Матео Ренци подготвен за премиерската функција
14 февруари 2014Италијанските медиуми со денови шпекулираа за „предавање на штафетата“, но уривањето од власт на премиерот Енрико Лета се одигра многу бргу. Мнозинството членови на Демократската партија во четвртокот гласаа за заминување на Лета од функцијата. На чело на бунтот беше токму Ренци, кој од позиција на партиски лидер одлучи да ја преземе и премиерската палка.
Ренци, кој е актуелен градоначалник на Фиренца, неодамна ја презеде лидерската позиција во партијата, а во последниот период ја критикуваше владата на својот партиски колега за неодлучност во однос на преземањето реформи. Сега тој ветува драматичен пресврт.
„Сите заедно мораме да се извлечеме од калта. Не се работи само за примопредавање на власта. Не се работи за продолжување во ист правец, туку за поинакви цели и поинакво темпо“, рече Ренци.
Ренци е личност која впечатливо се изразува. Една од причините за неговиот брз политички подем е и вниманието на медиумите кое успешно го привлекува. Ренци има 39 години, и тој на некој начин е производ на ерата на Берлускони, особено што и самиот има работено во маркетинг-агенција во сопственост на неговото семејство.
Во јавноста тој се претставуваше како личност која е подготвена да ја размонтира старата партиска елита. Сега му е потребен само уште благословот од претседателот Џорџо Наполитано за да ја преземе функцијата, која отсекогаш ја посакувал. Доколку тоа се случи, Ренци ќе биде и најмладиот премиер во историјата на Италија.