1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Манчевски: Против корупција на душата, со чесен однос кон себе и другите

9 септември 2011

Милчо Манчевски, човекот кој ја постави независна Македонија на светската културна мапа, во интервју за ДВ говори за своите искуства во последните 20 години. Тој вели дека ќе продолжи да прави филмски дела што траат.

Филмскиот режисер Милчо МанчевскиФотографија: by-sa Milcho Manchevski

Од 1994 година, кога го претстави својот прв долгометражен филм „Пред дождот“, со кој се закити со наградата Златен лав за најдобар филм на филмскиот фестивал во Венеција, овој филм и режисерот Милчо Манчевски ја ставија Македонија на светската културна мапа.

Европската  и светска културна и филмска јавност ги откриваа животот и приказните за Македонија токму  по „Пред дождот“ на Манчевски. Оттогаш до денес, ги сними и филмовите „Прашина“, „Сенки“ и најновиот - „Мајки“.

„Тоа е мојот обид да направам дела што ќе траат и што го будат духот и го возбудуваат срцето“, вели македонскиот најуспешен и најреномиран филмски автор, Милчо Манчевски.

За еланот и насмевките - некогаш, за болките на македонското општество - денес

Паралелно со уметничкото творештво на релација Скопје-- Њујорк,  во изминатите години ја живееше и на свој начин ја доживуваше македонската реалност.

„Пред 20 години од оваа дистанца се чини дека имаше некој елан и радост, некое достоинство и надеж во тоа време. Некоја насмевка“, вели Манчевски:

Сцена од последниот филм на Манчевски, „Мајки“Фотографија: Banana Film

„Во тоа време кога се осамостои Македонија, јас веќе долго време живеев во Њујорк, па целиот процес го доживував со недостиг од информации, но и - поромантично. Денес е тешко да се биде задоволен од она што се постигна. И тука не зборувам ни за идеологија, ниту за геостратешка политика, па дури ни за економија, туку за односот кон сопствениот живот. Не се најде модус да се живее повеќе чесно  и подостоинствено. Корупцијата на живеењето и корупцијата на душата  и токсичната, пасивна агресивност, во меѓувреме се зголемија со геометриска прогресија“.

Критичен кон нашето денешно општествено и културно живеење, како Милчо Манчевски гледа на општествените, културните, меѓународните предизивици пред кои се наоѓа Македонија денес?

„Да не се лажеме - корупцијата и токсичната, пасивна агресивност, станаа норма поради раширениот кукавичлук и ситна себичност. Тоа потоа се рашири во секоја област на јавно, а и приватно живеење, благодарение на племенската поделба на таканаречена левица и десница, а всушност на наша банда и ваша банда. Како се надминува таа мака? Со чесен и вреден однос кон себе и кон другите“.

За дела за паметење - повисоки стандарди

Со осамостојувањето на Македонија уметниците и авторите имаа добри шанси за творештво, за поддршка за домашна и меѓународна афирмација. Македонските автори дури имаа и поголема поддршка од својата заедница отколку американските автори во својата земја.

Како во текот на изминатите години Манчевски се судираше со македонската реалност како автор, за кој освен пишувањето, најважна работа е правењето филмови и тоа го споредува со „бегство меѓу народ“?

„Како автор, професионалец и човек кој ја сака оваа земја се обидувам да донесам повисок стандард на работа и на професионално и етичко однесување и да покажам дека и тука можат да се прават дела на светско рамниште. Се обидов да направам дела што ќе траат, што го будат духот и го возбудуваат срцето. Исто така, тука донесов и странски инвестиции кои во моите четири филма изнесуваа околу 15 милиони евра. Во она што е моја специјалност се обидов скромно да придонесам. Ете, тоа е“.

Манчевски со членови на екипата на „Мајки“ во БерлинФотографија: DW

                                                                        

„Културниот и политички естаблишмент ќе пукнат од мака“

„Пред дождот“ во 1994 ги трасираше креативниот пат и професионалниот кредибилитет на Милчо Манчевски  за следните филмови. Радоста на авторот му ја донесува публиката и начинот на кој таа пулсира со филмското дело. Но, Манчевски се сеќава и на помалку пријатните ситуации поврзани со работата на своите филмови:

„Македонската држава одбиваше да влезе како учесник во ’Пред дождот’ се‘ до пред самиот крај на снимањето. Тоа за малку ќе го урнеше проектот. Филмот опстана единствено благодарение на истрајноста на Бритиш скрин. Дури и кога се  вклучи во проектот, Македонија влезе со само 7% од вкупниот буџет. Во мојот следен филм ’Прашина’, Македонија вложи 5% од буџетот, односно толку колку што вложи во  неколку документарци. За последниот филм ’Мајки’ македонскиот филмски фонд одбива  да го поддржи титлувањето на филмот на кој било странски јазик. Гледачите, народот - тие го почитуваат она што го работам, но културниот и политички естаблишмент ќе пукнат од мака“.

Амбасадор на културата

Од 2007 година е почесен Амбасадор на културата на Република Македонија во Њујорк, каде што живее и работи. Кој е предизвикот да се биде носител на оваа титула?

„Кога ’Пред дождот’ се појави во Јапонија, во тамошните весници излегоа интервјуа, информации и рецензии за филмот, а покрај нив Јапонците понекогаш ја печатеа и мапата на Македонија со објаснување како се изговара зборот Македонија. Каде и да се појавам во светот јас или моите дела, мене ме прашуваат за Македонија. Се обидувам да го истакнам она што е објективно убаво тука, на пример, мирољубивиот карактер на луѓето, или оние добри и доблесни луѓе кои треба да бидат лицето на Македонија, или убавата природа, или фактот дека оваа заедница поддржала изработка на квалитетно уметничко дело. Но, самата титула амбасадор на културата не е поддржана ниту со план на работа, ни со програма ниту со буџет“.

Манчевски за време на претставувањето на филмот „Мајки“ на Берлиналето 2010Фотографија: DW

„Вековите не се редат еден по друг, туку еден покрај друг“

Во филмовите на Манчевски се проникнуваат времињата, се испреплетуваат приказните. Дали навистина „вековите не се редат еден по друг, туку еден покрај друг“, како што вели во својот филм „Прашина“, алудирајќи притоа на една земја на Балканот? 

 „Човековото искуство, радоста, тагата, имагинацијата, човечкиот ум - тие се вистинскиот предмет на големите уметнички дела. Голем мерак и голема привилегија е човек да се занимава со нешто што ги возбудува духовите и умовите и срцата на другите луѓе на еден убав начин. И се сметам за среќен човек баш поради тоа“.

Автор: Сузана Тодоровска-Павлоска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми