1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Малку информации, а многу интензивни дипломатски активности во барањето излез за иднината на Косово

20 јули 2007

Во Берлин средба Штајнмаер - Лавров. Попладнево средба на Советот за безбедност на ОН. Косово - прогласување независност на 28-ми ноември? Србија подготвува парламентарна резолуција со која се отфрла таква можност.

Лавров и ШтајнмаерФотографија: AP

Меѓународната заедница и натаму бара најмал заеднички именител, за иднината на Косово сепак да ја добие посакуваната верификација во Советот за безбедност, колку и да е безизгледна ситуацијата. За тоа денеска во Берлин разговараа германскиот и рускиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер и Сергеј Лавров. Освен потврдата дека средбата е одржана, во соопштението на Министерството нема никакви подробности.

За вчера закажаната расправа на Советот за безбедност на ОН за веќе шестата верзија на резолуцијата за Косово, на барање на предлагачите, неочекувано беше одложена за попладнево во 17 часот по средноевропско време, без наведување причини за одлагањето. Од дипломатски кругови се вели дека западните земји и натаму настојуваат зад кулисите да издејствуваат согласност на Русија. Откако ќе се утврди дефинитивниот став на Русија, авторите на резолуцијата ќе го најават својот нареден чекор, односно дали ќе се гласа за резолуцијата.

Да се гласа во сегашнава атмосфера не е добра идеја, оти мора да се смета на руско вето, што пак може да биде дополнително оптоварување за преговарачкиот процес, вели државниот секретар во германското министерство за надворешни работи Гернот Ерлер во интервју за агенцијата Ројтерс. Германија и натаму полага врз тоа, дека страните во спорот во нова рунда разговори сепак ќе изнајдат решение. Србија и косовските Албанци мораат да разберат дека од нив се очекува поголема флексибилност и отвореност. Мора да биде направен барем обид за изнаоѓање согласност, вели Ерлер.

Но, смислата на разговорите се доведува под прашање, кога Приштина најавува можност на 28-ми ноември годинава Косово да прогласи независност. Косовскиот премиер Агим Чеку го спомна тој термин како сопствен предлог на разговорот со шефот на УНМИК Јоахим Рикер. Чеку укажа дека 28-ми ноември се совпаѓа со, како што рече, “со датумот што ние го славиме во нашата историја, па сакавме да го направие уште повеличествен”. 28-ми ноември е и национален празник на Албанија. Сепак, Чеку нагласи дека за неговиот предлог е потребна согласност од косовскиот преговарачки тим, а ќе бидат консултирани и Вашингтон и Брисел.

Српскиот парламент на 24-ти јули ќе се изјасни за нова резолуција која јасно зборува за суверенитет врз целата територија и предвидува отфрлање на секаков вид независност на покраината. Денеска се водат консултации со парламентарните фракции околу дефинитивниот текст. Српските радикали сметаат дека со тоа ќе им била пратена порака на државите кои сакаат Косово да биде независно, дека со еднострани активности ќе предизвикаат хаос во регионот.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми