Марш за науката ширум светот
22 април 2017Со „Маршот за науката“ почнаа повеќе стотици научници и нивни поддржувачи во главниот град на Нов Зеланд, Велингтон, и пет други градови во земјата. Како и нивните колеги од светот, и тие ја нагласија важноста на научните сознанија како основа за делување на политиката.
Истражувачот на климата Џејмс Ренвик на протестниот марш во Велингтон нагласи дека сфаќањето и објаснувањето на промените на климата како феномен е проблем на науката, но посегнувањето по вистинските мерки што од тоа произлегуваат е социјален и политички проблем. „Неопходна ни е добра наука како извор на информации за добра политика“, рече тој.
И во Австралија стотици научници во 11 градови излегоа на „марш за науката“. Многумина го искористија слоганот на американскиот претседател Доналд Трамп од кампањата и го преформулираа во „Да ја направиме науката повторно голема“.
Повод за страв
Еден од главните поводи за демонстрациите на научниците се промените во американската политика во мандатот на Доналд Трамп. „Последната промена на политиката во САД и во други земји многу ги вознемири научниците“, соопштија организаторите на новозеландскиот марш.
Тие со демонстрациите сакаат да изразат солидарност со американските колеги и протестираат против негирањето на фактот дека промената на климата е резултат на погрешните постапки на човекот. Освен тоа, тие се спротивставуваат на законите со кои се запоставуваат научниците врз основа на нивното потекло, раса или религија.
Марш ширум светот
Протестните маршеви денеска се одржуваат во цел свет. Датумот има симболика: 22 април е „Ден на планетата Земја“. Тоа е денот кога традиционално се повикува на заштита на планетата. Во Германија маршеви има во 18 универзитетски градови: Берлин, Келн, Бон, Дрезден, Франкфурт, Фрајбург, Гетинген, Грајфсвалд, Хамбург, Хајделберг, Јена, Кобленц, Лајпциг, Минхен, Минстер, Росток, Штутгарт и Тибинген.
Главниот протестен марш ќе се одржи подоцна во текот на денот во Вашингтон, директно пред Белата куќа.