1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Масовни гробници во Алепо

СН /дпа,афп,ртр
26 декември 2016

Ужасно откритие: во сирискиот град Алепо, руските војници пронашле масовни гробници. На многу тела се забележливи траги од измачување.

Syrien Schnee und Kälte in Aleppo
Фотографија: Getty Images/AFP/G. Ourfalian

Како што соопшти денеска руското Министерството за надворешни работи, припадници на руската војска пронашле масовни гробници во Алепо со тела на кои се гледаат знаци на мачење и сакатење.

Портпаролот на министерството, генерал мајор Игор Конашенков, соопшти дека Русите пронашле „масовни гробници со неколку десетици Сиријци кои претрпеле стравотно мачење и масакр.“ Конашенков рече дека некои од телата се осакатени и имаат рани од огнено оружје.

Руските воздухопловни сили им помогнаа на сириските сили на претседателот Башар ал Асад и на неговите сојузници да го ослободат најголемиот сириски град Алепо по повеќенеделна опсада. Русија потоа испрати воена полиција во градот.

Конашенков рече оти бунтовниците, кои го контролираа источно Алепо пред да ги поттисне војската, поставиле замки и мини ширум градот, доведувајќи ги во опасност цивилите.

Фотографија: Getty Images/AFP/Z. Al-Rifa

Крај на борбите во Сирија не е на повидок. При напад на терористичката милиција Исламска држава во градот Ал-Баб загинале најмалку 30 цивили а десетици други се повредени. Според извештаите на новинските агенции, бројни го загубиле животот при експлозија на мини, додека се обидувале да побегнат од градот кој е под контрола на џихадистите.

Турција во меѓувреме се пожали на мала поддршка од воздух од коалицијата собрана околу САД во операциите против Исламска држава на северот на Сирија. Портпаролот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, Ибрахим Калин, изјави дека коалицијата мора да ги извршува своите обврски, посебно по прашањето за воена поддршка од воздух.

Најмалку 17 турски војници загинаа минатата недела во обид да го ослободат градот Ал-Баб од екстремистите на ИД, додека уште 17 војници загинаа во понеделникот од здобиените повреди.

Турција во август испрати копнени трупи на северот на Сирија за да учествуваат во расчистувањето на граничниот појас од ИД, но и да ги потисне сириските Курди за да не заземат поголема територија. Повеќе од 38 турски војници загинаа во Сирија од почетокот на операциите.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми