1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Малку време за голема одлука

Катерина Блажевска4 март 2014

Мора да се спречат импровизации со изборните одредби, па дури и да се днесуваат „ексклузивно“ само за овие избори, бидејќи тоа е единствена гаранција за регуларност, велат правни експерти.

Фотографија: Petr Stojanovski

Еден ден пред седницата на која ќе биде распуштено Собранието и распишани вонредни парламентарни избори во Македонија, нема позитивен одговор од Владата на барањето на опозицискиот СДСМ за измени во Изборниот законик, со кои ќе се отстранат конфликтните ситуации поради временско совпаѓање на два вида избори - претседателски и парламентарни. СДСМ предупреди дека изборниот процес ќе се најде во хаотична ситуација, кога она што ќе биде забрането за едните избори, ќе биде дозволено за другите. Во време на молкот за претседателските избори ќе биде гласна кампањата за парламентарните. Ќе се измешаат и роковите за медиумско рекламирање - кога ќе стартува забраната за огласи за едните избори, ќе тече рекламирање за другите. Ќе се преклопат и роковите за јавен увид во избирачките списоци кои се различни за двата избори, а ќе има проблем со објавувањето резултати од анкети и со составот на избирачките одбори. Изборниот законик не предвидува решенија за ваква ситуација.

Хаос заради манипулација

Нашата цел е учество на фер и демократски избори, а тоа го покажавме кога со добра волја и искрени намери влеговме во процесот на усогласување за Изборниот законик, објаснува Рената Тренеска - Дескоска, член на Извршниот одбор на СДСМ.

„За жал, новонастаната ситуација, предизвикана од владејачката коалиција создава правен проблем во спроведувањето на постојните одредби на Изборниот законик. Заради јасни правила на игра во изборниот процес и со цел да се спречи хаос и импровизација, неопходно е владејачката партија веднаш да предложи измени на Изборниот законик. Јасните правила и правно разрешените конфликти се претпоставка за фер и демократски избори. Тие им се потребни и на учесниците во изборната трка и органите вклучени во спроведувањето на изборниот процес. За сите е значајно да се знае што е дозволено, а што забрането во одреден временски период. Одговорна власт би требало да ги согледа законските противречности и веќе да има подготвен текст на измени на Изборниот законик, со цел да се спречи хаосот и конфузијата во изборниот процес. Во спротивно, останува сомнежот за намерно предизвикување на хаос заради манипулација со изборниот процес. За таквата ситуација одговорноста е на владејачката коалиција“, вели Дескоска.

Фотографија: MIA

Од СДСМ не одговараат на прашањето што ќе се случи ако не биде прифатено нивното барање за промени во Изборниот законик, односно, дали тоа ќе влијае врз нивната одлука за учество во изборите. Нивната констатација дека проблемот немаше да настане ако предвремените парламентарни избори се одржеа со претседателските на 13 април, не помага во разрешувањето на проблемот, бидејќи седницата за распуштање на Собранието е закажана за утре, (5.03), а извесно е дека парламентарните избори ќе бидат закажани на вториот круг од претседателските, на 27 април.

Беџети чека решение од ДИК

Државната изборна комисија, (ДИК) досега ниту расправала, ниту одлучувала за можните проблеми, бидејќи сѐ уште не добила одлука за распишување на парламентарни избори, а од Министерството за правда не планираат да предложат законски измени. Според министерот за правда Блерим Беџети, поклопувањето на молкот за претседателските избори со кампањата од предвремените избори е работа што треба да ја уреди ДИK.

„Не гледаме дека е потребно Министерството за правда да интервенира во Изборниот законик. ДИK има права и обврски да ги уреди тие прашања. Решението се очекува од нив“, изјави Беџети за медиумите.

Спротивно на тоа, претседателот на ДИК, Никола Рилкоски, вели дека Комисијата не може да прави измени на законите и дека решението е во Владата, ресорот правда и во Собранието.

Претседателот на ДИК, Никола РилкоскиФотографија: Milco Jovanoski

„Тие треба да оценат какви конфузии може да предизвика совпаѓањето на двата вида избори и да решат дали и како ќе реагираат. Наше е само да препорачаме. Никој друг освен нив не може да интервенира. Време сѐ уште има. Можат по итна постапка за еден ден да ги усвојат измените на Изборниот законик. Ако можат по сто закони да носат во еден ден, тогаш можат и овој проблем да го решат. Но, мора брзо да се реагира, бидејќи по распуштањето на парламентот, ќе нема никакви шанси за тоа“, вели Рилкоски.

Во владејачката коалиција не се забележува загриженост од посочените конфиктни ситуации со изборните одредби. Од ДУИ велат дека „немаат коментар“ за барањето на СДСМ за измени во Изборниот законик, а целосен молк за ова прашање владее и во ВМРО-ДПМНЕ .

Без импровизации

Правните експерти се категорични во ставот дека мора да се спречат импровизации со изборните одредби, а решение за ваквиот проблем може да бидат само измени во Изборниот законик, па дури и да се однесуваат „ексклузивно“ само за овие избори, бидејќи тоа е единствена гаранција за регуларност на изборите. Според професорката од Правниот факултет на УКИМ, Гордана Силјановска -Давкова, не смее да се дозволи хаос во постапувањето и дискреција во толкувањето на одредбите од Изборниот законик.

„Без претходно договорени измени не треба да се оди на избори, бидејќи ако ДИК преку толкување треба да решава законски предизвици во од, за време на изборите, тоа ќе фрли сенка врз изборниот процес“, укажува Давкова.

Отсуството на (ре)акција за решавање на изборните конфузии, ја зголемува опасноста изборите да завршат со обвинувања за нелегалност и нелигитимност, односно со нова политичка криза.

„Потенцираме дека оваа ситуација - парламентарните избори да се совпаднат со вториот круг од претседателските избори е свесно предизвикана од владиното мнозинство. Доколку изостанат релативно малите потребни измени на Изборниот законик, тоа ќе создаде основан сомнеж дека намерата била токму создавање на хаос и безредие, кое власта ќе го злоупотреби“, оцени СДСМ, образложувајќи ја потреба од измени на изборните правила.

Поради несовпаѓање на парламентарните со првиот круг на претседателски избори, ќе постојат два различни датуми за затворање на избирачкиот список, што кај социјалдемократите предизвикува сомнеж дека „има можност на 27 април на избирачките места да има два избирачки списоци, различни по содржина“.

„Само да се потсетиме, манипулацијата со избирачките списоци беше еден од клучните проблеми на претходните избори, кога во одредени општини осамнаа преку 60 гласачи на иста адреса“, обвинија социјалдемократите.

Според претставници на меѓународни организации кои го следат изборниот процес, проблемот мора брзо да се реши, но не со тековни ад-хок договори, бидејќи тие немат законска тежина која ќе гарантира конзистентни и обрзувачки решенија.

„Она што ќе се реши во интерес на сите во еден ден, па макар и во последен час, е многу важно за она што ќе се случува во многу наредни години“, укажуваат тие.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми