1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Маричиќ: Од септември скрининг и процедура за уставни измени

ДТЗ
21 јули 2022

Скринингот ќе се одвива на ниво на шест кластери. Вицепремиерот Маричиќ е оптимист дека отворањето ќе биде побрзо од предвидената динамика.

Nord-Mazedonien - Justizminister, Bojan Maricik
Фотографија: Justizministerium/Nord-Mazedonien

Скринингот на Северна Македонија со Европската Унија ќе започне во септември и ќе трае 16 месеци, најдоцна до ноември 2023 година. Станува збор за анализа на состојбата во земјата во однос на усогласеноста на домашното со законодавството на Унијата. 

„Овој процес се состои од две фази. Објаснувачки скрининг, кога ЕУ ги презентира клучните правни акти, и билатерален скрининг ,кога ние го презентираме степенот на усогласеност на националното законодавство, но и институционалните капацитети и спроведување на законите“, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.  Тој ја соопшти временската рамка во која треба да завршат поединечните обврски.

Скринингот, според него, иако се гледа како техничка операција, мора да се гледа како суштински елемент на пристапните преговори, бидејќи ја дава сликата за сѐ што треба да направи земјата во годините што следат со цел да ги спроведе реформите од ЕУ-агендата и да ги отвори, да напредува и да ги затвори поглавјата и кластерите. 

Скринингот ќе се одвива на ниво на шест кластери. Маричиќ е оптимист дека отворањето ќе биде побрзо од предвидената динамика. Според него, Северна Македонија има усогласено најмалку 45 отсто од локалното законодавство со она на ЕУ.

Уставни измени по одморите

Процедурата на уставните измени, според Маричиќ, ќе започне по летните одмори. Земјата има обврска за вметнување на Бугарите во Уставот, пред да се одржи следната меѓувладина конференција на која ќе се отворат кластерите. 

„Уставните измени за Преспанскиот договор траеја повеќе од четири месеци. Ние сѐ уште немаме утврден календар за уставни измени, но тоа е обврска која треба да ја завршиме најдоцна до крајот на скринингот. Внимателно ќе ги разгледаме околностите, атмосферата, дијалогот во Собранието. Целта е да завршат успешно. По летните одмори ќе можеме да зборуваме за точен календар“, вели Маричиќ.

Во однос на барањето на ВМРО-ДПМНЕ за организирање на референдум за Преговарачката рамка за ЕУ, вицепремиерот смета дека е подобро да се отвори расправа и низ дебати да се дојде до двотретинска поддршка во Собранието.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми