Мали очекувања од конференцијата на ОБСЕ
4 декември 2014Пред една година започнаа протестите на украинските граѓани против тогашниот претседател и неговата влада со барање да го потпише договорот за асоцијација со ЕУ. Во меѓувреме, повеќе од 4.300 луѓе ги загубија животите во Украина. Мирот не е на повидок, а уште помалку приближување до ЕУ.
Швајцарскиот амбасадор во ОБСЕ, Томас Гремингер стравува дека со почетокот на зимата луѓето во источна Украина се соочуваат со хуманитарна катастрофа. Уништените домови, индустрија, инфраструктура, недостатокот на електрична енергија, храна и лекови можат да доведат до нова ескалација и конечно и до целосен хаос, предупреди тој во интервју за австрискиот магазин Профил.
Во пресрет на 40-годишниот јубилеј на организацијата, која беше формирана во 1975 година како Конференција за безбедност и соработка во Европа (КЕБС), украинскиот конфликт јасно покажува колку е загрозен еден од основните принципи на Хелсиншките акти: неповредливоста на границите во Европа. Тогаш, овој принцип беше централна точка на договорот кој го постигнаа 35 држави, а подоцна беше потпишан од вкупно 57 држави меѓу Владивосток и Ванкувер. И САД, како и Русија, се‘ уште седат на заедничка маса во оваа организација.
Германскиот амбасадор во ОБСЕ, Ридигер Лудекинг се надева дека во Базел ќе се постигне заедничка согласност за почитување на основните принципи на организацијата. „Сѐ уште сме далеку од таква согласност. Сепак се надевам дека министерскиот совет ќе отвори искрен дијалог и ќе го трасира патот за натаму“.
Набљудувачи во вкрстен оган
Тешко е да се верува дека министрите денеска ќе успеат да се договорат околу една официјална изјава која на Украина ќе и‘ донесе надеж за посветла и мирна иднина. Пред само три дена, набљудувачите на ОБСЕ на истокот на Украина се најдоа под оган. Од чија страна, засега не е јасно. Со повеќе од 300 набљудувачи, воени лица и цивили, ОБСЕ се обидува да добие појасна слика за хаосот во источна Украина. Постојаната загрозеност на персоналот е причина за загриженост. Свежи се сеќавањата на земањето во заложништво на првата група набљудувачи уште на самиот почеток на воениот конфликт. Се сеќаваме и на одбивањето на анонимните војници на Крим, воопшто и да им дозволат влез на набљудувачите на ОБСЕ уште и пред самата анексија на полуостровот.
3.600 полицајци и повеќе од 1.000 швајцарски војници ќе ја обезбедуваат големата конференција во Базел. Тие треба да им обезбедат сигурност на очекуваните 57 министри за надворешни работи и повеќе од илјада делегати. Тешко е да се процени дали може да се очекува успех на конференција на која, меѓу другото, Германија треба да биде избрана за претседавач во 2016 година.