Маратонците во Хамбург и Лондон во чест на жртвите од Бостон
21 април 2013Победникот на Хамбуршкиот маратон оддаде почит на жртвите во експлозиите на Бостонскиот маратон. Пред трката беше одржана една минута молк за жртвите од Бостон. Пред трката 15.000 мратонци се загреваа на песната „Свит Каролајн“ препознатлива по Бостонскиот маратон, а многумина трчаа со жолти и зелени алки на кои пишуваше „Трчање за Бостон“.
Пред трката во северниот германски град Хамбург постоеше загриженост за безбедноста, бидејќи беше пронајден сомнителен пакет во метро страница во центарот на градот. Полицијата ја затвори метро линијата У3, но подоцна се покажа дека сомнителниот предмет е празна кутија. Организаторите информираа дека осум натпреварувачи го откажале учеството на Хамбуршкиот маратон поради настаните во Бостон.
Покрај 28-годишниот Елиуд Кипчоге, победникот во машка конкуренција кој постигна свој нов рекорд од 2 часа 5 минути и 30 секунди, со златен медал се закити и Литванката Дијана Лобачевске, која рутата ја истрча за 2 часа 29 минути и 17 секунди.
Црни панделки во Лондон
Етиопскиот атлетичар Цегаје Кебеде вторпат во кариерата победи на Лондонскиот маратон, по триумфот во 2010 година. Тој успеа во завршницата од трката да го престигне Кениецот Емануел Мутаиј и прв да мине на целта пред Бекингамската палата. Тој трката ја заврши за 2 часа 6 минути и 15 секунди. Во женска конкуренција победи Кенијката Приска Џзепту со резултат од 2 часа 20 минути и 15 секунди.
Најголем дел од натпреварувачите носеа црни ленти во знак на почит кон загинатите во понеделничкиот бомбашки напад во Бостон. Пред почетокот на трката беа одржани и 30 секунди молк за жртвите.
„Ќе се приклучиме кон молкот во сеќавање на нашите пријатели и колеги за кои денот на радост се претвори во ден на тага“, им беше соопштено на 35.000 маратонци преку разглас.
„Сакаме да ја покажеме нашата поддршка за пријателите и колегите во Бостон во ова тешко време за глобалната тркачка заедница“, рече пред трката директорот на Лондонскиот маратон Хју Брашер.
Трката ја следеа десетици илјади посетители. За нивната безбедност се грижеа за 40 проценти зголемен број на полицајци и кучиња-трагачи. Лондонската полиција одлучи да се држи до планот за зголемена безбедност и покрај тоа што едниот од осомничените за бомбашките напади во Бостон беше убиен, а другиот приведен. Пред трката организаторите објавија дека за секој маратонец кој ќе пристигне на целната линија ќе бидат уплатени по две фунти во фондот за жртвите во Бостон.