1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Масло ќе има, цената ќе биде стабилна

ЕМФ | МИА
20 април 2022

Масло ќе има доволно, а цената ќе изнесува максимум 2,50 евра за литар, тврди генералниот директор на фабриката „Кристал“, Горан Лазов.

Mazedonien, Veles | Ljupco Nikolovski und Kresnik Bektesi besuchen Sonnenblumenölfabrik
Фотографија: Ministerium für Land-, Forst- und Wasserwirtschaft Nord Mazedonien

Граѓаните не треба да стравуваат и да трупаат залихи, зашто масло за јадење ќе има во доволни количества, уверува генералниот директор на фабриката „Кристал“ во Велес, Горан Лазов. По средбата со министрите за економија и за земјоделство, Крешник Бектеши и Љупчо Николовски, кои ја посетија фабриката, Лазов изјави дека „цената на зејтинот ќе биде меѓу 2,20 и 2,40 евра, или максимум 2,50 евра, и оваа цена ќе се задржи, особено по празниците“.

Директорот на „Кристал“ нагласи и дека има доволно суровина и дека во континуитет се вршат набавки од Бугарија. Надежта на Лазов е дека сончогледот ќе се врати на македонските земјоделски површини. „Порано произведувавме околу 40.000 тони сончоглед, а лани откупивме помалку од 4.000 тони. Тоа е само 10 отсто од она што сме го имале како држава“, подвлече тој.

„Ако се зголемат површините, ќе го откупиме целото производство, нема да оставиме ниту едно зрно неоткупено“, истакна Лазов.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, во Велес најави измена во програмата за финансиска поддршка за производителите на сончоглед:

„Секој производител на сончоглед за остварување на субвенциите како доказ ќе мора да приложи потврда за предадено и откупено производство во домашните преработувачки капацитети на сончоглед. Со оваа мерка го зајакнуваме планираното годишно производство меѓу земјоделците одгледувачи на сончоглед и преработувачите, а воедно го поттикнуваме договорното производство, кое како модел треба да е сѐ повеќе присутно во земјоделското производство“, изјави Николовски.

Министерот Николовски најави измена во програмата за финансиска поддршка за производителите на сончогледФотографија: Ministerium für Land-, Forst- und Wasserwirtschaft Nord Mazedonien

Тој нагласува дека „храна и житни култури мора да има“ и уверува дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство прави сѐ за да обезбеди стабилно домашно производство.

- повеќе: Зејтин само на лажиче - се ограничува продажбата на сончогледовото масло во продавниците

Николовски наведува дека е донесен „Национален план за производство на храна, каде во фокусот се стратешките култури, како пченица, пченка, јачмен и сончоглед“:

„Преку Интервентниот фонд се обезбедени 400 милиони денари директна помош за земјоделците. Со овие мерки земјоделците добиваат 40% дополнителна помош за набавка на вештачко ѓубриво за пченка и пченица, како и 2.500 денари по хектар за сончоглед и јачмен. Дополнително, со скоро 100 евра од хектар, ги мотивираме земјоделците да го зголемат приносот за стратешките култури. Во функција е и посебниот модул за аплицирање, кој предвидува рок за исплата од 7 дена по поднесувањето на барањето. Преку јавен оглас на располагање ставаме дополнителни 5.722 хектари слободно земјоделско земјиште за обработка со стратешки култури во 14 региони низ државата“, вели Николовски.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми