Игра на сѐ или ништо
16 јуни 2016Само неколку часа откако хрватската Комисија за одлучување за конфликт на интереси потврди дека бил во конфликт, шефот на ХДЗ, Томислав Карамарко, поднесе оставка на местото потпретседател на владата. Следуваше завршницата на ловот на 76 пратеници кои на ХДЗ би ѝ овозможиле формирање на ново мнозинство во парламентот, предлагање нов мандатар и - избегнување избори. Резултатите би требало да бидат познати наскоро
„Никакви мостови, никакви мостчиња, ни патеки, ни Милан Бандиќ...“ Тоа беа зборовите на лидерот на т.н. Патриотска коалиција, Томислам Карамарко, од крајот на октомври минатата година кажани во личкиот Госпиќ. Тоа беше време на предизборна кампања и можност за Карамарко за првпат да го освои врвот на власта. ХДЗ, јавајќи на бранот на пресметки со невидливите комунисти и внатрешните непријатели, порача дека се враќа доктрината на основачот на партијата Фрањо Туѓман. Времето, меѓутоа, покажа оти ништо од кажаното не беше вистина, бидејќи она што се случи, сигурно никој не го очекуваше.
При врвот, но не и на самиот врв
По објавувањето на релативната изборна победа на Патриотската коалиција која ја водеше, на Карамарко му стана јасно дека саканата премиерска фотелја никогаш не му била поблизу, а истовремено и недостижна. По долготрајните преговори со политички некохерентниот „Мост на независни листи“, и никогаш необјаснетото вртење на Мост од СПД кон ХДЗ, е создадена коалиција која Мост никогаш не сакал ни да ја нарече со тоа име.
Така, Карамарко ја направи првата отстапка и наместо себе, на местото премиер го постави финансискиот стручњак на израелската „Тева“, канадскиот Хрват, номинално партиски неопределениот Тихомир Орешковиќ, кого многумина го сметаа за привремено решение додека не дојде време за шефот на ХДЗ. Орешковиќ од своја страна долго бираше меѓу кандидатите кои му ги нудеа, помалку Мост, повеќе ХДЗ.
Бидејќи тој избор од почетокот не беше среќен, Карамарко веќе по неколку недели мораше да бара нов министер за одбрана - наместо Мијо Црноја, кој е „потопен“ во скандалот околу лажна пријава на престој и обвинувањата за ненаменско трошење на бранителскиот кредит. Црноја, да потсетиме, најавуваше и регистер за домашни предавници, проект од кој се откажа, исто како и од лустрацијата.
Иднината на Карамарко неизвесна
Иако малку кој веруваше во долговечноста на таквиот политички експеримент, распадот се случи неочекувано брзо, и откако неделникот „Национал" објави документи од кои е видливо дека Ана Карамарко, сопругата на Томислав Карамарко, соработувала со лобистот на унгарскиот Мол, Јосип Петровиќ. Хрватска во моментов е во спор со Мол околу управувачките права во Ина. Можеби податокот дека спорната соработка престанала пред формирање на владата, го олеснува во дел Карамарко од политичка одговорност, но тој самиот, како потпретседател на Влада, не се залагал за прекинување на арбитражната постапка.
Ова последното за Мост беше пречка преку која не можеше да премине, па така лидерот на Мост, Божо Петров од ХДЗ побара да именува нов потпретседател на владата. Премиерот поради неможноста за соработка, побара заминување и на Петров и на човекот кој политички го лансираше - Карамарко. Меѓутоа, Карамарко сепак избра да оди на уривање на премиерот и да бара ново мнозинство во парламентот. Мост на тој начин од „камче во чевелот“, како што Карамарко го нарекуваше, прерасна во сила која го разниша неговиот партиски авторитет. Така во прашање е доведена и самата политичка иднина на еден од најмоќните луѓе во Хрватска.
Малку добро за паметење
„Одлуката на Комисијата за одлучување за судир на интереси е очекувана и логична. Кој од нас му верува на судија чија сопруга игра за една од екипите“, коментира за ДВ, антикорупцискиот стручњак и активист, Зорислав Петровиќ. Тој како најлош потег на Карамарко го наведува тоа што тој јавноста и комисијата не ги запознал на време за ситуацијата во која се наоѓа.
Новинарот Далибор Добриќ пак му забележува на Карамарко дека не повлекол ниту еден потег во насока на реформи, подобар живот и стандард на граѓаните. „Карамарко своето дно го доживува токму деновиве“, заклучува Добриќ. И тој и Петровиќ остануваат без одговор на прашањето кои се добрите работи што ги сторил Карамарко во изминатите пет месеци.
Ако се случи она што ХДЗ деновиве го посакуваше и најавуваше, Карамарко повторно ќе остане без премиерската фотелја. Партијата, имено, ако денеска успее да ја урне владата и „собере“ ново парламентарно мнозинство, одлучи за нов мандатар да го предложи актуелниот министер за финансии Здравко Мариќ. Станува збор за човек кому никој не му ја оспорува стручноста во сферата на финансиите, но и тој, исто како и премиерот Орешковиќ, кого сакаат да го детронизираат, доаѓа од корпоративниот сектор, нема политичко искуство, ниту пак изборен легитимитет. Изборите за ХДЗ се последна опција, и по хаосот во власта во изминатите пет месеци се изгледа многу опасна приказна, во која Томислав Карамарко не сака да се впушти.