1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Патување

Темните страни на масовниот туризам

Инес Ајзеле
22 август 2018

Од година во година, туристичкиот сектор соборува рекорди. Во меѓувреме преку 1,3 милијарди патници кружат годишно по светот. Но домашното население и животната средина страдаат под товарот на масите луѓе.

Italien Luxus-Kreuzfahrtschiff Queen Victoria
Фотографија: picture-alliance/dpa/Ansa/A. Merola

Сега е зенитот на туристичката година. Милиони туристи го поминуваат годишниот одмор во Банкок, на Средоземјето или на многубројните крузери. Но, не станува збир само за еден одмор во годината. Во Германија, според податоцитна Германскиот автомобилски клуб (АДАЦ) во меѓувреме секој трет граѓанин во текот на една година двапати патува на годишен одмор. Секој шести патува и повеќе од двапати на одмор. Трендот на неколку годишни патувања не е ограничен само на Германија.

Глобалната експлозија на бројот на туристи е поврзана со зголемувањето на бројот на летови во нискобуџетниот сектор од една страна и со фактот дека сѐ повеќе луѓе низ светот можат да си дозволат да одат на патување, како што тоа е случај со Кина. Додека во 1995 година ширум светот патувања можеа да си дозволат 531 милион луѓе, минатата година нивниот број се зголеми на 1,3 милијарди.

Фотографија: picture-alliance/Bibliographisches Institut/H. Wilhelmy

Светот е село

Без разлика дали станува збор за „backpack“ патување низ Јужна Америка, нуркање на Филипини или за „all inclusive“ одмор во Турција: благодарејќи на евтините летови, „ Airbnb“, поволните автомобили за изнајмување, на денешните туристи им е речиси сѐ можно.

И уште еден аспект игра важна улога: „Фактот дека пријателите и познаниците практично во живо преку Инстаграм или Фејсбук можат да следат во кој дел од светот во моментов се наоѓаме, можат да го следат нашето патување, е многу важно“, вели Тим Фрајтаг, професор за хумана географија од Универзитетот во Фрајбург. „Патувањата станаа составен дел од нашето презентирање кон светот. Понекогаш се стекнува впечаток дека целта на патувањата се избира исклучиво според тоа колку е соодветно за претставување на Инстаграм“, вели Фрајтаг.

Дијагноза - „туристификација“

Овој тренд веќе одамна многу му оди на нерви на домашното население, како на пример во Венеција која е окупирана со илјадници гости кои неколку часа излегуваат од своите крузери и го парализираат градот. На Мајорка граѓаните минатата година и на протести покажаа што мислат за преполните плажи, недостатокот на вода и станбен простор и за пијаните туристи.

Особено е засилен туризмот во градовите, како што објаснува Фрајтаг, кој со себе носи недостаток на станбен простор во одделни населби. И локалните услужни дејности се прилагодуваат на бранот туристи. Во некои делови од Берлин е полесно да се најде продавница за сувенири отколку пекарница. „Таканаречената туристификација има сличен ефект како и т.н. гентрификација (зголемување на цените на станови во една населба поради промената на структурата на населението). Сиромашното население е потиснато, цели делови од градот стануваат еднолични“, вели Фрајтаг.

Типично германски?

„Туристот го уништува она што го бара во моментот кога ќе го пронајде“, забележа уште на крајот на 50-тите години од минатиот век германскиот писател Ханс Магнус Енценсбергер.

Морето туристи ја одзема автентичноста на културните споменици: оваа теорија за професорот Фрајтаг не функционира во целост. „Дел од автентичноста секогаш се губи но сѐ зависи од перцепцијата на набљудувачот: додека за германскиот набљудувач дворецот Нојшванштајн поради морето туристи во меѓувреме делува како клише, за посетителите од Далечниот Исток тоа е посебно автентично, типично германско или баварско место“, вели тој.

На сметка на животната средина

И на крајот, не треба да се заборави на последиците за околината. Според податоците со кои располага научниокот Јирген Шмуде, туризмот е одговорен за околу 5 отсто од глобалните штетни емисии кои со тоа делуваат и врз климатските промени. „Особено доаѓањата и заминувањата со авион придонесуваат за раст на емисиите на јаглерод диоксид“.

Како што тврди овој стручњак за туризам, додатоците на цената на картата со кои патниците можат да го „неутрализираат“ негативното делување со своето патување, речиси и не се користат. И на лице место туристите ѝ наштетуваат на околината со создавање отпад, зголемена потрошувачка на вода или невнимателно нуркање. Крузерскиот туризам спаѓа во поштетните облици на туризам, смета овој професор од универзитетот „Лудвиг Максимилијан“ во Минхен.

Сон за „нежен“ туризам

На крајот останува прашањето: како да се спротивставиме на штетниот туризам? „Нема некој општ применлив концепт. Политичарите и браншата мораат секогаш да ја имаат пред очи критичната издржливот за својот град или регион. Противмерки би можеле да бидат посилна концентрација на претсезоната или едноставно ограничен број легла“, вели Шмуде.

За предизвиците во иднина никој нема одговор. Во 2030 година бројот на глобални туристи би можел да се удвои. И покрај алармантните прогнози, научниците како Фрајтаг одбиваат да гледаат на туризмот само низ песимистички ракурс.

„Овој сектор сѐ уште делува позитивно врз процесите како приближување на културите или економскиот развој за одделни региони“.

Тука секако остануваат и „нежни“ алтернативи. Како би било наредниот одмор да не се помине во туристички резорт на другиот крај на светот, туку на планинарење во блиските шуми и тоа пред или по главната сезона?

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми