1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ѓорчев: Три сценарија по изборите во Бугарија

ДТЗ
13 јули 2021

Во односот на Софија кон Скопје ништо нема да се промени. Треба да се промени односот за барање компромис за прашања за коишто Македонија „не смее” и „не треба” да преговара, вели поранешниот амбасадор во Бугарија.

Marjan Gjorcev, ehemaliger Botschafter Nord-Mazedoniens in Bulgarien
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

По објавените резултати од изброените 95,22% од гласачкиот електорат што излезе на гласање во Бугарија, сосема е извесно дека политичката состојба во земјата останува многу сложена, во поглед на формирањето парламентарно мнозинство, коешто ќе обезбеди формирање нова политичка влада. Водството на партијата „Има таков народ” на шоуменот Слави Трифонов, со сосема мала предност пред десната коалиција ГЕРБ/СДС (односот на силите во парламентот би бил 65 наспрема 63 пратеника), создава нови нејаснотии на бугарската политичка сцена. БСП останува трета партија со можни 41-42 пратеника во парламентот. Демократска Бугарија е на четврто место со 37-38 пратеника. На петто место е ДПС (партијата на етничките Турци во Бугарија) со 32 пратеника и шеста партија којашто го помина парламентарниот праг е „Исправи се Бугаријо-мафија надвор” со 13 пратеника. 

„Едно е сосема сигурно, новата политичка влада ќе биде без учество на коалицијата ГЕРБ/СДС. Никој од политичките партии нема да се согласи да биде партнер со ГЕРБ и да ги покрива политичките грешки и економските дубиози направени во нивното 11-годишно владеење. За другите пет политички партии во парламентот се можни три сценарија“, анализира за ДВ, македонскиот политичар со дипломатско искуство, Марјан Ѓорчев. 

-повеќе на темата: Бугарија по изборите: Нова влада или нови избори?

Првото сценарио, според него е партијата на Слави Трифонов да ја профилира конечно својата идеолошка матрица и да го дефинира своето место во линеарниот спектар на бугарската политичка сцена- во центарот, десно или лево? Од тоа ќе зависи дали таа партија ќе има можност да коалицира со партиите од Центарот- ДПС и „Демократска Бугарија” или со партиите од левиот блок-БСП и „Исправи се Бугаријо”. 

Политичката состојба во Бугарија останува многу сложена, во поглед на формирањето парламентарно мнозинство, коешто ќе обезбеди формирање нова политичка владаФотографија: Jim Watson/AFP/Getty Images

Како второ, можно е формирање и на концентрациона влада без коалицијата ГЕРБ/СДС,од сите пет парламентарни партии, доколку претседателот Румен Радев се реши да влијае со својот огромен авторитет при формирање на новата политичка влада. И трето, доколку Слави Трифонов не покаже завиден политички капацитет, можно е да продолжи мандатот на техничката влада на претседателот Радев, што би значело вовед во уставна криза во Република Бугарија. 

Ѓорчев кој беше македонски амбасадор во Бугарија од 2016 до 2020 година, во периодот на најфреквентните случувања во македонско-бугарските односи, вели дека во односот на Софија кон Скопје нема да се промени ништо. 

-повеќе на темата: Заев очекува функционален парламент и влада во Софија за да се одблокира евроинтеграцијата

„Македонската држава досега не разбра дека бугарската геостратегија, геополитика и конструирана национална еуфорија кон поимот, топонимот Македонија, кон етнонимот Македонец, но, пред се односот кон суверената и независна македонска држава, не е плод на краткорочна бугарска политика по потпишување на Договорот за пријателство, собрососедство и соработка на 1 август 2017 година. Се работи за политичка и научна доктрина фундирана уште во далечната 1886 година, со постепено преформатирање на таа доктрина во зависност од општествено-политичкиот систем во Бугарија (кнежество-царство, социјалистичка држава или парламентарна демократија)“, вели поранешниот дипломат. 

Тој смета дека „треба да го промениме нашиот однос во постојано барање некаков компромис за прашања за коишто Македонија 'не смее' и 'не треба' да преговара“. 

„Нашата правна рамка за преговори со Унијата е нашиот Договор за европско партнерство со Унијата и Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА). Тука треба да ги фокусираме нашите напори, преку исполнувања на десетте поглавја на ССА, да прогресираме  во реформските проекти, но, истовремено треба да се грижиме за нашите македонски граѓани и да обезбедиме за нив преференции во слободното движење на капитал, стоки и луѓе, со цел за нивен слободен престој, студирање,тргување, работа и можност за нивно учество на странските пазари на капитал. Тоа е нашиот европски пат“, додава тој. 

И додека се чека големо европско „Да” за отпочнување на преговори со Унијата, земјата треба да ја сработи својата задача - македонското општество структурно да се преформатира, но, со должна напомена кон Унијата, дека нема „структурни реформи” без „структурни пари”. „Жртвите што ги поднесоа македонските граѓани во името на тие реформи се преголеми. Имаме нужност од европска финансиска поддршка, за да го усогласиме нашиот институционален систем со правниот, политичкиот и административниот институционален систем на Унијата, но и да го сочуваме достоинството и стандардот на македонските граѓани“, вели Ѓорчев за ДВ. 

Лет со умот во вселената

Ден по изборите, политичарите во Бугарија се занимаваа со изјава за НАСА и астонаути. Лидерот на ИТН, Слави Трифонов, најави дека неговата партија ќе го преземе мандатот за формирање Влада и ги претстави предложените министри. Тој најави дека нема да коалицира со другите партии и дека ќе предложи своја Влада. Трифонов, чија партија е во тесна трка со партијата на Борисов, ветува изградба на градинки, патишта, болници, а исто така посочи дека има голема желба и да испрати астронаути во вселената. Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, се пошегува со изјавата на неговиот политички ривал, Слави Трифонов. Борисов вели дека за разлика од ИТН, неговата партија не се занимава само со НАСА и астронаути. 

Tрифонов, чија партија е во тесна трка со партијата на Борисов, ветува изградба на градинки, патишта, болници, а исто така посочи дека има голема желба и да испрати астронаути во вселенатаФотографија: BGNES

„Замислете дека Бугарин и северен Македонец се наоѓаат во вселената. Така започнува ’Војна на ѕвездите’. Вонземјанот ќе ги види и ќе ги праша: ’Какви луѓе сте вие?’ ’Јас сум Бугарин’, ’Јас сум северен Македонец’, прокоментира Борисов. Овој коментар на Борисов доаѓа по изјавата на Трифонов кој претходно рече дека владата на ИТН ќе побара Бугарија да се зачлени во Европската вселенска агенција, бидејќи само Бугарија не членува таму од сите земји – членки на ЕУ. 

-повеќе на темата: Неосвестени Бугари и одродени Македонци

Полемиките се прелеаа и во С. Македонија, каде повеќемина на шеговит начин се обидоа да одговорат на изјавите на бугарскиот шоумен. 

„Влада на ’Ку-Ку мајко Блгаријо’, коментираше на социјалните мрежи универзитетскиот професот Ѓорѓи Спасов. Според него, Слави Трифонов може да состави само влада која ќе се вика како неговиот бенд „Ку-Ку мајко Блгаријо" . „За сега лета само со умот во вселената, ама набргу бугарските граѓани ќе почнат да викаат Аман Ку-Ку од него, леле што направивме и ќе го лансираат таму без поддршка од НАСА“, коментира Спасов, кој смета дека не треба да се сфаќа сериозно Трифонов, кој доби шанса да се зафркава со целата држава. 

Каракачанов победува само во С. Македонија

Друг интересен момент од изборите во соседна Бугарија, е што Коалицијата Бугарски патриоти, предводена од ВМРО-БНД на Красимир Каракачанов, на парламентарни избори завчера освои 3,2 отсто од гласовите и не успеа да го надмине прагот од 4 отсто за влез во Собранието. Коалицијата на Каракачанов потфрли на изборите, победува само во Северна Македонија, се коментарите објавени во бугарските медиуми. 

Каракачанов кој беше вицепремиер и министер за одбрана во последната влада на Бојко Борисов, во С. Македонија ја има поддршката на гласачкото тело коешто има бугарски пасоши и државјанство, каде што победи убедливо со 37,21 отсто. Второпласирана на гласањето во Македонија е ГЕРБ на Борисов со 24,03 отсто. Партијата на Слави Трифонов, која победи убедливо речиси секаде во дијаспората, во С. Македонија освои само 8,53 отсто, или 22 гласа. 

Коалицијата на Каракачанов потфрли на изборите, победува само во Северна Македонија, се коментарите објавени во бугарските медиумиФотографија: BGNES

На што се должи поддршката на Каракачанов? Марјан Ѓорчев вели дека треба отворено да се проговори дека „македонските институции беа слепи и глуви (или барем за такви се претставуваа), за голем број активности и поддршка што ја нудеше ВМРО-БНД на македонски граѓани коишто се определуваа како Бугари по род, развивајќи ја соработката со трите бугарски клуба во Р.Македонија (Скопје, Битола и Струмица), како и поддршката на европратеникот од редовите на ВМРО-БНД, Џамбаски, во формирањето на партијата ГДУ (Граѓанска Демократска Унија), за којашто јавна тајна е дека требаше да гласаат сите македонски граѓани, коишто имаат двојно (македонско/бугарско) државјанство, а се жители на Македонија“. 

Токму поради тоа, вели Ѓорчев, членовите на трите бугарски клуба и членовите на партијата ГДУ, најверојатно се определија на вонредните парламентарни избори во Бугарија, во секциите отворени за гласање на територијата на Македонија, да дадат поддршка за патриотската коалиција ВМРО-БНД-НФСБ и Воља. Тоа индиректно значеше и поддршка за Красимир Каракачанов, како највиден претставник на таа коалиција. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми