Малтретирање без право на жалба
18 февруари 2009Не’ понижуваа и не’ измачуваа дење - ноќе, вели Соња Ѓуровиќ, која во шеесетите години минала речиси четири години во детски дом. Сеќавањето на страшните години ја измачуваат и ден денес. „Не’ тепаа, не’ тормозеа на повеќе начини, како психички, така и физички. Требаше да ни ја скршат волјата. Не’ понижуваа, нашето достоинство го газеа со нозе. Немавме никакви права, немаше никој, кој можеше да ни помогне.“
Денес 59-годишната Соња со мака раскажува за тогашните доживувања, што оставиле трајни последици. Во таквата очајна ситуација, таа повеќе пати се обидела и да си го одземе животот. Подоцна се мажела два пати, но и едниот и другиот брак се распаднале поради тешките трауми што ги носела од детството. И ден денес страда од депресии.
Патување во непознатото
Целата трагедија почнала, кога ја одзеле од баба и’ и дедо и’ и ја сместиле во домот на една од христијанските цркви во Германија.
„Едно утро пред куќата на баба ми и дедо ми се појави автомобил и една госпоѓа од Службата за заштита на децата и младите ме зеде со себе. Немав ни можност да се простам од моето семејство, од пријателите. Воопшто не ни знаев каде ме води. Тоа беше патување во непознатото. На крајот стигнавме во домот, на кој не можам да се сетам како изгледаше од надвор, бидејќи сите четири години не’ држеа внатре.“
Бараат признание и обешететување
Денес Соња Ѓуровиќ и нејзините сострадалници од детските домови бараат обештетување за претрпените трауми, како и за работењето во домовите за кое не биле платени. На јавната дебата во Берлин се собраа претставници на црквите, на службите за заштита на децата и младите, како и на покраинските и сојузните власти во Германија.
„Јас барам да ме рехабилитираат“, вели Елеоноре Флет, која во 1965 завршила во дом откако нејзините родители се развеле. Таа сака да се расветлат овие случаи и да се признае дека таму се кршеле човековите права. Исто така сака и обештетување за тоа што работела без надомест. „Останав без образование и без пари“ - се жали Елеоноре Флет.
Задоцнето извинување
На првата јавна дебата, претставниците на католичката и протестантската црква во Германија се извинија за малтретирањето. „Евангелската црква на Германија најдлабоко жали што во домовите за деца и млади овие лица страдале. Се надеваме дека оваа јавна дебата ќе упати знак на помирување.“
Првата јавна дебата беше свикана по препорака на Комисијата за петиции на германскиот парламент. Според најавите, јавната дебата треба да се одржува секои два месеца и до крајот на наредната година треба да донесе и конкретни резултати.