Вечната војна за ниски цени меѓу дисконтните супермаркети го кочи развојот на онлајна продажбата во Германија. Најпознатите маркети одбиваат да им понудат домашна услуга на потрошувачите, за да се заштитат.
Реклама
Странците честопати се фрустрираат не само од големината на повеќето германски маркети за храна, туку и поради нивната тврдоглавост во одбивањето да понудат испорака на производите на домашна адреса. За разлика од маркетите за средна класа како Реве и Едека, кои наголемо инвестираат во „испораката до дома“, големите ланци на нискобуџетни маркети како Алди и Лидл и натаму профитираат од пречките кои им се наметнуваат на потенцијалните хипермаркети.
Отфрлајќи ја револуцијата во е-трговијата - иако Лидл врши испорака на облека и апарати за домаќинство - овие маркети доминираат во прехранбениот сектор фокусирајќи се на мали продавници, со лимитиран избор, лоцирани на речиси секој агол на германските градови.
Поблиску до домот
За разлика од САД и Британија, каде трендот е повеќе кон хипермаркети, и каде купувањето може да потрае и цел ден, трговските експерти кои ги консултираше ДВ велат дека Германците повеќе сакаат да посетуваат компактни продавници, почесто.
„Потрошувачите нема да заштедат многу доколку ја нарачаат храната онлајн во Германија или отидат самите во продавница“, вели Јоахим Штумпф, директор на трговската консултантска фирма ББЕ од Минхен. Повеќето супермаркети најчесто се на мала оддалеченост - пеш или со велосипед.
Втората причина е острата ценовна конкурентност во прехранбениот сектор, која им остава мал простор на големите дисконти за инвестиции во испораката преку интернет.
„Германија има најниски цени на храната во цела Европа, па оттука тешко можете да се здобиете со предност доколку нудите онлајн испораки“, вели Штумпф.
Помалку од 1,5 проценти од Германците купиле храна или пијалоци онлајн меѓу 2013 и 2015 година, велат анкетите. За разлика од Британија или Јужна Кореја, на пример, каде можноста за купувањето храна онлајн ја користат 8 односно 15 проценти од населението.
Доаѓа Амазон
Трговските експерти велат дека Германците се сомневаат дека ќе го добијат истиот квалитет доколку купуваат храна онлајн.
Каде е поевтино: во Македонија или во Германија?
Нашиот заклучок: без оглед на огромната разлика во животниот стандард и просечната плата, цените во Германија во најголем дел се поевтини. Во Македонија осетно поевтини се само солта, кафето, овошјето и зеленчукот.
Фотографија: DW/K. Delimitov
Леб
Во просек, векна бел леб од 750 грама во Германија чини 0,85 евра (51 денар), а француски багет од 250 грама чини 0,60 центи (36 денари). Векна бел леб од 250 грама во Македонија чини 27 денари, а некаде достигнува и 39 денари.
Фотографија: DW/K. Delimitov
Масло за јадење
Еден литар од најевтиното сончогледово масло за готвење во Германија чини околу 1 евро (60 денари). Во Македонија еден литар од најевтиното масло чини 65 денари.
Фотографија: DW/K. Delimitov
Млеко
Еден литар кравјо трајно млеко со масленост од 3,2 проценти во Македонија може да се најде за најниски 38 денари, а просечната цена се движи околу 45 денари за литар. Во Германија, најевтиното млеко започнува од околу 0,55 центи (33 денари), а поскапото „Алпско“ млеко е околу 1 евро.
Фотографија: DW/K. Delimitov
Кашкавал
Кашкавалот од типот Гауда и Едамер во Македонија чини од 350 до 370 денари за килограм. Во Германија, холандската Гауда ќе ве чини околу 5 евра за килограм (300 денари), а Ементалер околу 5,4 евра (330 денари).
Фотографија: DW/K. Delimitov
Сол и шеќер
Сол во Германија чини околу 1,38 евра за килограм (85 денари), во Македонија 28 денари.
Килограм шеќер во Германија чини околу 0,69 центи (42 денари), а во Македонија најевтиниот кој го најдовме во супермаркет беше 38 денари за килограм.
Фотографија: DW/K. Delimitov
Ориз и брашно
Домашен ориз од втора класа во Македонија за 900 грама чини 46 денари. Во Германија, ориз од прва класа чини од 0,80 центи (48 денари) за килограм.Најевтиното брашно од Тип 400 во Македонија може да се најде за околу 24 денари за килограм. Истото во Германија чини од 0,30 центи (18 денари) за килограм.
Фотографија: DW/K. Delimitov
Јајца
Мала табла со шест јајца во Македонија чини околу 50 денари, а во Германија околу 1 евро (60 денари).
Фотографија: DW/K. Delimitov
Зеленчук
Доматите во Македонија чинат меѓу 80 и 120 денари за килограм, а во Германија - 2,50 евра (150 денари). Краставиците чинат 192 денари за килограм во Македонија, а во Германија 0,70 евра (42 денари) е едно парче кое вообичаено тежи меѓу 250 и 300 грама.
Килограм пиперки во Германија ќе ве чини околу 2,50 евра (150 денари), а во Македонија 125 денари.
Фотографија: DW/K. Delimitov
Овошје
Јаболката во Македонија се продаваат од 23 денари за килограм, па нагоре. Во Германија најевтините домашни јаболка не можете да ги најдете за помалку од 1 евро за килограм, а увозните достигнуваат и до 3 евра. Мандарини во Македонија чинат околу 45 денари за килограм, а во Германија 1,33 евра (80 денари) за килограм.
Фотографија: DW/K. Delimitov
Пиво и алкохол
Просечната цена на пивото е нешто пониска во Македонија и тоа само за домашните марки. „Хајнекен“ од 0,33 литри во Македонија чини 55 денари. Во Германија нешто под 1 евро, доколку купите „сикспек“. Поеетиното виски од 0,75 литри како „Џони Вокер“, „Балантајн“ или „Џејмисон“ во Македонија чини околу 1.000 денари. Во Германија истото има просечна цена од 10 евра (600 денари).
Фотографија: DW/K. Delimitov
Вино
Цените на виното во Македонија се релативно високи во споредба со она што се нуди на европските пазари. Најевтиното сортно македонско вино започнува од 170 денари за шише, а поквалитетното се нуди во просек за 500 денари. За споредба, македонско вино флаширано во Германија во овдешните супермаркети чини 1,6 евра (100 денари). Врвните сорти во Германија можат да се купат за просечни 6-7 евра.
Фотографија: DW/B. Georgievski
Шампони за коса и гел за туширање
Разликите се големи и во цените на шампоните за коса меѓу двете земји иако се работи за истиот маркет. Шампон „Пантен Про-В“ од 200 милилитри во Македонија чини 208 денари, а во Германија 1,45 евра или околу 90 денари. Гел за туширање од 250 мл на „Балеа“ во Македонија во просек чини околу 120 денари, а во Германија поголемо количество од 300 мл чини 0,55 евра или малку над 30 денари.
Фотографија: DW/K. Delimitov
Течен сапун и детергент
Течен сапун „Балеа“ во моментов се нуди на попуст во Македонија за 79 денари, а редовната цена му е 105 денари. Во Германија редовно се продава за 55 центи или за нешто повеќе од 30 денари, а на попуст и поевтино. Детергент „Персил“ за 20 перења во македонскиот ДМ чини 365 денари. Во германскиот ДМ истиот детергент по редовна цена се продава за 5,15 евра или околу 320 денари.
Фотографија: DW/K. Delimitov
13 фотографии1 | 13
„Германските потрошувачи имаат високи стандарди во однос на свежината на производите. Најчесто сакаат самите да бираат и тоа во самата продавница“, вели Хендрик Шредер, професор по бизнис и маркетинг на Универзитетот Дуизбург-Есен.
Како и да е, инвестициите во онлајна продажбата ќе мора да се зголемат доколку големите дисконти сакаат да си го задржат високиот удел на пазарот. Иако Алди, Лидл и други евтини дисконти достигнаа контрола над 44,5 проценти од пазарот во 2008 година, оттогаш расте уделот на другите супермаркети на нивна сметка.
Дополнително, влезот на Амазон во онлајн продажбата на храна би можел да предизвика промена во стратегијата. Технолошкиот гигант веќе им ги нуди овие услуги на своите клиенти во Хамбург, Берлин и Минхен и тоа за 10 евра месечно.
Но, и покрај технолошките и логистички иновации на Амазон, навиките на германските потрошувачи остануваат главна „пречка“ за развој на онлајн испораката на храна, а евентуалните промени ќе бидат бавни, прогнозира Шредер.