МАНДА е надеж за децата бездомници во Мадагаскар
4 декември 2006
�илиште за стотици деца
Рано наутро децата во главниот град на Мадагаскар Антананариво се будат на депониите. Се извлекуваат од контејнерите за ѓубре и ползат низ ѓубрето. Според информации на УНИЦЕФ во Мадагаскар на улица живеат 4000 деца. Поголемиот дел од нив се во Антананариво. Манда, проект создаден пред десет години од едно берлинско здружение, се обидува да им помогне на овие деца да се вратат во нормален живот.
Во Манда, кој е еден вид социјален центар за деца со три училишни одделенија, секој ден доаѓаат 50 до 100 деца. Најважното овде е дека децата два пати дневно добиваат за јадење. Тие таму исто така може да ги исперат алиштата и да се искапат, а по два часа во денот има и лекар. На почетокот децата се навистина диви, објаснува раководителот на установата Миаринтсоа Ранакинианиа.
“Тие се многу жестоки, многу агресивни и многу валкани. Има многу деца кои со 18 години не знаат ни да читаат ниту да пишуваат”.
Луѓето од Манда се обидуваат да помогнат токму во решавање на овој проблем. Прво на два дена, а сега секој ден има основна настава по читање, пишување и сметање.
“ Децава се овде првпат и започнуваме со нивно описменување. Ќе доаѓаат два пати неделно и ќе видиме кој од нив е мотивиран да учи”.
Оние коишто ќе покажат интерес за учење ќе може да доаѓаат секој ден. Но, сите деца овде се решени да учат.
Единаестгодишната Еина и тринаесет годишната Ирене радо доаѓаат во центарот Манда бидејќи во прв ред тука се образуваат, а второ секој ден добиваат и јадење. Кога ќе пораснат сакаат да станат учителки.
“Тука ме донесе еден другар. Сега останувам овде бидејќи можам да учам да пишувам. Сакам да го научам тоа, за да не може никој повеќе да ме измами. А потоа можам да станам и лекар”.
Неговиот најголем сон во моментов се разбира е едноставно само да може да си игра. Оти до сега за него се беше борба за опстанок. Морал да пита на улица за храна или заработувал малку пари помагајќи и на својата мајка при продавањето на пржени компирчиња. Мајка му, која и самата едвај може да излезе на крај го охрабрувала и синот да заработува пари.
Еднаш неделно, некои од 16- те соработници на Манда излегуваат на улица и собираат нови деца, или барем најмалку им објаснуваат дека Манда е собиралиште за нив. Најлесно е со најмалите кои се во предучилишна возраст. Кај нив се уште не е зацврстена потребата од крадење и провлекување низ животот раскажува една од учителките.
“Се обидувам да ги здружам децата, за да си играат заедно, а не да се расправаат или тепаат. Тоа е за нив непознато. На почетокот многумина од нив се плашливи и стојат само во ќош. Имаме и играчки, на пример меки играчки од штоф, за кои тие треба да се грижат. Со тоа учат што значи преземање одговорност”.
Децата кои ќе го поминат основното училиште, можат да се дообучуваат во Манда уште две години и истовремено да живеат таму. Девојчињата учат да шијат, да ткаат и да везат. Машките учат столарски занает. Резултатите од Манда се добри, вели раководителката на проектот:
“Сите деца кои се обучувани од нас веќе не се враќаат на улица. Имаат дом, работа и семејство”.
Семејството е Манда, што на мадагаскарски значи заштитна тврдина. Со тоа тие веќе го имаат најважното за еден сосема нормален живот.