Манчестер и Барселона во финалето
5 мај 2011Синоќа (04.05), во вториот полуфинален дуел, англискиот шампион уште еднаш беше поуспешен од германскиот Шалке, совладувајќи го со 4:1 пред своите навивачи. Надежта дека Шалке може да направи чудо и покрај поразот на свој терен во првиот меч од 2:0, не траеше долго. Валенсија во 26-та и Гибсон во 31-та минута му обезбедија водство на Манчестер од 2:0 и ги решија сите дилеми. Погодокот на Хурадо беше само мала сатисфакција за Шалке, чии играчи направија чудо и со самиот пласман меѓу четирите најдобри во Европа. За конечните 4:1 се погрижи Андерсон со два погодока во вториот дел.
„Секој друг тим ќе беше пресреќен да стигнеше до полуфиналето. Ние пропуштивме голема шанса и во двата натпревари. Во вакви мечеви секој играч треба да одигра маестрално за да се има шанса во двата натпревари. Тука не се работи за вообичаена форма и затоа не можевме да го минеме Манчестер Јунајтед“, изјави по мечот, капитенот на Шалке, Мануел Нојер.
Финалето е закажано за 28 мај. Манчестер и Барселона ќе ги одмерат силите по вторпат во последните две сезони. Во 2009-та во Рим, шпанскиот првак беше поуспешен и победи со 2:0.
Фудбалерите на Шалке, сепак, ќе имаат уште една шанса за титула сезонава. На 21 мај, во финалето на германскиот куп, тие ќе играат против Дуизбург.
Автор: Борис Георгиевски
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска