Американскиот министер за одбрана исклучува употреба на огнено оружје при инциденти со мигрантите на границата со Мексико. Војниците ќе бидат опремени само со пендраци и штитови, истакнува Џим Матис
Реклама
Во случај бегалците да се обидат насилно да ја преминат границата на Мексико за да влезат во САД, царината и граничната служба имаат право да побараат зајакнување од воени единици, но војниците нема да бидат вооружени, изјави американскиот министер за одбрана, Џим Матис. Војниците се опремени со штитови и пендраци, а не со било какво огнено оружје, подвлече министерот. Според него, моментно на границата кон Мексико се ангажирани вкупно 5.764 војници.
Американскиот претседател Доналд Трамп испрати војска на границата поради надоаѓањето на т.н. мигрантски караван. Во пресрет на конгресните избори, Трамп зборуваше за претстојна „инвазија“, не исклучувајќи дури и употреба на огнено оружје против бегалците.
Во меѓувреме илјадници мигранти на пат од Централна Америка кон САД стигнаа во мексиканскиот граничен град Тихуана. Во најголемото бегалско сместувалиште во спортскиот комплекс „Бенито Хуарез“ само во текот на вчерашниот ден пристигнале околу 1.300 луѓе. Во градот сега престојуваат веќе 4.500 мигранти, а локалните служби прогнозираат бројката скоро да достигне 10.000. Кај домашното население владее во меѓувреме непријателско расположение кон дојденците. Тихуана и други градови на границата со САД засега се крајна станица за овие луѓе. Со оглед на тоа што постапката за азил во САД се влече и по цели месеци, бројни мигранти остануваат заглавени во Мексико, без работа, без сместување и зависни од помошта на државата. Градоначалникот на Тихуана, заедно со стотици жители, побараа од мигрантите да се вратат во нивните земји: Хондурас, Ел Салвадор и Гватемала, од каде што пред околу еден месец тргнаа во бегство поради сиромаштијата и насилството кои владеат таму.
Граница САД-Мексико: Бетон наместо челик
Ѕидот на границата со Мексико ќе се гради. Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша соодветен декрет. На делови од границата веќе има ограда. Дали сега челикот ќе биде заменет со бетон?
Фотографија: Reuters/J. L. Gonzalez
Трамп има искуство со градење
„На нашата јужна граница ќе изградам голем ѕид. Никој не гради ѕидови подобро од мене и за тој ѕид ќе плати и Мексико.“ Тоа американскиот претседател Доналд Трамп го изјави во текот на кампањата. Досега тој градеше пред сѐ висококатници и хотели. Ѕидот на границата е на прво место на неговиот план од 10 точки во делот на политиката на доселување.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/C. Torres
Крај кој завршува „нигде-никаде“
Границата меѓу САД и Мексико е долга околу 3.200 километри. Од нив со жица се обезбедени околу 1.100 километри. Границата минува низ четири американски и шест мексикански сојузни држави, минува низ пустина и големи градови. Поради лошата пристапност, еден мал дел од границата во Њу Мексико е отворен. На други места пак патролираат службеници за заштити на границата.
Фотографија: Reuters/M. Blake
Несовладлив челичен џин
Бројот на илегални доселеници во САД се проценува на околу 350.000 годишно. Голем дел од нив доаѓаат од Мексико. Дел од доселениците од Мексико се толерираат. Од друга страна, мексиканските семејства не добиваат виза. Доселениците си посакуваат подобар живот, работа и повеќе пари за своите семејства.
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Zepeda
Само мал допир
Семејствата живеат разделени со ограда. Прегратка не е можна. Во најдобар случај низ челичните шипки може да се протне рака. Ако Доналд Трамп го оствари најавеното, тогаш наместо челик овде ќе има бетон. Тогаш и мал допир нема да биде можен.
Фотографија: picture-alliance/ZumaPress/J. West
Од изолација до предрасуди
„Кога Мексико праќа луѓе, тогаш не ги испраќа најдобрите“, рече Трамп во текот на кампањата. „Испраќа луѓе кои прават многу проблеми. Тие носат дрога, злосторства, силувачи. Некои, би рекол, се и добри луѓе.“ Трамп сака да ги протера илегалните доселеници, барем оние кои се со криминално досие. Сепак, и покрај заканите, многу Мексиканци не се откажуваат од своите планови за бегство во САД.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/G. Bull
Пустина, граница и назад
За некои Мексиканци сонот завршува на границата. Тие завршуваат в затвор. Други за илегално минување преку границата плаќаат со својот живот. Медиумите критикуваат дека безбедносните сили пукаат преку границата. Дури во 2015 година за тоа првпат е обвинет припадник на американската погранична служба.
Фотографија: Reuters/D.A. Garcia
Со сачмарка против непожелните гости
Џим Чилтон, американски фармер, во патрола низ својот имот. Неговата фарма на површина од 200.000 квадратни метри на југоистокот од Аризона граничи директно со Мексико. Помеѓу има само бодликава жица. Чилтон се смета себеси лично одговорен за безбедноста и одвреме-навреме посега по сачмарката.
Фотографија: Getty Images/AFP/F.J. Brown
Чуден крај
„Тортиља ѕид“ е потценувачкиот назив на 22,5 километри долгиот дел од границата меѓу Отеј Меса Бордер Кросинг во Сан Диего (Калифорнија) и Пацификот. Оградата завршува во водата. За да се побегне на другата страна е доволно само да се исплива околу оградата.