговата партија Фидеш цврсто ја држи државата, а сега одеднаш на малиот Дунавски диктатор  му плукаат во супата, уништувајќи ги неговите планови за тотално изолирање.

Не е можно потпирање врз ултрадесничарите

Иронија во овој случај е што токму ултрадесничарската партија Јобик беше таа што му откажа соработка на Орбан. Во споредба со овие профашистички екстремни националисти премиерот изгледа како човек на центарот, толку луда е политичката скала во Унгарија.

Причина за спорот е вистинската принципиелност на Јобик. Желбата на оваа партија беше Орбан да ги укине прописите според кои богатите странци по плаќањето влезна такса можат да си го купат доселувањето во Унгарија. Патем, истото го прават и други европски држави, имено, некои странци се подобредојдени од други. На пример, руските олигарси. Унгарските десничарски екстремисти едноставно не сакаат во земјата воопшто никакви странци надвор од ЕУ, дури ни богати. Врз која епоха од преселбата на народите во европската историја го темелат доброто на својата „нација“? Дали пред или по налетот на Монголите од 13 век?

Барбара Везел

На Орбан му треба само касата на Брисел

Но, Виктор Орбан тука не попушти, зашто му требаат пари, дури и за финансирање на корупцијата во семејниот и кругот на пријателите. Затоа тој не агитира против самата ЕУ, туку „само“ против  демократијата во Европа.Зашто, тој полага исклучително голема вредност во распределбата на парите од европските каси: шесте милијарди евра годишно од Брисел се неговите најзначајни приходи. Штета што не може селективно да се преземе нешто против овој популистички уништувач на нашите вредности.

Тоа важи како за Виктор Орбан, така и за Јарослав Качински во Полска: Европа со своите правила сама си ги врза рацете и присилно ги финансира и оние кои ги поткопуваат нејзините основни вредности. Тоа мора да се промени, иако во моментов не е јасно на каков начин.

Опозицијата не победи

На ксенофобичниот референдум во октомври народот му удри шлаканица на премиерот: мнозинството Унгарци едноставно не излезе на гласање. При изјаснувањето за уставните промени во Парламентот потфрли сојузот со екстремните десничари. Може да се заклучи дека на Орбан не му цветаат политички рози.

Но тоа ништо суштински не менува во политичкиот давечки зафат во кој ја држи својата земја. Опозицијата и натаму е расцепкана, слаба и безгласна. Дури кога цивилното општество повторно ќе собере храброст за отпор против Орбановиот десен популизам, може да дојде до промени во Унгарија. Дотогаш останатите европски шефови на влади треба да ја отфрлат својата плашливост и да ја заборават дипломатската учтивост и конечно отворено да се конфронтираат со малиот диктатор од Дунав.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми