1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мали шанси за голем европски договор

26 октомври 2011

Се’ поизвесно е дека самитот на ЕУ за излез од финансиската криза нема да донесе никакви спектакуларни резултати. Европски дипломати и аналитичари прогнозираат дека самитот ќе биде уште едно повторено тапкање во место.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Надежите за постигнување сеопфатен план за надминување на финансиската и изнаоѓање решение за должничката криза во еврозоната, изгледаат многу далечни на само неколку часови пред почетокот на состанокот на лидерите на земјите членки на ЕУ во Брисел.

Веќе е откажана за утрово закажаната средба на министрите за финансии која требаше да му претходи на самитот. Оттука неизвесно е дали лидерите ќе успеат да ги договорат потребните детали попладне.

Европските шефови на држави и влади на самит во БриселФотографија: picture alliance/dpa

17 земји членки на еврозоната се уште не постигнале конечен договор за две клучни точки од планот: намалувањето на грчкиот долг и зголемување на моќта на европскиот спасувачки фонд ЕФСФ.

„Повторно владее вистински неред“, вели еден ЕУ дипломат за агенцијата Асосиејтед прес.

Агенцијата Ројтерс прогнозира дека конечното решение, или барем дел од него, повторно ќе се одложи, овојпат за следниот самит закажан за 7 ноември.

Писмото од Берлускони го нема

Притоа, во еврозоната се уште очекуваат да видат конкретен план од италијанската влада, откако земјата се поцврсто чекори по грчкиот пат кон банкрот. Италијанскиот премиер Силвио Берлускони вети дека до синоќа ќе испрати писмо до претседателите на ЕК, Жозе Мануел Барозо и на Европскиот Совет, Херман Ван Ромпој со детали за планот на реформи. До утрово такво писмо во Брисел не беше пристигнато.

Италија се’ уште не испратила план за штедењеФотографија: dapd

Италија има долг од околу 1,8 трилиони евра, или 1.800 милијарди евра, односно 120 проценти од брутодомашниот производ. Стравувањата се дека земјата е на работ на банкрот и ќе мора да бара помош од ММФ и од ЕУ. Проблемот е само во тоа што нема доволно пари за да се санира огромниот италијански долг.

Во однос на Грција, ситуацијата е почиста иако и натаму нема договор во однос на загубите кои ќе им се наложат на европските банки. Од ЕУ и натаму инсистираат банките да отпишат околу 60 проценти од долгот на Атина, но банките оценуваат дека можат да одат до максимум 40 проценти без притоа да го загрозат сопственото постоење.

Критичен ден за Ангела Меркел

Од претходно беше најавено дека ќе се зголемат средствата во европскиот спасувачки фонд, но последните информации велат дека овој фонд во иднина ќе го финансираат земјите во подем како Кина и Бразил. Кинеските медиуми потврдија дека Пекинг ќе го финансира европскиот фонд преку Меѓународниот монетарен фонд, а за возврат ќе добие поголемо влијание во ММФ.

Бундестагот по вторпат одлучува за европскиот пакет за спасФотографија: dapd

Пред почетокот на денешниот самит со нетрпение ќе се очекува и исходот од гласањето во германскиот парламент. Канцеларката Ангела Меркел побара одобрение од Бундестагот пред да се обврзе на европските мерки за излез од кризата. Извесно е дека Меркел нема да има проблем да обезбеди мнозинство во парламентот, откако вчера беше постигнат начелен договор со претставниците на двете најголеми опозициски партии, Социјалдемократите и Зелените. Но, прашање е дали Меркел ќе обезбеди мнозинство во сопствената партија, откако дел од партиските функционери остро се спротивставија на предложените мерки од Брисел. Аналитичарите проценуваат дека германската канцеларка може да доживее сериозен удар, па дури да биде принудена да свика и предвремени избори, доколку мнозинството во гласањето и го обезбедат опозициските партии.

Автор: Борис Георгиевски/ ап/ ројтерс

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми