1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Маркес и Македонците: Една минута помирување

21 јули 2021

Историјата треба да не научи како да не ги повторуваме грешките, а не, како досега, опседнатоста со неа, да биде причина за правење на нови или повторување на старите грешки. Пишува Никола Тодоров

Nord-Mazedonien Nikola Todorov, ehemaliger Minister für Gesundheit und Bildung
Фотографија: DW/B. Gerogvievski

Оваа пандемиска 2021 година се навршуваат 30 години независност на македонската држава. Почнавме како Република Македонија откако го отстранивме идеолошкиот префикс од името Социјалистичка Република Македонија. Потоа за дел од земјите во светот станавме Поранешна Југословенска Република Македонија, а за друг дел останавме Република Македонија. Потоа, со Преспанскиот договор добивме и трето име Република Северна Македонија, кое да бидам искрен е далеку подобро од привремената референца и не алудира на тоа дека ние сме југословенска творба или како што некои милуваат да кажат Титова творба. Во меѓувреме на конкурс го избравме државното знаме, откако бевме приморани да го смениме тоа што самите си го одбравме, кое знаме за волја на вистината во моментот кога го одбравме не беше многу познато помеѓу пошироката јавност од причина што додека бевме дел од Југославија не го веевме како национално знаме, ниту пак истото го вееле партизаните додека се бореле за ослободување и заокружување на македонската државност, а ниту пак го вееле комитите на ВМРО кога се бореле против османлиите и Србите. Грбот, за жал, со мала измена, останат е од времето на социјалистичка Македонија и многу потсетува на советско време.

Името Југославија го избришавме засекогаш од нашето име или привремена референца, како сакате, но кај народот остана чувството дека во Југославија живеевме подобро. Можам слободно да кажам дека во овие триесет години за разлика од сите останати републики од поранешна Југославија, но и од сите останати поранешни комунистички/социјалистички држави, Македонија назадуваше. Сите останати поранешни социјалистички држави брзо се трансформираа и сериозно напредуваа, па денес нашиот стандард е значително полош од тој на Полјаците, Чесите, Словаците, Романците, Унгарците, но и од Хрватите, Словенците, Србите, Црногорците и Босанците. Додека бевме дел од Југославија живеевме подобро и од Грците, а за Бугарите бевме Американци. Грците беа вакви, Бугарите такви, Романците онакви, а за Чехињите и Унгарките до ден денес слушаме надувани приказни од „предратните“ фраери. Муабетот си остана, а ние заостанавме. Триесет години подоцна Грција е недостижна, а дури и Бугарија одамна не престигна. Затоа многу е важно да направиме добра анализа на овие триесет години независност за да не ни се случи во наредните триесет години повторно да стагнираме.

Грешки и пропусти

Направивме доста добри работи, но и доста грешки во овие триесет години независност. Би одвоил три стратешки грешки. Првата и најголема стратешка грешка е катастрофалната приватизација, која буквално ја сотре македонската економија и креираше армија на невработени која достигна неверојатни 38.8% во 2006 година. Начинот на кој беше спроведена приватизацијата го сроза животниот стандард на граѓаните и ја врати државата и економијата најмалку 20 години наназад. Ова не само што доведе до економско назадување, туку и до морална ерозија во секоја сфера на живеењето. Во тој период беше инфицирано судството, здравството, образованието, полицијата, царината. Главна културолошка и општествена вредност станаа парите. И тоа, лесните пари. 

Други колумни од авторот:

-Заев си оди во 2024 година

-Зевс е Македонец

-Македонското прашање никогаш не умира

Втората, не многу помала стратешка грешка е што не го решивме спорот со Грција навреме, па оставивме Бугарија пред нас да влезе во НАТО и ЕУ. Денес сé ќе беше поинаку доколку размислувавме стратешки, мудро и храбро во деведесеттите години, но и подоцна, па да влезевме пред Бугарија во ЕУ. Пред се ќе ја задржевме економската предност пред Бугарија, но и пред Романија,  ќе избегневме мачни и тешки преговори  зачинети со огромна доза на уцена, а воедно, економски, ќе се носевме прилично добро и со земјите од југоисточна Европа. Стратегијата, времето работи за нас во спорот за името, се покажа како погубна. Па зарем некој веруваше дека решението за името е Грција да си го смени името или после 50 години спор, Грците да кажат, се шегувавме овие 50 години, од денес ќе ве признаеме како Република Македонија. Ако на сите ни беше јасно дека решението на спорот за името е промена на нашето име, со додавање на географска одредница, тогаш, нејасно е како можевме да поставиме стратегија: „времето работи за нас". Изгубивме 30 години, за на крај повторно да дојдеме до истиот резултат во спорот. Нормално, можевме и никогаш да не го решиме и никогаш да не влеземе во НАТО, и во ЕУ, но ефектот од тоа ќе беше, тезите од истава колумна да беа валидни и за 60 години независност, под услов да опстаневме до тогаш.

Покрај овие две стратешки грешки, за жал и во овие 30 години независност, опстои, ако не и се засили, негативната македонска константа, која би ја нарекол македонска проклетија или македонска авто-деструкција. Оваа потреба од самоуништување како да ни е системски вградена. Како да сме чипирани со омраза кон самите себе, што доведе до тоа во овие триесет години независност буквално да се изедеме меѓу себе. Овој феномен на самоуништување ни е традиционално зачинет со навиката да ги потценуваме сите соседи, освен Србите. Не велам дека треба да почнеме и кон Србите да гледаме со потценување, туку само сакам да констатирам дека додека ние ги потценувавме, соседите растеа и добиваа меѓународен углед и економска моќ. 

Комбинацијата од овие две стратешки грешки и омразата кон самите себе како трета стратешка грешка-константа, мислам дека беа доминантни фактори за нашата стагнација во однос на сите наши соседи и во однос на другите земји од поранешниот социјалистички блок. Резултатот од ова е поразителната констатација дека Македонците живееја подобро и посреќно во систем во кој отсуствуваше демократија и во време кога немавме сопствена независна држава, а клучните одлуки за нас се носеа во Белград. Колку и некој да сака да опонира на овој факт, не може. Живеевме подобро од земјите од поранешниот социјалистички блок, а денес сите овие нации се далеку пред нас во секој поглед. Значи тие отишле напред многу побрзо и многу посилно од нас, а ние за овие триесет години независност наместо напред, во еден добар дел од годините сме се движеле назад. 

Историјата како поука

Но, што било поминало. Да го вратиме времето назад не можеме. Историјата треба да не научи како да не ги повторуваме грешките, а не, како досега, опседнатоста со неа, да биде причина за правење на нови или повторување на старите грешки. 

Во наредните триесет години мора да бидеме многу поумни, да размислуваме стратешки за иднината, ослободени од стегите и фрустрациите од минатото. 

Фотографија: DW/P. Stojanovski

Најпрво треба да ги потиснеме големите заблуди кои си ги сервираме за мезе и според кои ние сме најстара и најголема нација, па сите не мразат дека „името ни било големо“. Наместо тоа треба да тргнеме од фактот дека во моментот кога на 5 мај 1945 година е донесена македонската азбука, според некои извори, неписменоста во Македонија била околу 70%, па потоа и да констатираме дека, после само 40 години, сме дошле во ситуација да бидеме далеку подобри од сите земји од југоисточна Европа, вклучително и од Бугарија и Грција. Значи можеме, но, за жал, не сами.

Второ треба да прифатиме дека сме мала и слаба држава која треба да се избори со неправдите со кои се соочуваат сите останати мали и слаби држави. Не треба постојано да кукаме и бараме правда во меѓународните односи, туку треба да постапуваме во согласност со нашата сила. Правда во меѓународните односи не постои. Постои сила и интерес. Силата во светот пред се е воена и економска. Јасно им е на сите како стоиме по овие два параметри, па затоа треба да најдеме поле на кое можеме да парираме на останатите држави во регионот и светот. По мое мислење тоа е човечкиот капитал, во кој треба многу да инвестираме, особено во делот на знаењето, кое сакале ние да признаеме или не, ни недостасува. Може кој што сака да каже, ама економијата ќе ни биде толку силна и ќе бидеме толку богати колку што вредиме на полето на знаењето, науката и културата. Затоа сметам дека во наредните триесет години мора да дадеме предност на науката и образованието во однос на сѐ останато. Сѐ треба да подредиме на тоа. Земјоделие базирано на наука и знаење, здравство базирано на наука и знаење, индустрија базирана на наука и знаење, економија базирана на наука и знаење итн. Ако си тераме како до сега, нема да не биде. 

Трета работа што мора да ја направиме е да претпоставиме каде ќе се движи развиениот свет. Моја претпоставка е дека светски тренд ќе биде трансформација во економија базирана на чиста животна средина и обновливи извори на енергија, на силна наука, вештачка интелигенција и роботизација. Сметам дека светот сериозно ќе се промени во наредните две децении, па ако ние останеме да живееме во 1903 година, многу веројатно е дека ќе исчезнеме. 

Фотографија: MIA

Четврта работа, мора да влеземе во ЕУ. Ниту Бугарија, ниту Грција, ниту пак земјите од југоисточна Европа ќе не престигнеа доколку не влезеа во ЕУ и/или доколку не ја трансформираа успешно социјалистичката економија. Сами, олку можеме. Се виде и докажа овие триесет години. 

Петто, мораме да престанеме да се мразиме себе си. Да го смениме менталитетот кој не тера Македонецот за Македонец да биде волк. Ако не можеме самите, треба да најдеме некој друг да не де-чипира и да ја отстрани оваа информација за самоуништување од македонскиот ген. 

Како завршна порака ќе употребам две мисли од големиот Габриел Гарсија Маркес:

„Животот е како приказна, не е важно колку е долг, туку колку е добар. Тоа што поминало, веќе не постои, тоа што ќе биде, уште не дошло. Постои само една точка во која се вкрстуваат минатото и иднината. Во таа точка е целиот твој живот. Искористи ја.

Една минута помирување вреди повеќе од цел живот пријателство.

Како заклучок и желба која ќе си ја посакам за триесеттата година независност е Македонецот да ја доживее оваа, Маркесова, една минута помирување.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми